ГОДИНАВА, ОРГАНИЗАТОРОТ ОД ОПРАВДАНИ ПРИЧИНИ ПРОГЛАСУВАЊЕТО НА ПОБЕДНИКОТ ГО ПРЕФРЛИ ОД ЖЕНЕВА ВО БРИСЕЛ И НАМЕСТО ВО МАРТ, СВЕЧЕНОСТА ЌЕ СЕ ОДРЖИ НАРЕДНАТА ГОДИНА ВО ЈАНУАРИ
Во минатото издание објавивме детален текст со сите пријавени кандидати кои ќе влезат во изборот за Автомобил на годината за 2023 на континентов. Речиси сите работи беа познати почнувајќи од кандидатите, преку жирито составено од 58 новинар од 22 земји, потоа правилата и на крај како што секогаш бидува местото каде свечано ќе биде прогласен победникот. Тоа место неколку години наназад е Женева, поточно во месец март за време на Салонот за автомобили. Сето тоа беше убаво додека траеше, но откако организаторот повторно го откажа одржувањето на изложбата во Женева, прогласувањето на победникот, односно финалната вечер доби нова локација, Брисел, поточно, за време на одржувањето на тамошниот саем за автомобили.
„киа ниро“
„нисан арија“
„пежо 408“
„рено аустрал“
Вкупно беа пријавени 45 кандидати, за потоа од нив да бидат избрани 27 и сега во најтесниот круг се избрани седум, односно финалисти. Сега тие седум се главните во целава приказна и од нив жирито треба да го избере најдобриот.
„субару солтера“
„тојота бз 4 икс“
„фолксваген ид буз“
„џип авенџер“
Следи списокот од седуммината величествени според азбучен ред: „киа ниро“, „нисан арија“, „пежо 408“, „рено аустрал“, „субару солтера“ / „тојота бз 4 икс“, „фолксваген ид буз“ и „џип авенџер“.
Минатиот избор мина во доминација на електромобилот „киа ев 6“, второто место му припадна на „рено меган е – тек електрик“, а третото на братот близнак на Киа, „хјундаи јоник 5“. Тогаш жирито броеше 61 новинар од 23 европски држави. Државите производители и тие чии пазари играат битна улога во бројот на продадените автомобили, имаат по шестмина учесници во жирито – Италија, Шпанија, Британија, Франција и Германија. На пример, Романија е земја производител на автомобили, но тамошното производство не е толку големо, а ни пазарот не е толку влијателен колку што е во останатите спомнати земји. Затоа Романија нема шестмина во жирито.
Со среќа на седумте „нај“, а кој од нив ќе ја понесе титулата ќе дознаеме догодина на 13 јануари во попладневните часови.