Бисери во автомобилската индустрија-ЗАГАТО И НЕГОВИОТ 101 РОДЕНДЕН

26/06/2020

ДА СЕ ОПСТОЈУВА СО РАЧНА ИЗРАБОТКА ВО СВЕТ НА МАСОВНОТО ПРОИЗВОДСТВО Е ВИСТИНСКО ЧУДО И НЕВОЗМОЖНА МИСИЈА. СЕПАК, ВО ТАКВИ УСЛОВИ ОПСТОЈУВА РАБОТИЛНИЦАТА „ЗАГАТО“, ЕДЕН ОД БИСЕРИТЕ ВО АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА, КОМПАНИЈА ЧИИ ЗНАЕЊА И ТЕХНИКИ НА ПРОИЗВОДСТВО СЕ ПОСЕБНИ И СЕКОГАШ ЧЕКОР ИЛИ ДВА ПРЕД ОСТАНАТИТЕ, НО НИКОГАШ ЗАД НИВ.

 

Уште на почеток од текстот во куси црти ќе кажеме што значи името Загато во светот на автомобилите. Неколку светски познати производители се фалат дека се први со употребата на алуминиумот при конструирањето возила. Нема ништо чудно во тоа што нивните „чеда“ на четири тркала се направени од алуминиум. Ако тие се фалат со употребата на алуминиумот, тогаш што треба да каже работилницата Загато? Оваа мала, но моќна фирма го употребува алиминиумот во првите години по Првата светска војна или да нема забуни, спомнатата компанија прави автомобили од алуминуим скоро еден век. И што правиме сега? Кој е главниот лик? Некој што произведува многу повеќе од милион автомобили секоја година, и бидејќи е голем и моќен, си зема за право да се рекламира со употребата на алумниумот во неговите производи. Сè ќе беше во ред да не постоеше малата, но многу почитувана италијанска компанија „Загато“.

Уште еден „миг“ вреден за паметење. Кога светот на автомобилите немаше поим што значи тоа аеродинамика, а уште помалку воздушни тунели, Загато веќе на големо ги кроеше своите автомобили да бидат што е можно поснаодливи – да му „избегаат“ на воздухот. Кога сме веќе кај воздухот и бегањето од него, да го спомнеме Загато за уште една иновација. Оваа кројачница на автомобили е првата која светлата ги вградува во телото на автомобилот, светлата не се надвор и не штрчат над останатиот дел од автомобилот, туку се дел од аеродинамичната скулптура. Тоа што денес го гледате кај современите автомобили, посебно во делот на светлосните групации е дело на големиот мајстор на својот занает Уго Загато.

Сите производители прават концепти, но само компанијата Загато прави концепти кои се готови автомобили со сите чинители, тестирани и хомологирани, единствено им фали регистарска табличка. Загато никогаш не направил концепт кој служи како украс на саемските изложби. Неговите концепти се автомобили кои веднаш може да ги возите. Единствено Загато така прави со сите свои концепти и никој друг во автомобилската индустрија.

Сега кога веќе малку од малку имате претстава која е компанијата Загато, ќе продолжиме со почетоците на ова надалеку познато име. Годината е 1919 кога разрушувањата и трагедиите од Прва светска војна се веќе завршени. Ентузијастот и секогаш гладниот за наука и конструирање, Уго Загато, најнапред искуството го стекнувал во „Каросерија Варезина“ лоцирана во градот Варезе и истоврмено посетува школо за дизајн, Санта Марија. Во виорот на војната работи во фабриката за авиони „Помилио“ каде учи како и на кој начин се обработува алуминиумот, како се обликува и крои при конструирање на леталата. Претходно работел и како заварувач, така што нема нешто, а да не научил во врска со правењето автомобили и авиони. Процесот на производство му бил целосно познат и во 1919 год. ја напушта фабриката за авиони Помилио за да отвора своја компанија „Каросерија Уго Загато“ во Милано, специјализирана за конструирање автомобили и авиони и истовремено нивно сервисирање. Имал познавања од заварување, потоа го познавал процесот како се прави автомобил од чиста нула и како се конструираат телата на авионите и сè до краен производ со сите делови на него подготвен за лет.

Негов следен чекор бил да направи своја конструкција на четири тркала, но не како постоечките, туку нешто посебно. Тогашните автомобили биле несмасни, тромави и тешки со облик кој воопшто не воодушевувал. Правењето автомобили со воведување познавања од аеронаутиката, е тоа било нешто сосема ново и посебно. Токму тоа му бил сонот на Загато да направи автомобил во кој лесниот метал алуминиум ќе биде вграден, а конструкцијата ќе наликува на таа од авионите и што е најважно, авионската аеродинамика ќе ја внесе во своите креации. Дотогаш светот немал видено конструкција која е мешавина од тогашната автомобилска индустрија и аеронаутиката.

Всушност на светот воопшто не му било јасно што прави Уго Загато. И покрај нејаснотиите, сепак неговата работа не останала незабележана.

