Пред еден месец пишувавме за малото електрично возило од Кина наречено „баоџун јеп“, кој има намера да биде градски сув, најмногу поради своите димензии – должина од само 3,38 метри. Обликот на новиот градски сув повеќе наликува на класиката од теренските возила, отколку што ја има современата сув линија. Затоа некои велат дека „баоџун јеп“ е најмалото теренско возило. Деновиве конструкторите на симпатичното електрично теренско возило излегоа со нова идеја – од него сакаат да направат класичен пик ап, жртвувајќи ја задната клупа и на нејзино место да биде класичниот товарен оддел. САИК – ГМ – Вулинг или скратено СГМВ е производителот, компанија создадена од кинескиот автомобилски гигант САИК и Генерал Моторс.
Планирана е изведба со еден електромотор и задвижување на задната оска, а подоцна и вградување на два електромотори кои ќе ги задвижуваат двете оски, односно сите тркала. Изведбата со еден електромотор што го има во „сув“ изведбата, располага со 67 КС и 140 Нм и постигнува крајна брзина од 100 км/ч, а со литиум железо фосфатна батерија, возилото може да измине 300 км.
Сето тоа убаво звучи, но „баоџун јеп пик ап“ е само компјутерски нацрт, а дали истиот ќе мине во облик на концепт, а потоа во сериско возило, тоа сѐ уште е равенка не со една, туку со две непознати. Сепак со дигиталниот цртеж „мушичката“ е пуштена, останува да видиме кој е следниот чекор на САИК – ГМ – Вулинг.
Жарко Атанасоски