BERTONE-ГОЛЕМОТО ИМЕ СЕ ВРАЌА НА ГОЛЕМА ВРАТА?

27/12/2022

Како што сега се одвиваат работите повторно ќе грее сонце врз компанијата Бертоне. Големото име во светската автoмобилска индустрија, познато по своите дизајнерски решенија за многу автомобили, го снема од светската јавност во 2014 година. Состојбата беше толку лоша што семејството беше принудено да распродаде речиси сѐ, од сопствената збирка концепти, до предметите од канцелариите употребувани од основачот Џовани Бертоне, но и тие на неговиот син, славниот Нучо Бертоне.

Да се гледа како една легенда пропаѓа и ја снемува засекогаш е повеќе од трагедија, не само за семејството Бертоне, туку и за Италија, за италијанското општество. Ако нешто беше единица мерка за светски дизајн тогаш тоа беше компанијата Бертоне, а покрај неа уште Џуџаро и Пининфарина. Агонијата на компанијата продолжи и по пропаѓањето. Вo 2013 година беше во рацете на еден од вработените Алдо Цинголани, кој сакаше да ја возобнови компанијата со тоа што Бертоне ќе работи на полето на индустрискиот дизајн, модата, а не само во делот на автомобилите. Откако А. Цинголани не успеа да направи ништо, иако имаше договор со Цитроен да создаде концепт автомобил, сето тоа падна во вода и Бертоне, во 2016 година, отиде во рацете на компанијата АККА Технолоџис. Ниту новиот сопственик не успеа да го застане студиото Бертоне на здрави нозе. Во 2020 год. Бертоне беше продаден на Идеактив компанија во сопственост на браќата Мауро и Жан – Франк Ричи. Сега тие раководат со легендарната марка и најавуваат нејзино целосно заздравување, а за почеток подготвуваат концепт компактен автомобил со средишно сместен мотор.

Годинава дизајнерската куќа Бертоне слави 110 години од своето постоење така што ова што ѝ се случува, компактниот спортски автомобил, е роденденски подарок. Новите сопственици веќе објавија неколку затемнети фотографии со силуети од концептот, а за повеќе информации велат дека наскоро ќе бидат обелоденети.

Во едновековната историја во студиото Бертон продефилирале следниве марки: Абарт, Алфа Ромео, БМВ, Цитроен, Ферари, Фиат, Исо, Ланча, Ламборџини, Масерати, Мерцедес – Бенц и Волво, а дизајнирал и две генерации моторчиња за марката Ламбрета. Во сопственост на Бертон дизајнот се следниве легендарни автомобили: „ланча априлија кабрилет“, „алфа ромео џулиета спринт“, „абарт 750 рекорд“, „алфа ромео џулиета спринт спечијале“, „масерати 3500 гт“, „ферари 250 гт“, „алфа ромео 2600 сринт“, „бмв 3200 цс“, „фиат 850 спајдер“, „ламборџини мјура“, „ламборџини еспада“, „ламборџини харама“, „ламборџини урако“, „стратос зеро“, „ланча стратос страдале“, „фиат икс/9“, „аутобјанки а 112“, „фиат 128“, „ламборџини каунтач“ и тн.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.