Меѓу најпознатите дизајнери на денешницава се вбројува и Јан Калум, некогаш вработен во Форд, потоа ТВР, Астон Мартин, а од 1999 до 2019 год. работи за Јагуар, односно Јагуар Ленд Ровер. Текстов не го посветуваме на неговата кариера, туку на неговото дизајнерско студио со име Калум, отворено пред неколку години. Искористувајќи го до крајни граници своето умеење, Јан Калум заедно со тимот од конструктори неодамна го претстави своето прво возило наречено „калум скаји“.
Најубав дел од „скаји“ е тоа што има посебен облик, не наликува на ниту еден друг. Тоа мора да биде нагласено, и секоја пофалба за Јан Калум, бидејќи создал несекојдневен дизајн. На прв поглед „калум скаји“ повеќе наликува на теренско возило. Во најавата производителот го најавува посебниот „сув“ како возило кое ќе ве однесе секаде каде ќе замислите, велат дека располага со врвно подвозје совладување секакви терени. Значи „калум скаји“ е сув за секаков терен и најмногу е наменето за тие со малку послободен дух проткаен со авантуризам.
Но ако возилото некој го гледа како градско превозно средство, тогаш греши. Секако возилото може да послужи за превоз и во градските средини, но неговата природна средина не е асфалтот, туку надвор од него. Располага со 2+2 седишта, електричен погон со 42 kWh батерија и нејзино полнење за околу 10 минути, 275 км со едно полнење на батеријата, 1.150 кг, должина не цели 4,0 м, од 0 до 100 км/ч за 4,4 секунди што е над очекувањата бидејќи ова е теренско возило и нема потреба од забрзувања како да е Ферари. Цената на возилото засега не се соопштува, бидејќи „калум скаји“ сѐ уште се наоѓа во развој, а теренските тестирања сѐ уште се на почетокот.
Жарко Атанасоски