BIZZARRINI GIOTTO-РЕТКА „ЅВЕРКА“

14/02/2023

Бизарини. Името не кажува многу, но ако ги прашате закоравените љубители на автомобилите ќе ви редат приказни цела ноќ и така сѐ до изутрина. Џото Бизарини можеме да го споредиме со виртуозите на виолината Вивалди и Паганини. Тоа што овие двајца претставуваат во светот на сериозната музика, тоа истото важи за Џото Бизарини во светот на автомобилската индустрија – во создавањето на: погонски единици, шасии и динамичките особини на автомобилите. Неговото име е дел од Алфа Ромео, Ферари и Ламборџини. Негови се „ферари 250 гто“ и „250 гт“, „исо ривота гт“, „исо грифо“ со изведбите „а 3 л“ и „а 3 ц“. Учествувал при создавањето на работилницата АТС (Аутомобили Туризмо е Спорт), а негов автомобил има победено во својата класа на легендарната трка 24 часа Леман во 1965 година победувајќи го фаворитот „форд гт 40“.

Откако настанало недоразбирање во таборот на Ферари, поради, Џото Бизарини со уште неколкумина конструктори и механичари го напуштаат Енцо Ферари и во 1964 година отвораат своја работилница именувана како Бизарини. Од таа работилница излегува автомобил со врвни возни особини познат под името „5300 гт“ заедно со презимето на основачот на работилницата. Компанијата престанува со работа во 1969 година, но името Бизарини засекогаш останало во историјата на автомобилската индустрија. Во 2020 год. фирмата Пегасус Брендс ги купува правата за употреба на името, а главниот во сета оваа работа е кувајтскиот стопанственик Резам Ал Роуми кој вложил во обновувањето на марката. Најнапред излезе продолжението од моделот „5300 гт“ со истото име во само 24 примероци со идентичен дизајн, а сега ова новово е нешто сосема друго. Компанијата ветува врвни супер купе автомобили со возни својства какви што досега светот нема видено. И не само овој, туку ќе следат и други модели.

Досега светот познава само два автомобили кои го носат и името и презимето на главните во компаниите, Ферари го има „енцо“ и сега Бизарини го има „џото“.

И овој автомобил ќе биде произведен во ограничена серија, а според цената на претходниот модел, овој би требало да чини околу два милиони долари, нешто слично како моделите од Пагани. Велат во него ќе биде сместен V12 мотор посебно скроен за „бизарини џото“, а неговото производство заедно со шасијата ќе биде под постојан надзор на главниот Крис Порит, некогаш вработен во Римац, Тесла и Астон Мартин.

Дизајнот на „бизарини џото“, односно на марката Бизарини е приказна за себе. Таа е поврзана со Џорџето Џуџаро преку Бертоне. Некогашниот „5300 гт“ беше дизајниран во студиото на Бертоне, а работата ја водеше тогаш младиот и талентиран Џорџето Џуџаро, вработен во Бертоне. Денес „бизарини џото“ повторно е во рацете на семејството Џуџаро, односно дизајнерската куќа ГФГ (Џорџето и Фабрицио Џуџаро). Колку за информација првичната дизајнерска фирма Италдизајн Џуџаро с.п.а. од 2015 е во сопственост на Фолксваген, а истата година Џорџето Џуџаро со својот син Фабрицио ја основаат фирмата ГФГ.

Монокок конструкција, јаглеродни влакна и врвна технологија во заедништво со беспрекорно усогласување на шасијата со V12 моторот и со осум степениот автоматски менувач.

Првите примероци треба да бидат испорачани на крај од 2024 и тоа е сѐ што работилницата Бизарини, сместена исто како некогаш во Ливорно, има соопштено. Детали за автомобилот ќе бидат достапни догодина на лето за кога е закажана светската премиера.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.