ЛЕТНИТЕ ПАТУВАЧКИ ШЕМИ БАРААТ ПРЕТХОДНА ПОДГОТОВКА СО ЦЕЛ ПОЛЕСНО ДА СЕ СПРАВИТЕ СО ГОРЕШТИНИТЕ. ВОЗЕЊЕТО АВТОМОБИЛ НА +40 СТЕПЕНИ НЕ Е МНОГУ ПРИЈАТНО, НО ЗАТОА МОЖЕ ДА БИДЕ МНОГУ ЗАБАВНО.
Годинашново лето 2020 ќе биде запомнето по тоа што патувањата нема да бидат како во минатото, се мисли на масовноста и на метежот на автопатите, на аеродромите, железничките и на автобуските станици. И покрај сè, сепак, ќе се патува, а како превозно средство најчесто ќе се избира автомобилот поради индивидуалноста. Другиот сообраќај ќе биде десеткуван како последица на добро познатите причини што нема да ги споменеме затоа што милион пати е зборувано за нив во другите медиуми.
Ние строго ќе се задржиме на патувањата среде летниот период кога температурите во сенка понекогаш достигнуваат и над 40 степени Целзиусови. Горештините умеат да го направат патувањето нервозно и непријатно. Колку и да е ситуацијата напната, мора да бидете подготвени затоа што знаете дека нервозата не води никаде. Временските услови во лето се такви и тука нема повеќе дискусија. Кој не може и не сака да „се вари“ во автомобил среде лето, нека не тргнува на пат, а за останатите што веќе прават планови имаме неколку совети што ќе им бидат од голема корист.
• Избегнувањето на жештината е клучно за попријатно патување. Пред да тргнете автомобилот мора да биде под сенка најмалку два часа и задолжително треба да земете поголеми количества вода за пиење и за миење. Избегнувајте други видови течности, особено сокови затоа што во нив доминира шеќерот и нема да ја изгасне жедта. Покрај неизбежната вода, земете нешто за јадење, омилените јадења го дополнуваат доброто расположение, но земете храна што не се расипува. На топло некои прехранбени производи се подложни на расипување. Некои возачи патувањето го почнуваат во раните утрински часови за да ги избегнат дневните горештини. Сепак, кога патувате треба да бидете добро наспани и одморени, во спротивно можно е да задремете на воланот. Затоа тргнувањето по полноќ е ризично. Во првите часови од возењето сè е в ред, но кризниот момент, дремката, се јавува со појавата на првите сончеви зраци. Најдобро е да сте добро наспани, а потоа возете и уживајте во патувањето.
Седењето во автомобилот ќе ви биде поудобно ако на седиштето ставите памучна ткаенина, најчесто тоа се крпите за плажа, фротирките. Со нив нема толку многу да ја чувствувате топлината. Ако патувањето е долготрајно и имате потреба од застанување, тогаш барајте сенка за возилото и откако ќе излезете никако не оставајте ги децата или домашните миленици во автомбилот. Се случува да нема сенка таму каде што сте наумиле да одморите, па затоа парче ткаенина со светла боја во должина колку автомобилот, ќе ви биде од голема корист. Сончевите зраци нема директно да паѓаат на автомобилот, а тоа значи пониска температура во делот за патници. И оставете ги сите прозорци отворени најмалку по еден сантиметар за да има проветрување. За време на возењето почесто отворајте ги прозорците за да се смени воздухот внатре и вентилацијата задолжително да биде пуштена, отворена.
• Клима-уредот задолжително да биде детално проверен пред да патувате и внимавајте со неговата употреба. Ако надвор температурата е +40 степени, во автомобилот сигурно е над +50. Ако на овие температури ја нагодите климата да работи на +20, тогаш не му правите добро на вашиот организам. Големите температурни разлики можат да предизвикаат главоболка, папсаност, а не е исклучена можноста од добивање настинка и активирање на синусите. Затоа внимавајте како ракувате со климата. Колку што е добра, толку е лоша.
• Сега ќе се префрлиме на радијаторот од возилото. Има улога да ја намалува температурата на моторот и затоа неговата површина мора да биде чиста, односно неговото „саќе“ да не биде прекриено со мушички и прав. Чистите површини на радијаторот условуваат подобро разладување на моторот и на делот за патници.
• Прекривките за предната и за задната шофершајбна ќе ви завршат голема работа ако ги имате. Каде и да застанете, ставете ги каде што им е место, а потоа светлото платно што го споменавме префрлете го на автомобилот и сега имате своја сенка, ситуација многу подобра отколку автомобилот да биде изложен директно на сонце.
• Пред да тргнете на патување, како што е ред, на автомобилот мора да му се направи детална проверка. Тоа ќе го направите во некој од сервисите, а во АМСМ имате можност за превентивен технички преглед. При годишното регистрирање на вашето моторно возило АМСМ ви нуди неколку пакети со разни погодности што важат и во странство.
• При крај сме со советите и тука некаде ќе ве потсетиме на пневматиците. Тие мора да бидат напумпани како што наложува производителот. Правилно напумпани пневматици даваат помалку отпор, а со тоа помалку се оптоварува моторот. Кога моторот помалку е оптоварен, нема прекумерно да загрева. Во подготовките за патување спаѓа и деталното миење и чистење на автомобилот. Чистотата на стаклата е од суштинско значење за безбедноста, па откако автомобилот ќе биде измиен, пребришете ги стаклата со алкохол затоа што само така ќе ги отстраните мрсните дамки. Ако стаклата се нечисти, се јавува дисперзирање на светлината што придонесува за намалена, заматена видливост, особено во часовите кога сонцето изгрева или заоѓа, кога зраците паѓаат под остар агол.
Пред да ви кажеме дека тоа е сè да ве потсетиме да користите и очила за сонце.