Појавувањето на кросоверот „икс м“ донесе нов ветар во БМВ, најмногу во делот на дизајнот. Обликувачите на автомобили решиле да ја обноват и видоизменат досегашната линија. Започнаа со концептот „икс м“ најголемиот и најновиот во семејството, а продолжуваат со „икс седумката“. По четири години продажба, одговорните го обновија спомнатиот модел во кој најмногу му посветија внимание на дизајнот, пространоста и удобноста. Кога веќе го спомнавме просторот ред е да ги откриеме димензиите, 5,15 метри должина, 2,0 м ширина и 1,8 метри висина. Во овие „бројки“ БМВ нуди изведби со шест и седум седишта во кои вториот ред има одвоени седишта. Потоа, покрај 20 и 21 инчните тркала нуди дури и 23 инчни по желба на купувачот. „БМВ икс 7“ е модел во кој се вградуваат најголемите тркала, ако тоа воопшто некому му е важно да го знае овој податок. Патниците се најбитните, за возачот управувач со „пеперутки“ преку кои се менуваат брзините, потоа на ред е клима уредот со четири зони, внатрешност од квалитетна (напа) кожа и триделен панорамски покрив во кој има лед сијалички кои навечер „глумат“ односно прават небески свод.
Кај БМВ вториот битен чинител е погонската единица, односно единици. Обновената „икс седумка“ поседува три мотори со три силини, тоа значи дека нема удвојување на силините кај еден мотор. Некои ги исклучуваат дизел моторите од прогрaмата, но БМВ сè уште ги вградува. Изведбата „40 д“ е всушност 3,0 литарски турбо дизел мотор со солидна силина, 352 КС. Веднаш до него е бензинскиот „40 и“ со иста зафатнина и ист број цилиндри, но со 380 КС. Изведбата која носи ознака „м 60 и“ поседува 4,4 литарски бензински турбо мотор со „скромни“ 530 КС. Сите мотори се умерено хибридни, 48 волтен уред способен да произведе дополнителни 12 КС. Трите мотори користат автоматски осум степен менувач наречен „стептроник“ со чија помош силината од моторите се пренесува до сите тркала, „икс драјв“. Стасавме до погонот на двете оски. Таквиот погон му овозможува на возилото да се снајде и надвор од асфалтот, но под услов да носи соодветни пневматици. Сигурно нема да го натерате „бмв икс 7“ со 23 инчните тркала да ве вози по ливади – може, но во крајна нужда.
Тесни горни светла кои ги нарекуваме паркинг, за означување на возилото, а малку подолу уште еден ред светла, односно средните и долгите, додека во средината доминира решетката поделена на два дела која сега не е поголема, туку малку повеќе поголема. Така одлучиле дизајнерите. Најновите дизајнерски решенија ќе служат како препознатлива линија за идните возила од баварската работилница.
И за крај толку важните екрани, едниот пред возачот со 12,3 инчи, а тој средишниот 14/9 преку кој ја следите работата на аудио уредот, интернетот и уште ден куп други работи, а и за гледање спортски настани, вести, филмови и тн. Продажбата започнува во август со почетната цена од 105.000 евра за „основната“ изведба.