Еве една вистинска реткост и во автомобилската индустрија. Концептот „аутобјанки а 112 ранабоут“ на надалеку познатото студио Бертоне ќе влезе во „сериско“ производство. Двоседот со клинест облик претставен како концепт во 1969 година, повторно ќе го види светлото на денот благодарение на новиот сопственик на Бертоне, компанијата Идеактив зад која стојат браќата Жан – Франк и Мауро Ричи, закоравени љубители на автомобилите.
Мошне интересниот двосед со екстравагантен облик за денешно време, а да не збориме за своевидната револуција предизвикана пред 55 години за време на светски првичното претставување на Салонот за автомобили во Торино. Тогаш во студиото Бертоне работел еден од најпочитуваните дизајнери на планетава Марчело Гандини и токму тој го има создадено концептот „ранабаут“.
Наместо малиот мотор со зафатнина од само 1,1 л, во „бертоне ранабоут“ ќе биде вграден V6 турбо мотор со силина од 500 КС. Две изведби се подготвуваат, едната наречена барчета (без ветробранско стакло), а другата тарга. Некогашниот концепт со ретко виден облик, ќе биде произведен само во неколку примероци. Точниот број засега е непознат, но ако хипер купето „бертоне џб 110“ беше произведено во 33 примероци, за очекување е бројката да биде слична и за „бертоне ранабоут“. Според изјавите од челниците на компанијата Идеактив, првите примероци ќе стасаат до сопствениците во 2026 год. Цена? Само 350.000 евра.
Дизајнерската куќа Бертоне е основана во 1912 год. од Џовани Бертоне, а по него на чело застанува неговиот син Џузепе Бертоне Нучо. Студиото достигнува светска слава и почит, но по заминувањето на Нучо Бертоне во 1997, компанијата ја презема неговата сестра. Како што минуваа годините така Бертоне пропаѓаше и стаса до дното кога семејството Бертоне беше приморано да ги распродава концептите и другите ретки автомобили. Тогаш компанијата ја купува АККА Технолоџис, а во 2022 год. кормилото го преземаат браќата Ричи.
Зошто името „ранабаут“? Тој збор се користи во англискиот јазик за мал отворен автомобил наменет за возење овде-онде, за куси релации. Истиот збор се користи и за мали моторни чамци и мали отворени авиони. Концептот „аутобјанки а 112 ранабоут“ е токму таков автомобил, мал, отворен створен за парадирање низ градските улици посебно тие во близина на крајбрежјата.