Безбедност на пат-БЛЕСОКОТ НА СОНЦЕТО И ВОЗАЧИТЕ

27/11/2019

Сончевите есенски и зимски утра и попладниња се преубави за прошетка во природа, но тој блесок од толку посакуваното сонце во студените денови претставува сериозна закана за возачите. Што всушност се случува е опишано во текстот.

 

Сега се наоѓаме во период од годината кога сонцето не е горе на хоризонтот, туку многу ниско така што неговите зраци бијат од косо. Ваквата сончева позиција воопшто не оди во прилог на возачите, посебно во утринските и попладневните часови. Бидејќи на есен и зима сонцето се наоѓа ниско на хоризонтот неговите зраци се непријатни за возачите затоа што бијат точно во очи и во еден миг доаѓа до заслепување. Тој миг кој трае неколку секунди е многу непријатен за возачите, во тој кус временски период се вози на слепо и целата ситуација е многу непријатна. Токму во тој мал временски простор може да се случат многу нешта на патот. Некогаш доаѓа до излетување од асфалтот, некогаш возилото удира во тоа пред него, или вози во спротивната лента итн.

Да не ги набројуваме сите можни и неможни ситуации кои можат да произлезат од моменталното слепило поради ниското сонце. Повеќе од јасно ви е што сè може да се случи во гореопишаната прилика, односно неприлика.

Земјите во кои ваквите и слични нешта внимателно се набљудуваат, а податоците грижливо се запишуваат и архивираат, имаат повеќекратна корист и со докази и реални бројки ги предупредуваат возачите да внимаваат малку повеќе во зимскиот период од годината. Таму некаде возачите се повеќе од свесни и ги прифаќаат советите, со тоа повеќекратно го намалуваат ризикот од сообраќајна незгода при возење во утринските или доцните попладневни часови во есен и во зима кога сонцето е премногу ниско на хоризонтот.

Ќе спомнеме една бројка колку да имате претстава како работат луѓето „таму некаде“. Според истражувањата на едно од британските здруженија за безбедност во сообраќајот, во 2018 год. 2.500 возила учествувале во сообраќајна незгода кога видливоста е намалена, а е предизвикана од надворешен фактор. Исто така, и одделот за транспорт во својот годишен извештај за 2018, има запишано 2.700 сообраќајни незгоди и како причина се наведува токму тоа сончево заслепување во утринските и попладневните часови.

„Лек“ за ваквата ситуација е следново, ветробранското стакло мора да биде секогаш беспрекорно чисто, а нивото во резервоарот за вода секогаш да биде речиси до горната граница. Можеби сте приметиле кога ветробранското стакло е сосема малку прекриено со прашина, дури и во таа ситуација непријатно е да се вози посебно ако сонцето блешти во вас. Прашината дополнително ги распрснува (насочува) светлосните зраци и создава вид завеса која дополнително придонесува за слабата видливост. Од таа причина сите стакла, не само ветробранското мора да бидат секогаш максимално чисти. Вашето ветробранско стакло, но и останатите, се темелно измиени само ако водата непречено лизга по површината.

Доколку водата се собира во капки тоа е знак дека на стаклата има слој од мрснотии кој ќе го отстраните со повторно миење, овој пат со детергент за рачно миење садови. Ако се наоѓате некаде на пат, тогаш измијте ги стаклата со алкохол, а добро ќе биде и да исечете неколку резанки од јаболко со кои ќе ги истриете стаклата. Јаболковата киселина умее да ги чисти мрсните слоеви нафатени на стаклата.

Второ на кое треба да посветите внимание се метличките од бришачите, ако се истрошени, веднаш заменете ги со нови. На само однадвор, туку и од внатрешна страна стаклата треба да бидат чисти. И не заборавајте вашите очила да ги одржувате максимално чисти додека возите.

Ненадејното појавување на ниското сонце и неговото блештење, може за миг да ве изненади и да реагирате малку исплашено и непромислено. Затоа кога се искачувате на ридски и планински предели или при навлегување во рамничарски, бидете внимателни, налетувате на сонцето и очекувајте блештење. Во вакви прилики пред да се искачите на врвот од ридовите и планините, намалете ја брзината и оставете малку повеќе простор за разминување со возилата од соседната коловозна лента, односно возете малку подесно. Патувањето со умерени брзини секако дека ќе го намали ризикот од несакани ситуации доколку ве пресретне ефектот од блештење на сонцето.

Ако сите овие нешта ги почитувате и сакате ризикот од сообраќајни незгоди да биде сведен на најниско можно ниво, тогаш не патувајте во утринските и доцните попладневни часови во есенско зимскиот период. Избегнувајте ги тие делови од денот и не патувајте, но ако морате тогаш прифатете ги нашите совети, така најбрзо и најбезбедно ќе стасате до посакуваното одредиште.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.