Баварскиот производител на патнички моторни возила од премиум класата, најави светска премиера на моделите, лимузината „м 3“ и нејзиното купе „м 4“. Тоа „м“ во ергелата на баварската работилница значи моторспорт, а штом е така тогаш во овие два модели ќе има не многу туку премногу коњски сили. Податоков за многуте коњски сили доаѓа директно од врвот на компанијата која најавува многу поснажни погонски единици од претходната серија. Според распоредот и планот, новитетите треба да бидат прикажани пред светската јавност годинава во септември.
Стандардните модели ќе носат линијски шестцилиндричен мотор со зафатнина од 3,0 литри и двојна турбина со чија помош моторот ќе биде способен да произведе фантастични 480 КС и сето тоа со шестстепен обичен менувач. Ова со обичниот менувач е на барање од клиентите ширум светот, на нивно настојување популарниот менувач сè уште е во игра. Моделите со наставка „компетишн“ во себе ќе носат агрегати со зголемена силина, односно 510 КС во комбинација со автоматски осум степен „м стептроник“ менувач.
БМВ уште отсега ветува иновации во обесувањето на тркалата, во пружините и амортизерите, во системот за сопирање итн. Повеќе за спомнатите модели ќе пишуваме некаде на крајот од август и почетокот на септември, во деновите пред светската премиера, која најверојатно ќе се одржи на домашен терен и сетоа тоа преку интернет.
Жарко Атанасоски