Алфа Ромео била заинтересирана нејзините автомобили да бидат што полесни и побрзи бидејќи во тоа време за неа трките претставувал дел од секојдневието. Миланската компанија посебно била заинтересирана за нова лесна шасија за легендарната трка „Миле миља“ која се возела од Бреша до Рим и назад. Соработката со Алфа Ромео ќе донесе успеси за обете компании, посебно за Загато како штотуку отворена компанија. Од 1928 до 1930 Загато со неговите каросерии во алфиниот модел „1750 загато“ ќе ја донесе првата победа на „1000 милји“, а во 1930 год. „алфа ромео 1750 загато“ ќе ги освои првите четири места. Така Загато си го обезбедува епитетот најуспешен производител на спортски каросерии наменети за трки. Не само Алфа Ромео, туку и Ферари и Бугати соработувале со Уго Загато и неговите креации.

Благодарение на многуте каросериски иновативности и посебно во делот на аеродинамиката, победите во трките се множеле. Неговиот син Елио со „фиат 8V загато“ доминирал во класата „гт (гран туризмо) со вкупно 83 места на подиумот освоени во 160 трки во ’50 години од минатиот век. На крајот од оваа декада доаѓа престижната награда „Компсо де Оро“ за тогашниот најнов облик „фиат абарт 1000 загато“. Тука некаде временски се надоврзува и договорот со Астон Мартин, а за почеток на соработката Загато подготвил гран туризмо класа, „астон мартин дб 4 страдале гт загато“ претставен на Салонот за автомобили во Лондон. Интересно е што соработката меѓу овие две компании постои до денешен ден.

Кога е во прашање Алфа Ромео и Загато доаѓаме до податок кој повторно ќе ги збуни големите компании. Новата ера носи со себе и нов приод кон констуирање автомобили, со нови алатки и нови технологии. Напливот од компјутери во секојдневието доведе до нивна употреба и во дизајнирањето. Во 1989 година Загато е тој што ја крои школката на експерименталниот модел „алфа ромео спринт загато“ или скратено „алфа ромео сз“. Овој автомобил е обликуван со сега веќе познатиот „кад“ програм или во превод тоа значи, „алфа ромео сз“ е првиот спортски автомобил целосно обликуван преку спомнатата програма. И повторно Загато прв, а не тие големите што вредат неколку стотици милијарди долари.

Каде и да се појави Загато со своите облици предизвикува почит од останатите и ретко кога останува без награда, како на пример безвременскиот дизајн „ламборџини раптор“ од 1996 год. кога го добива признанието „Најдобар концепт“ на Салонот за автомобили во Женева. Кога Фиат и Крајслер ја озваничија заедничката работа, Загато го претстави концептот „тз 3 страдале“, „доџ вајпер“ во школка од „алфа ромео“. Сличен уникатен проект е моделот „вираж шутинг брејк“ направен да се одбележи 100. годишнината од постоењето на Астон Мартин. Тука не треба да се пропушти ни „загато мостро“ со мотор од масерати, а по повод 50. годишнината на Ламборџини и 95. роденден на компанијата, специјалистите за каросерии одлучија сето тоа да го одбележат со „ламборџини 5-95“ правен на основа од „ламборџини гаљардо“ во 2014 година. Меѓу најновите дела на Загато е мотоциклот „мв агуста“, потоа ограничена серија од моделот „венквиш с“, всушност тоа е цело едно семејство од „венквиши“ се разбира за Астон Мартин и скоро видениот „исо риволта вижн гран туризмо загато“. И покрај брзите промени и брзиот напредок во автомобилската индистрија, внукот на Уго Загато, Андреа Загато, сегашен главен во компанијата, вели дека не е загрижен. Како да биде загрижен кога класиката која ја негува Загато е посебна и својствена само за нив и никој друг, такви заоблени скулптури негува еден век, а светот позитивно реагира на нив. Новите технологии и брзите промени во начинот на производството нема да донесат негативни влијанија во Загато затоа што компанијата уште од првиот ден била пред останати во начинот за кроење автомобили. Конструирање посебен облик на веќе позната шасија и мотор, но со елементи и аеродинамика својствени за авионската индустрија, тоа го негува никој друг туку само Загато. Затоа компанијата Загато ќе опстојува, ја има посебноста, но воопшто не е розова иднината на останатите градители на каросерии кои еден по еден ги снемува. Италијанската статистика брои 97 работилници, а денес ги има се помалку. Дали Загато е еден од тие последните кои треба да ја бранат честа на фелата и традицијата на конструирање каросерии?

Некогаш на почетокот автомобилите не се купувале како денес, односно постоела една група од работилници во кои се создавале автомобили по нарачка. Секоја работилница била препознатлива по многу нешта и секоја правела уникати. На шасија од готов автомобил, муштеријата си одбирал друг мотор и друг облик, а „кројачите“ во работилницата ги засукувале ракавите и „танцот“ почнувал. На шасијата се вградувал моторот, а потоа сите други каросериски делови заедно со посебно избраниот облик, си го наоѓаат своето место за на крај да се надзира ремек делото направено, скроено, за нарачателот.

Зошто сега на 101. годишнина од постоењето? Нашите стари во вакви прилики велат: „да си здрав и жив до 101 и назад“. Затоа и ние и го посакуваме истото на надалеку познатата фирма за дизајн и производство на каросерии Загато.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.