EXTREME E–Зеленото Икс-При на Уругвај-ГУТИЕРЕЗ И ЛОЕБ СЕ НОВИОТ ШАМПИОНСКИ ДУЕТ

19/12/2022

ЕДНА ОД НАЈЗЕЛЕНИТЕ ДРЖАВИ НА ПЛАНЕТАТА И НАЈСТАБИЛНАТА ЕКОНОМИЈА ВО ЈУЖНА АМЕРИКА, УРУГВАЈ, БЕШЕ ДОМАЌИН НА ФИНАЛНАТА И ВОЕДНО НАЈВОЗБУДЛИВА ТРКА ОД ГОДИНЕШНИОТ ШАМПИОНАТ НА EXTREME E.

 

Три причини беа во фокусот на Extreme E при одлуката последната рунда од годинешниот шампионат да се вози во Уругвај. Свртување на вниманието кон сочувување на морскиот свет, интензивниот развој на екотуризмот и подигањето на свеста за развој на обновливи извори на енергија.

После Бакарното Икс-При на Чиле, Уругвај е втората по ред држава од Јужна Америка која заради своите напори за зелена иднина се најде на агендата на електричната одисеја на Extreme E. Без оглед што со популација од 3,5 милиони жители Уругвај е втората најмала држава во Јужна Америка, веднаш зад Суринам, неговата ориентација кон обновливите извори на енергија го претвора во зелен лидер на континентот, но и во светот. Уругвај е исправен пред низа од проблеми заради климатските промени. Заради претежно низински релјеф најмногу страда масовно распространетото сточарство, но и земјоделството. Гранки кои се главен извор на приходи за опстанок на населението. Од друга страна заради брегот кој се протега во должина од околу 700 километри подеднакво страда и морскиот свет кого во Уругвај го има во изобилство. Мешањето на топлата океанска струја на Атлантскиот океан која доаѓа од Север и ладната струја која доаѓа од Југ создава еден од најпродуктивните водни системи на светот. Крајбрежјето на Уругвај е природно престојувалиште, но и миграциска рута на китови, делфини, фоки, морски лавови, риби, ајкули, морски желки, морски птици и други видови. Морскиот свет на Уругвај го сочинуваат и големи површини на корални гребени и морски кањони од кои повеќето сѐ уште се неистражени. Затоа Уругвајците се обидуваат да го спасат и ревитализираат богатиот морски живот преку низа од активни програми. За таа цел Extreme E договори трајно партнерство со OCC – Organization for Cetacean Conservation, невладината организација која изведува обемна програма за зачувување на морскиот свет и држи обуки за развој на морски екотуризам. Тие сметаат дека преку одржливо риболовство и туризам ќе се сочува рибниот фонд и воедно ќе се обезбедат средства за натамошно сочувување на морскиот свет.

Посебно внимание се насочува кон подобрување на дигиталниот каталог за фотографска идентификација на китовите кои постојано минуваат крај брегот на Уругвај и се најважниот морски вид кому му треба заштита. Но, тука е и грижата за цели колонии на малиот морски лав и посебниот вид на крзнени фоки стационирани на островот Лобос кој се наоѓа на само осум километри од брегот.

Фасцинантно е колку една мала држава може толку многу да биде насочена кон создавање на обновливи извори на енергија. Енергетскиот систем на Уругвај го сочинуваат само хидроелектрични централи и полиња со ветерници. Всушност кога станува збор за електрична енергија добиена од ветер придобивките на Уругвај во светски рамки го ставаат на лидерска позиција заедно со држави како Данска, Ирска и Португалија. Воедно, Уругвај е една од подобро снабдените држави на планетата со електрична енергија. Имено дури 99,9% од домовите се поврзани на електричната мрежа. Токму отсуството на фосилни горива е уште една од причините зошто електричната одисеја одлучи годинешното финале да се одржи токму тука.

 

Пред стартот на финалната трка четири тима се во можност да ја освојат годинешната титула. Тоа се: Rosberg X Racing, X44 Vida Carbon Racing, Acciona Sainz XE Team и No.99 GMC HUMMER EV Chip Ganassi Racing.

Меѓусебните дуели од првата квалификациска сесија плус двете рунди од втората ги оформија двете групи од по три тима кои ќе се натпреваруваат во првата и втората полуфинална група. По квалификацијата преостанатите четири тима останаа да ја возат лудата трка, за најбрзиот да оди директно во финалето.

Во првата полуфинална група тимовите на Veloce Racing, ABT Cupra XE и No.99 GMC HUMMER EV Chip Ganassi Racing се бореа жестоко на својот пат кон финалето. Со постојани престигнувања и возење на нож победата му припадна на тимот на Veloce Racing. Втор низ целта мина тимот на No.99 GMC HUMMER EV Chip Ganassi Racing, а веднаш зад нив беше тимот на ABT Cupra XE. Меѓутоа низата грешки кои ги направија возачите на No.99 GMC HUMMER резултираа со казнени секунди кои беа доволни за да го фрлат тимот на последната позиција. Така Veloce Racing и ABT Cupra XE продолжија директно во финалето.

Во втората полуфинална група борбата меѓу тимовите Genesys Andretti United Extreme E, NEOM McLaren Extreme E и Acciona Sainz XE Team беше уште пожестока. Тимот на Acciona со Лајла Санц зад волан стартуваше молскавично и поведе, меѓутоа Кејти Мунингс од Genesys Andretti и Ема Гилмор од NEOM McLaren ја престигнаа на првото свртување. Шпанката успеа да се врати и во обид да ја престигне Гилмор се преврте. Mоментумот од превртувањето го исправи возилото повторно на тркала ѝ и дозволи на Санц да стигне до целта. Сепак, тоа не беше доволно за пласман во финалето каде се најдоа Genesys Andretti и NEOM McLaren.

Лудата трка навистина беше луда. Победата отиде во рацете на Х44 Vida Carbon Racing единствениот тим кој заврши без последици и казни. Најголем губитник беше тимот Rosberg X Racing кому во вода му пропаднаа шансите за титула. Го оштетија возилото во дуел со тимот JBXE, a на крај беа дисквалификувани. Тимот на JBXE не ја заврши трката, додека тимот на Xite Energy Racing беше казнет.

Во финалето според правилата се најдоа победниците и второпласираните од двете полуфинални трки, односно тимовите на Veloce Racing и ABT Cupra XE и на Genesys Andretti и NEOM McLaren. Додека петтиот тим Х44 Vida Carbon Racing дојде директно по победата од лудата трка. Без оглед на желбата за победа трката течеше релативно смирено и му овозможи на тимот ABT Cupra XE да ја однесе првата победа годинава. Втор заврши тимот на NEOM McLaren, а трет тимот Х44 Vida Carbon Racing. Без оглед на третата позиција Х44 Vida Carbon Racing со Себастјан Лоеб и Кристина Гутиерез зад волан освоија доволно бодови за да ја освојат и шампионската титула. Тимот на Rosberg X Racing мораше да се задоволи со второто место, а тимот Acciona Sainz со третото.

После петте трки од годинешниот шампионат на Extreme E, тимот X44 успеа да освои 86 бода, само два повеќе од второпласираниот тим RXR кој има 84 бода. Третопласираниот тим Acciona Sainz со своите 66 бода и бездруго беше далеку од борбата за годинешната титула.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.