ПРОШИРУВАЈЌИ ЈА ГАМАТА НА ЕКСКЛУЗИВНИ ТРКАЧИ AUDI SPORT СО ПРОГРЕСИВНИОТ SUV КУПЕ RS Q3 SPORTBACK НА ПАЗАРОТ ИСПРАЌА ТРЕНДСЕТЕР КОЈ ПРШТИ ОД МОЌНОСТ И ОД СТИЛ, А ВОЕДНО Е ДОВОЛНО ПРАКТИЧЕН ЗА ВО СЕКОЈДНЕВИЕТО.
Спортското одделение на Audi ја проширува својата гама RS со нов концепт на возило кое доаѓа во форма на купе изведеница од практичниот SUV, Q3. Станува збор за RS Q3 Sportback чија задача е да биде трендсетер во сегментот. Според прикажаното се чини дека RS Q3 Sportback лесно ќе ја исполни задачата. Нема двојби дека компактниот SUV купе пршти од стил поткрепен со масивна моќност и врвна возна динамика. Овој врвен спортист е практичен, полн со опрема и нуди доволно комфор и возачко задоволство за исполнување на комплексните барања на октанските зависници. Со 400 КС под хауба, прославениот погон на четири тркала на Audi, Quattro и ловот на темпо „100” за 4,5 секунди, RS Q3 Sportback е моќник со низа таленти за кои многумина сонуваат, а малкумина ќе ги уживаат.
АТЛЕТА СО ОСТРА ДЕФИНИЦИЈА
RS Q3 Sportback плени со својот настап. Пршти од стил со нагласена агресивност која ја открива моќта и способностите кои се сокриваат под ламарината. Острите линии го нагласуваат атлетскиот настап. Маската наликува на разјапена челуст спремна да го проголта пленот. Решетките како саќе во тридимензионална форма и во сјајна црна боја дополнително ги нагласуваат масивните отвори за довод на воздух. Впечатливите сечива во облик на бумеранг ексклузивно скроени за RS Q3 Sportback го прават уште поостар и совршено одговараат со накосеното задно стакло, набабрените страници и вертикалните отвори за одвод на врел воздух во задниот браник. Дека нè „шишнал“ спортист со педигре од RS дознаваме по двата издувни топа во форма на елипса кои штрчат од функционалниот дифузор. Дизајнерите дури смешале посебна зелена боја наречена Kyalami green за настапот на RS Q3 Sportback да биде уште поекстровертен.
МОДЕРЕН КЛАСИК
Простете, не зборуваме за дизајн туку за мотор. Компактната енергана од пет цилиндри на Audi Sport која девет пати по ред ја освојува интернационалната титула: „Мотор на годината”, со 2.5 литарскиот петцилиндричен бензинец со турбо натполнење претставува модерен класик меѓу моторите. RS Q3 Sportback е навиен на 400 КС кои на возачот му стојат на располагање меѓу 5850 и 7000 min-1. Уште позначаен е масивниот вртежен момент од 480 Nm кои се испорачуваат меѓу ниски 1950 и 5850 min-1. Сето ова е доволно за буквално катапултирање од место до 100 km/h за 4,5 секунди и за лов на ограничената максимална брзина од 250 km/h. Секако Audi нуди опција за поставување на повисок лимит на максималната брзина од 280 km/h, но сепак тоа не се крајните можности на беснотилакот од 2.5 литри кој може да го турка RS Q3 Sportback многу побрзо. Покрај спортските перформанси петцилиндарецот нуди и соодветна звучна кулиса. Благодарение на непарниот број на цилиндри и невообичаениот ред на палење на цилиндрите: 1-2-4-5-3 се добива длабок и уникатен тон кој е поткрепен од двојниот издув. За оние со истенчен слух Audi нуди опционален спортски издув кој дополнително го акцентира невообичаениот ритам на петте цилиндри и нивниот неповторлив звук.
