DS N°8-ЛАЃА НА ТРКАЛА

19/12/2024

Ако Цитроен подзастана со авангардните облици, тогаш таа улога несомнено ја презема неговата премиум марка ДС. Да се биде поинаков од останатите, да се биде оригинален, да се има тоа што другите го немаат, но не заради украс, туку истото да биде практично и употребливо, но и ергономски решено. Тоа му успеваше на Цитроен и сѐ уште му успева (донекаде), но отсега натаму таа напредна сила во дизајнот ја носи и ќе ја носи и марката ДС.

Слободно можеме да кажеме, комби купе лимузината „дс но 8“ е продолжение на концептот „дс аеро спорт лонж“, претставен во 2020 год. Иако серискиот модел доцни, дури по пет години концептот влегува во производство, сепак е посебен и е класа за себе. Да кажеме дека малку преовладува духот на легендарниот „цитроен дс“ (1955-1975) дизајниран од Фламинио Бертони и Андре Лефебре. Од овој модел потекнува и името на новооснованата марка ДС (2009 год.). Има нешто во дизајнот и од аеродинамичниот „цитроен икс м“ (1989 – 2000) создаден од студиото Бертоне.

Дизајнот на „дс но 8“ (комбинција од кросовер и сув) е дело на Томас Духемел, а тој многу убаво ја испеглал школката така што коефициентот на отпор на воздухот е меѓу најдобрите во класата, Ц икс 0,24. Сепак секогаш може подобро, затоа што тој ист коефициент кај градска класична комби лимузина дизајнирана и направена пред точно 40 год. изнесува неверојатни 0,27, што е повеќе од одличен за тоа време. И не заборавајте дека „ланча ипсилин 10“ има должина од само 3,6 м, а „дс но 8“ е 4,82 м комби долга купе лимузина, широка 1,9 м и висока 1,58 м. Многу е полесно да се изведе поволна аеродинамика на лимузина, отколку на мало градско возило.

Перјаницата во семејството „дс но 5“ се произведува во италијанска фабрика, поточно во Мелфи. Треба да се нагласи дека оваа лимузина е чисто електрична и е прва со таков погон во семејството, правена на основата (платформата) позната под името „стла медиум ево“. Класика од комби „лимо“, пет врати, четири или пет седишта, со погон на предна оска или погон на сите тркала. На почетокот ќе се вградува 74 kWh батерија и електромотор со 230 КС кој ја задвижува предната оска плус дополнителни 30 КС кои се употребливи во кус временски интервал. Оваа изведба изминува 486 км, а потоа мора да оди на повторно полнење на батеријата. Подоцна ќе следи вградување на 74 kWh батерија која нуди совладување на растојание од 572 км, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч временски е еднакво на 7,7 сек. Батеријата со 97,2 kWh ја вградуваат во најскапата изведба наречена „авд лонг рејнџ“ со погон на сите тркала. Лимузината со таа батерија изминува 686 км, а со електромоторот од 350 КС забрзувањето е во знакот на закоравените купе автомобили, само 5,4 сек. Без разлика на силината од електромоторите, крајната брзина во сите изведби е иста, 190 км/ч.

Марката ДС е премиум класа и тоа во превод значи луксуз, а луксузот се плаќа со повеќе пари. И сега си го поставувате прашањето какви материјали има внатрешноста? Сѐ е одбрано, доведено до перфекција. Цената и деталите ги знае само увозникот.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.