Салонот за автомобили во Шангај што се одржа во април беше место каде БМВ за првпат ја претстави целосно електричната „седумка“ со погон на сите тркала именувана како „и7 м70 икс драјв“. Двата електромотори кои го задвижуваат возилото произведуваат вкупна силина од 660 КС. Со толку силина на двете оски возилото тешко скоро 2,7 тони постигнува брзина од 100 км/ч з 3,7 секунди, а крајната брзина е ограничена на 250 км/ч. Според производителот, со едно полнење на батеријата „бмв и7 м70 икс драјв“ изминува најмалку 488, а најмногу 560 км. Ако 101 kW батеријата се полни на брз полнач, тогаш од 10 до 80 отсто ќе се наполни за 35 мин. Доколку некој сака да измине повеќе километри, тоа може да го стори со одбирање на режимот „макс рејнџ“, но во тој случај брзината автоматски ќе биде ограничена на 90 км/ч, а ќе се исклучат греењето / ладење на управувачот, и на седиштата, потоа следи исклучување на посебниот режим на работа на вентилацијата и клима уредот. Тоа значи дека режимот „макс рејнџ“ штеди енергија, а потоа истата ја пренасочува за совладување повеќе километри. Најбрзиот и најекстравагантниот во семејството со своите 660 електрични коњи ќе се произведува во фабриката Динголфинг, а производството е планирано од јули натаму.
Ваква лимузина од високата класа мора да има и врвна амортизација, соодветна на удобноста, но и на силината од 660 коњи. Воздушна суспензија со електронски контролирани амортизери и автоматско само-подесување. Ова последново е во содејство со сензорите кои ја скенираат подлогата и откако ќе забележат дека возачот ја зголемува брзината, „вози остро“, на сцена стапува автоматското само-подесување на суспензијата. За опремата не треба да се пишува во детали затоа што лимузина од овој ранг има безмалку сѐ што ќе посакате. За спомнување е каросеријата обоена во два тона – БМВ нуди 100 двобојни комбинации, а вие бирате.