НАЈСУВОТО МЕСТО НА ПЛАНЕТАТА СО ПОМАЛКУ ОД 1 MM ДОЖД НА МЕТАР КВАДРАТЕН ГОДИШНО БЕШЕ БОЈНОТО ПОЛЕ НА КОЕ СЕ ОДРЖА ЧЕТВРТАТА ТРКА ОД ГОДИНАШНИОТ ШАМПИОНАТ EXTREME E КОЈ ЗА ПРВПАТ СЕ ВОЗИ ВО ЧИЛЕ
Причината заради која Extreme E одлучи да ја вози оваа рунда токму во Чиле во пустината Атакама, е за да се промовира начинот на кој успеваат да го сочуваат биодиверзитетот во едни од најекстремните услови што владеат на планетата.
Четвртата трка се одржа во близина на градот Антофагаста сместен северно од престолнината Сантијаго и тесно поврзан со рударство од средината на 19-от век. Таму во радиус од 50 km се наоѓаат трите најголеми рудници за бакар во светот кои лошо влијаат на околината повеќе од век и половина. Но, од пред неколку години одговорните одлучија да го сменат начинот на кој рударството влијае врз животната средина. Посебно кога станува збор за најсувото место на планетата каде заради суровите услови биодиверзитетот и бездруго е ограничен. Од околу 5.100 видови на флора и фауна кои се забележани во Чиле повеќе од 2.500 видови се ендемски и не можат да се најдат на друго место во светот. Затоа рудниците во 2019 година започнале со низа проекти кои имаат за цел да ги вратат загрозените видови во бројност во која биле пред да почне нарушувањето на природата.
Најголемиот проект започнал во малиот рударски град Калама поставен на реката Лоа каде во функција е еден од трите рудници. Заради уништувањето пред 2019 година еден вид на ендемска жаба која живеела на реката била загрозена скоро до истребување. Жабите имаат пропустлива кожа и чувствителни се на загадувачките материи, а бидејќи живеат и во вода, и на копно, тие се најдобар показател за чистотата на средината. Затоа загрозените жаби биле изловени и ставени во контролирани услови во Националната зоолошка градина на Чиле каде биле поттикнати на размножување. Од само 14 жаби во само 3 години закрекале повеќе од 600. Во меѓувреме реката Лоа со околината е исчистена, загадувачките материи се филтрираат, а водостојот се одржува со доведување на морска вода која се десалинизира. Опстанокот на жабите во новосоздадените услови е доказ дека потфатот функционира, а рудниците за бакар се урнек дека доколку се сака индустријата може да се развива и да влијае позитивно врз животната средина.
Благодарение на Extreme E кого го следат милиони гледачи ширум светот преку отворени канали пораката за успешната симбиоза меѓу рударството и животната средина патува. Надежите се дека ќе стигне онаму каде што е најпотребна.
Условите кои владеат во Атакама не се сурови само за растенијата и животните кои живеат таму. Тие се подеднакво сурови и за екипажите, и за електричните автомобили Odyssey 21 кои го сочинуваат шампионатот. Големата надморска височина и реткиот воздух ги става пред предизвик екипажите кои мораат пешки да го минат теренот каде возат и да го запознаат пред да седнат зад волан. Електричните автомобили немаат мака од реткиот воздух како оние со класичен погон, бидејќи на нивните мотори не им треба кислород за да согоруваат гориво. Сепак, грубиот терен, ситните карпи со остри рабови и големите косини кои наликуваат на ролеркостер ќе бидат предизвикот за нив.
После меѓусебните дуели од првата квалификациска сесија и двете рунди од втората квалификациска сесија се добија групите од по три тимови кои се натпреваруваат во првата и втората полуфинална група и секако преостанатите четири тимови кои ја возат лудата трка.
Победата во првото полуфинале му припадна на тимот Rosberg X Racing со Јохан Кристоферсон и Микаела Алин-Котулински. Тие очекувано ги „надвозија“ Карлос Сајнц и Лаија Санц од тимот Acciona Sainz XE кои завршија втори, и Кеjти Мунингс и Тими Хансен од тимот на Genesis Andretti кои мораа да се задоволат со третата позиција во групата.
Второто полуфинале го освои тимот Х44 Vida Carbon Racing со Себастијан Лоеб и Кристина Гутиерез. Нивните перформанси уште на квалификаци ите покажуваа дека можат да ги победат второпласираните Насер Ал Атија и Клара Андерсон, која ја замени болната Јута Клајншмит во тимот на ABT Cupra XE, и Сара Прајс и Кајл Ледук од тимот на No.99 GMC Hummer EV Chip Ganassi Racing.
Според правилата тимовите на RXR и Acciona Sainz од првото полуфинале и тимовите X44 и ABT Cupra од второто полуфинале заминаа директно во финалето каде се пласираше и тимот Neom McLaren со Ема Гилмор и Танер Фоуст кои победија во лудата трка. Стартот на финалето донесе неочекуван заплет. Тимот RXR беше принуден да се откаже заради технички проблеми со што ја напушти и шансата да го освои шампионатот на една трка пред крај на сезоната. Како прва резерва во финалето влезе тимот на No.99 GMC Hummer EV Chip Ganassi Racing со Сара Прајс и Кајл Ледук подготвен да изненади како на првата трка на Сардинија.
Од старт жестока борба се водеше меѓу тимовите Х44 и Neom McLaren. Лоеб поведе и веднаш доби лут ривал. Американецот Фоуст приреди големо изненадување кога успеа да им побегне на останатите и да се залепи до рели-легендата. Водечката двојка полека му побегна на Ледук кој за третото место го престигна Сајнц. Фоуст не попушташе. Успеа да ја искористи шансата во последниот свијок пред зоната за замена на возачите и го престигна Лоеб. По молскавичната замена за победа одлучуваа Ема Гилмор и Кристина Гутиерез. Во еден напнат дуел каде возеа безмалку браник до браник Гилмор ја престигна Гутиерез извојува победа. Прва за тимот на Neom McLaren. Гутиерез мораше да се задоволи со второто место, а Сара Прајс од тимот на GMC Hummer со третото.
Меѓутоа по завршувањето на трката заради промашување на одредени точки на трасата кои мораат да се минат Гилмор и Прајс беа казнети. Така тимот на GMC Hummer падна на четврто, а тимот на Neom McLaren на последно петто место. Победата отиде во рацете на Лоеб и Гутиерез и нивниот тим Х44. Втор беше тимот Acciona Sainz со Сајнц и Санц, а трет тимот ABT Cupra со Ал-Атија и Андерсон.
После четири трки во генерален пласман останува да води тимот RXR со 83 бода. Следат тимовите Х44 со 66 бода и Acciona Sainz со 60 бода. Четврти е тимот Ganassi со 55 бода. До крај на сезоната останува уште една трка која се вози на крајот на ноември.