МНОГУ Е УБАВО КОГА ЛЕТНИОТ ОДМОР ВО ЦЕЛОСТ ЌЕ ВИ СЕ ПОГОДИ. ТОА ЗНАЧИ ДЕКА СЀ ОДЕЛО КАКО ПОД КОНЕЦ, КАКО ВИЕ ШТО СТЕ САКАЛЕ. ИМА ЕДЕН МОМЕНТ КОЈ СЕКОЈ ПАТНИК СО АВТОМОБИЛ МОРА ДА ГО ИСПОЧИТУВА, А ТОА Е НАМАЛУВАЊЕ НА РИЗИКОТ, ОДНОСНО ДА ВНИМАВАТЕ И ДА НЕ ГИ ПРЕПУШТАТЕ НЕШТАТА НА ЗАБОРАВОТ.
Тргнувате со автомобил на одмор и од долготрајното патување, миризбата во автомобилот не ви е пријатна. Тоа е за-тоа што внатрешниот дел не сте го исчистиле темелно. Кога одмарате за време на патувањето, автомобилот задолжително да биде некаде под сенка и прозорите да бидат отворени по еден сантиметар, за да може внатрешноста да „дише“, а ако сте во можност отворете го и капакот од моторот, така истиот побрзо ќе си дојде на себе и воедно ќе го проверите нивото на течноста за ладење на моторот, течноста за ветробранските стакла и течноста за сопирачките. Проверката е многу едноставна, нивото треба да биде помеѓу минимумот и максимумот.
Земете го резервниот клуч од автомобилот. Се случува едниот да го изгубите и потоа одморот во тие моменти ќе ви се претвори во кошмар. Втора неприлика со клучот е ако и него сте го земале на капење.
Стигнувате на одреденото место и сега автомобилот е паркиран и оттаму не го мрдате две до три недели. Најнапрeд најдете му место некаде под сенка и пожелно е да биде покриен со церада, платно итн, но исто така да бидат покриени и пневматиците. Ако сајлата од рачната сопирачка не е добро исчистена и наново подмачкана при долго стоење на автомобилот рачната може да „запече“, односно да заглави и потоа да имате проблем. Сајлата од рачната сопирачка да биде исчистена од насобраната прашина и корозија, а потоа соодветно подмачкана. И за вас и за автомобилот ќе биде убаво да прошетата до некое друго место во близина, вие ќе се прошетата и ќе видите нешто повеќе, а и автомобилот ќе се „размрда“. Не е добро кога возилото стои во место подолго време.
Ако со вас имате и приколка, не тргнувајте сè додека не се уверите во исправноста на светлосната групација. Да не се залажуваме, приколката мора да има исправна светлосна сигнализација. Токму поради приколката ќе треба да внимавате и на спојката. Не држете ја ногата на педалата од спојката (квачило, куплунг). Спојката е наменета за употреба само при менување на брзините, а не и да ја држите притисната педалата кога чекате на семафор или кога бавно се движите во колона. Зошто? Затоа што спојката може да прегрее и да откаже и потоа проблем. И уште нешто, не ја претоварајте приколката. Ако нејзината носивост на пример е 200 кг, вие товарете ја до крајни 175, односно бидете во минус најмалку 12 отсто. Со тоа ќе и направите услуга на приколката, на автомобилот и себеси.
Резервоарот за гориво не оставајте го на резерва. Може да повлече од нечистотиите и да дојде до запушување на системот за напојување на моторот со гориво. Не оставајте го на резерва, но не го полните до крај. Најдобро е кога пиштолот од пумпата ќе исклучи за првпат и тука да престанете со полнењето. Пената која се создала при полнењето на резервоарот ќе се сталожи и од прилика резервоарот има место за „дишење“ од околу три четири а некогаш и пет литри празен простор. Летото со себе носи високи температури, а горивото при такви температури се шири, односно испарувањата се поголеми и тие пареи вршат голем притисок врз ѕидовите на резервоарот – нема простор за „дишење“, може да предизвика експлозија, односно има некое повратно црево, но во тој случај горивото ќе истече. Значи престанувате да го полните резервоарот кога пиштолот за првпат ќе исклучи. И најлошата варијанта е да останете без гориво некаде на автопат или да ставите погрешно гориво. А за крај ви препорачуваме да не претерувате со бројот на торбите односно облеката и останати непотребни или помалку потребни нешта. Ослободете се од нив, а тоа веднаш ќе се одрази на вашиот џеб, затоа што моторот ќе биде помалку жеден.
Најупотребувано нешто ќе биде клима уредот. Бидете крајно внимателни со него. Големата разлика во температури, во автомобилот и надвор од него може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Ако надвор е +40, температурата внатре треба да биде +33 степени, но никако под. Често се случува климата да ја пуштите на +20 степени додека надвор е над +40. Не ризикувајте, следете ги нашите совети, добронамерни се и го чуваат вашето здравје.