ПОД ПОЛНА КОНТРОЛА
Моќноста од петцилиндричниот беснотилак преку седумстепениот автоматски менувач S-tronic тече кон постојаниот погон на сите четири тркала Quattro. Системот преку повеќеламелна спојка го распределува меѓу погонските оски според потребите. Дополнително системот за контрола на вртежниот момент меѓу тркалата на иста оска ја подобрува управливоста и возната динамика нудејќи поагилно свртување во свијоци. Со аплицирање на контролирано сопирање на внатрешните тркала системот автоматски испраќа поголем вртежен момент кон надворешните тркала кои имаат подобра тракција. Така се подобрува нагонот за влез во свијок и контролата врз автомобилот на излез од свијок. Во комбинација со системот Drive select кој нуди шест модуси на работа возачот може да го нагоди RS Q3 Sportback токму според своите афинитети. Во игра се и двата модуси RS: RS1 и RS2 кои се погодни кога со RS Q3 Sportback ќе се излезе на тркачка патека.
Покрај погонот полната контрола ја обезбедува и потпирањето. Спортскиот тјунинг ја намалил висината за 10 mm, и обезбедил поцврсто водење кое е основа со спортската возна динамика на компактното SUV купе. Напред работи системот MacPherson со напречни водилки, додека одзади мултилинкот со четири водилки ја обезбедува потребната агилност. Динамичката контрола на шасијата која го регулира протокот на масло во амортизерите автоматски го мести придушувањето според условите на патот и начинот на возење. Реагира во рамки на милисекунди и обезбедува максимална контрола, висока стабилност и врвна возна динамика без да се наруши потребниот комфор.
Прогресивното управување кое е сетирано за остар одзив дури и на најмало свртување на волан го води RS Q3 Sportback како по шини и нуди повратни информации кои дополнително влеваат доверба кај возачот за директен контакт со автомобилот. За ова се задолжени и гумите на Hankook, Ventus S1 Evo со димензии 255/35R21. Сериски RS Q3 Sportback стои на бандажи од 20 инчи додека овие од 21 инч се добиваат со доплата. Зад нив се сокриваат вентилирачки и бушени дискови од 375 mm напред и 310 mm назад. Сопирачките клешти стандардно се обоени црно, а како опција стои и црвената боја. Опционално RS Q3 Sportback напред сопира и со карбон-керамичи дискови. Тие, исто така, се вентилирачки и бушени, мерат 380 mm, и ги зафаќаат моноблок шестклипните сопирачки клешти кои можат да бидат сиви, црвени или сини.
ЕНТЕРИЕР НАСОЧЕН КОН ВОЗАЧОТ
Атлетскиот дизајн на RS Q3 Sportback е пренасочен и во кабината. Централната конзола е свртена кон возачот, тука се мноштвото екрани кои испорачуваат нужни информации, а преку нив се управува и со функциите на автомобилот. Погледот на возачот паѓа врз виртуелен кокпит каде покрај основните податоци за брзината и бројот на вртежи возачот може да отчита притисок во гумите, испораката на моќност и вртежен момент, мерење при забрзување, време по круг, странично забрзување со отчитување на силата-G.
Седиштата се во облик на спортски кади преслечени со кожа со која е поставен и остатокот од ентериерот. Како опција се нуди и Алкантара. Акцентите можат да бидат во алуминиум, карбон-фибер, или црн пијано финиш. Воланот е спортски со рамно дно и со палки за рачно менување на степените на пренос. За практичноста се грижи багажникот од 530 литри, лизгањето на задната клупа вo 130 mm која е деллива во три сегменти и секој од нив може да го менува аголот на потпирачот во седум нивоа. А кога сето тоа одзади ќе се склопи се зголемува волуменот на багажникот на максимални 1400 литри. Секако сите овие добра не доаѓаат евтино.
Audi за RS Q3 Sportback во Германија бара 65.000 европски банкноти. Секако ова е само стартот. За оние што сакаат посебности Audi исполнува желби.