Oдиме на југ, таму некаде во подножјето на Алпите, каде „Бајерише Моторен Верке“ премиерно ја претстави најновата лимузина од серијата „5“, но со едно „м“ пред бројката. Беа претставени две изведби, „м5“ и „м5 компетишн“.
Малку беше тоа „м“ и сега додале „компетишн“, како да сакаат да нагласат дека претставуваат туристички автомобил подготвен за натпреварување. Тоа е така затоа што моделот со натписот „натпреварувачки“ поседува 625 КС, но и другиот без наставката има „само“ 600 КС. Потребни им се 3,3 односно 3,4 секунди да постигнат 100 км/ч тргнувајќи од место.
Традиционалните купе спортски автомобили кои отсекогаш оддавале слика на голема брзина, силина со стотици коњи, денес како да ја губат таа надмоќ. Тие се забрзувањата, плус минус една до две десетинки од секундата и тоа е сè. Ако ја гледаме економската исплатливост, спортските лимузини, а меѓу нив и овие од БМВ, се многу поевтини од класичните спортски купе автомобили од нам добро познатите марки: Ферари, Масерати, Ламборџини, Порше итн. Тие автомобили со по 600 КС чинат над 200.000 евра, а спомнатите од БМВ околу 150.000 (околу 110.000 долари во САД).
Огромните силини се произведени од страна на осумте цилиндри поставени во V чија работна зафатнина изнесува 4,4 литри. И секако во создавањето на тие силини учествува турбо компресор, инаку близнак во хороскоп.
Двете изведби сериски се опремени со погон на сите тркала, познат како „икс драјв“. Возачот може да бира дали сака да вози со класичен „4 вд“ погон или со “4 вд“ но со спортска нота, или да одбере погон само на задната оска „2 вд“. Покрај овие, возачот може да избере уште други четири можности, односно стилови на возење. Ако дента не сте расположени за спортско возење, одберете „комфорт“ возење, но ако сте за возење како на трки, тогаш ја имате на располагање опцијата „трак“ (тркачка патека). Покрај овие две имате можност да бирате помеѓу „спортско“ возење и „спортско плус“.
Според сегашниот план продажбата треба да започне ова лето на средина од август. Цената таму некаде преку „големата бара“ е малку над 100.000 долари, односно 111.100 за „компетишн“, а на континентов 153.000 евра. За подетални информации обратете се кај овластениот продавач. „М“ како молња, а тоа „5“ е нешто како во школо, „седи, одличен пет“.