DACIA SPRING ELECTRIC-На повидок „демократизација“ во светот на електромобилите

22/10/2020

Точно на половина од месец октомври романскиот производител на моторни возила Дачија премиерно го претстави моделот „спринг електрик“. Тоа е првото целосно електрифицирано возило кое излегло од погоните на Дачија. Тука имаме еден многу занимлив миг, а тоа е цената на возилото. Одговорните најавуваа и своето ветување го исполнија – велеа ќе направиме нашето електрично возило да биде достапно за што поголем број купувачи со цена која ќе биде ненадмината од останатите производители.

Сето тоа е за пофалба, но тие одговорните, многу нешта спомнаа за време на светската премиера, но цената не ја обелоденија. Моделот може да се окарактеризира како мал кросовер со димензии: 3734 мм должина, 1622 мм ширина и 1516 мм висина и 2423 мм  меѓуоскино растојание. Најниската точка од каросеријата во однос на подлогата е поставена на висина од 150 мм. Според димензиите „дачија спринг електрик“ е претставник на ниската средна класа или сегментот „б“, само што има благ облик на сув возило. Веднаш на почетокот од продажбата моделот ќе се нуди во две изведби, патничка и доставна. Вторава изведба е наречена „карго“ и располага со товарен простор долг 1033 мм чија зафатнина изнесува 800 литри, со носивост од 325 кг. Во патничката изведба одделот за товар располага со 300 литри зафатнина, а со склопена задна клупа се добиваат 600 литри. И најважно тоа што нема луксузирање, на пример, клима уредот и навигацијата се нудат со доплата.

Вториот занимлив податок за возилово е неговото потекло. Не е нова конструкција, туку е позајмена од веќе провереното возило наменето за кинескиот пазар, а тоа е „рено сити к – з е“. Сега имаме уште еден „миг“ кој ја потврдува неговата ниска цена. Возилото „рено сити к – з е“ е приспособено и именувано како „дачија спринг електрик“. Што значи тоа во „превод“ – нема трошоци за развој, нема дополнителни испитувања. Сè е скроено и сега се чека на масовното производство. Сето тоа убаво звучи, но зошто првите луѓе во Дачија не ја спомнаа цената или сè уште постојат дилеми дали и колку таа цена ќе биде пазарно исплатлива.

Електромоторот располага со силина од 45 КС, а напојувањето со електрична енергија оди преку 26,8 kWh литиум јонска батерија. Максималната брзина е 125 км/ч, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч не беше спомнато. Со едно полнење на батеријата возилото може да измине 225 км. Ако се вклучи штедливиот режим на работа тогаш максималната брзина изнесува 100 км/ч и притоа возилото го „влечат“ 31 коњ, а не 45. Полнењето на батеријата трае скоро 14 часа, во домашни услови, преку 7,4 киловатен полнач времето е далеку покусо, односно за помалку од пет часа, а најбрзо се полни преку 30 киловатен терминал – 80% за помалку од еден час. Велат возилото ќе предизвика своевидна револуција во светот на електрифицираните, за кои сега владее мислење дека се прескапи за масовна употреба, додека „дачија спринг електрик“ нуди рационалност, практичност и крајна употребливост во која можат да се сместат, четири, односно пет лица. Продажбата ќе започне во втората половина од 2021 година.

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.