На истекот од четирите години постоење на седмата генерација од моделот „5“, челниците од БМВ одговорија со негово обновување. Секогаш автомобилите биле обновувани, месец помалку или повеќе, на истекот од четвртата година или веднаш по истекот на таа „фамозна“ четврта година. Тоа е некое непишано правило на кое се придржуваат скоро сите производители. На прв поглед веднаш се приметуваат новите потенки лед светла, а како опција се нудат и тие со ласерска технологија. Една од поголемите новини која е присутна во обновената серија „г30“ е воведувањето на стартер генератор со силина од 11 КС кој работи под напон од 48 волти и во моментите кога автомобилот забрзува му помага на моторот, а при сопирање враќа струја во батериите. Оваа технологија „лесен (мал) хибрид“ ја имаат сите мотори. Од БМВ сериски добивате 10,25 инчен, а тој со 12,3 инчи дијагонала, за него ќе доплатите.
Покрај дизајнерските надворешни и внатрешни измени, БМВ во обновената „петка“ нуди една цела палета од дигитални безбедносни системи потпомогнати од сензори и камери. Автомобилот преку таа електроника ги памти последните 50 метри од возењето, на пример влегување во паркинг. Како што е паркирано возилото, така тоа само излегува од паркингот по истиот пат. Преку нова генерација од системот за глобално позиционирање автомобилот ги препознава коловозните ленти и кога доаѓа возило на брза помош, пожарна или полиција, возилото само, автоматски формира колона, скршнува во лево или во десно, оставајќи го средишниот дел од патот слободен за возење. Ова е можно само во матичната земја, затоа што тие имаат систем за препознавање на знаците на патот со помош на уредот „гпс“. Сето тоа се следи и регистрира на толку бараните монитори.
Погонските единици, покрај класичните бензински и дизели, има и два „плаг ин хибрид“, тоа се 530е (2,0 со 292 КС) и 545 (3,0 со 394 КС). Претходно спомнатата класика ја предводи 2,0 бензинскиот со 184 КС, а потоа следат: 530и (2,0 со 252 КС), 540и (3,0 со 333) и 550и (4,4 со 530 КС), а дизел моторите се следниве: 520д (2,0 со 190 КС), 530д (3,0 со 286 КС) и 540д (3,0 со 340 КС).
И за крај, да го спомнеме погонот на сите тркала, „иксдрајв“, го има во сите изведби со исклучок на изведбата „520“. Во меѓуврме можно е да има уште некоја погонска единица во зависност од барањата на соодветните пазари, но тоа останува под знак прашалник. Продажбата треба да започне во втората половина од месец август. За повеќе информации обратете се кај увозникот.