Шпанскиот производител СЕАТ не така одамна, „отвори“ спортска дивизија на веќе постоечката марка и ја нарече Купра на која засега добро и оди. Годинава на Салонот за автомобили во Женева требаше премиерно да биде претставен моделот „форментор“ – кросовер сув во купе изведба. Дизајнерски има од сè по нешто, а најмногу лута спортска линија и оштри рабови. Ако некој ве прашува дали „форментор“ ја има спортската агресивност во дизајнот, вие одговорете потврдно. Возилото e долго 4,45 метри, што значи е наменето за семејства иако неговата форма е купе.
Сега треба да го спомнеме и товарниот простор со неговите 450 литри. Погонските единици, две на број, располагаат со 310 и 159 КС. Тие силини потекнуваат од редни четирицилиндрични бензински мотори со зафатнина од 2,0 и 1,4 литри. Втората погонска единица всушност е хибридна („плаг ин“) и заедно со силината од електричниот мотор, возилото поседува 245 КС. „Купра форментор“ може да се вози и на исклучиво електричен погон со тоа што може да измине само 50 км.
Новото возило ги има сите електронски благодети, од кои вреди да се спомне динамичката контрола на шасијата, сензорите го снимаат теренот (подлогата) и начинот на кој возачот го управува возилото, а компјутерската единица сето тоа го канализира и врз база на податоците од сензорите соодветно ги подесуваат амортизерите. „Купра форментор“ треба да влезе во продажните места на крајот од годинава.