DELAGE-Вистинската реткост, марката се враќа на старите патеки

18/08/2020

Марката Делаж не е многу или воопшто не е позната кај поширокиот дел од автомобилската јавност, но сепак летово нејзиниото име повеќе пати е спомнато. Колку и да е често спомнувана, заслужува поголемо внимание од сегашново, затоа што фирмата била „под клуч“ цели седум децении.

И сега кога електромобилите се во некој налет, но и мода, компанијата „Делаж“ продефилира со концепт автомобил, кoј многу наликува на болидите од формула 1. Официјално автомобилот е концепт, но уште при светската премиера производителот нагласи дека токму тоа што што е изложено наскоро ќе може и да се купи, а не само да се гледа. Многу смел потез на малата компанија која нагласи дека нивниот супер автомобил е најбрзиот хибриден на светот кој може да се регистрира. Сега ќе видиме зошто е тоа така како што велат конструкторите на „делаж д 12“. Инспирација е добиена од претходно спомнатите болиди, а потоа и од суперсоничните авиони, затоа оттаму потекнуваат двете седишта, но во тандем, еден зад друг и додаваат: управувањето ќе биде со џојстик како во авионите ловци, а седиштата строго карбонски со сигурносни ремени во четири точки „Н“.

Погонските единици се следниве, една со внатрешно согорување од француско производство со 12 цилиндри во V чија работна зафатнина изнесува 7,6 литри, обичен без турбо компресор, но со осумстепен автоматски менувач. Од него „излегуваат“ 1004 КС и заедно со силината од електромоторот има вкупно 1115 КС. Има уште еден електромотор со 20 КС, но тој е помошен и за употреба при паркирање и возење во „затнатите“ со автомобили градски средини.

Автомобилот „делаж д 12“ е развиван од тим на луѓе кои се сопственици на 16 светски шампионски титули во класата на автомобили. Да спомнеме неколку имиња, Жак Вилнев, светски шампион во формула 1 и Бенои Багур двоен светски шампион во туристичката класа.

Ако сè оди според планот и сите работи течат како што е зацртано, испораката на првиот „делаж д 12“ ќе се случи наредната година, а ќе бидат произведени само 30 примероци. Цената за еден примерок изнесува скромни или не, 2,3 милиони долари. Конструкторите и одговорните лица имаат желба со автомобилот да постават нов рекорд на патеката Нирбургринг, вклучувајќи ја и „нордшлајфе“.

Кога пред петнаесетина години се „појави“ една од најголемите економски падови во автомобилската индустрија и кога обичните, секојдневните автомобили најмногу настрадаа, тогаш во светот најмногу се продаваа луксузните автомобили. Верувале или не, во тие години Ферари, а посебно Ролс Ројс и останатите од класата бележеа врвни продажни резултати. Такви бројки директорите и одговорните не гледале ни на сон, а не, пак, на јаве. Сепак се случи најголемото изненадување, рекордните продажби и натаму се присутни во тој дел од индустријата на четири тркала. Затоа враќањето на Делаж не е ништо чудно. Имаат тим од врвни стручни лица и прекрасна марка која повторно треба да заживее по седум децении пауза.

Делаж е француска марка основана од Луи Делаж во 1905 година. Произведувала луксузни лимузини и спортски купе автомобили. Поради финансиски проблеми компанијата ја купува Делхае во 1935 година. Во повоените години производството не било којзнае какво, а интересот за такви автомобили опаднал, така што одговорните ја затвораат фабриката и марката во 1953 година. Инаку марката во тоа време била често учесник на трките и една од водечките во автомобилскиот спорт.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.