FORD FOCUS TITANIUM BUSINESS – Фокусиран кон иднината

05/03/2019

FORD FOCUS Е АВТОМОБИЛ КОЈ ЗА ТОЧНО ДВЕ ДЕЦЕНИИ ГО ИМААТ ИЗБРАНО ПОВЕЌЕ ОД 16 МИЛИОНИ КУПУВАЧИ ШИРУМ СВЕТОТ. ПРОДАЖНИТЕ РЕЗУЛТАТИ САМИ ПО СЕБЕ ГОВОРАТ МНОГУ, НО КОМПАНИЈАТА НЕ САКА БЕСТСЕЛЕРОТ ДА ЖИВЕЕ НА СТАРА СЛАВА, ТОКМУ ЗАТОА ЗА НЕГОВИОТ 20. РОДЕНДЕН НА ПАЗАРОТ ЈА ЛАНСИРАШЕ НАЈНОВАТА И НАЈНАПРЕДНА ГЕНЕРАЦИЈА НА FORD FOCUS.

 

Тимот задолжен за создавање на новата генерација на Ford Focus тргнал од чист лист хартија со цел да креира свежа интерпретација на компактниот бестселер во кој сепак ќе се рефлектираат гените на неговите претходници. За да го постигнат посакуваниот резултат одговорните лица внимателно ги ислушале барањата на клиентите и нивните желби и критики ги имплементирале во развојот на четвртата генерација на Focus.

ПРЕПОЗНАТЛИВИ КОНТУРИ ВО НОВА ИНТЕРПРЕТАЦИЈА
Новата генерација со себе носи и нова филозофија на дизајнот, со фокус на клиентот, комбинирајќи го емоционалниот надворешен стил со водечка аеродинамика во класата. Новата силуета е постигната со закосување на А-носачот, спуштање на линијата на кровот, како и изразените контури на задниот дел со што на возилото му е подарен елегантен но спортски карактер. Како резултат е добиен облик кој силно асоцира на сè по што е препознаватлив Focus, но во многу посвежа и помодерна интерпретација. Предниот браник, маската на ладилникот и дизајнот на светлосните склопови, однапред создаваат слика која остава силен впечаток. Гледано од профил, долгиот поклопец на агрегатот и ниската кровна линија го прават возилото динамично и кога е во мирување. На задниот дел, пак, доминираат светлосните групи со карактеристичен светлосен потпис изведен во ЛЕД технологија помеѓу кои, на средина од петтата врата гордо стои натписот Focus.

ВО ТЕК СО МОДЕРНОТО ЖИВЕЕЊЕ
Пристапот за дизајнирањето на ентериерот е во силна кохезија со надворешноста на автомобилот. Во внатрешноста се користени чисти и јасни линии кои прават лицата што се во кабината да почуствуваат дека се опкружени со висококвалитетните материјали и современ дизајн. Сите користени материјали за изработка се одлично интегрирани и комбинирани со што е овозможен визуелно простран ефект со чувство за одлична софистицираност. Патниците на предните седишта можат да уживаат во поголем простор, но тоа оди на штета на патниците на задните седишта за кои, исто така, е резервиран поголем габарит кој е добиен со новата платформа и рамниот под. Дека станува збор за автомобил со повеќе простор отколку што сме навикнати во оваа класа нè уверува и дизајнот на задните врати кои имаат поголем агол на отворање а во нив се протегаат стаклени површини речиси до крајот на задните носачи. Покрај тоа што кабинскиот простор профитирал од новата платформа, инжењерите не го заборавиле и делот за транспорт на багаж кој треба да одговори на потребите на едно модерно 4 члено семејство. Зафатнината на багажникот изнесува 375 литри што во целост се зема како просек во класата. Модерното живеење значи и целосна поврзаност на паметните телефони и автомобилот, затоа bluetooth конекцијата доаѓа како стандарден дел за спојување со системот за комуникација и забава од последната генерација наречен SYNC 3. Управувањето се одвива преку 8-инчен колор екран осетлив на допир, кој е компатибилен со опреативните системи на Apple Car Play и Android Auto.

ТРИ ЦИЛИНДРИ ЗА НОВОТО ВРЕМЕ
Во тестираниот Focus под предниот поклопец работеше бензинскиот агрегат од обновената понуда што обезбедува оптимизирана моќност и одговара на најновите строги барања на стандардот за емисија Euro 6d. Станува збор за 1.0 литарскиот трицилиндричен турбо EcoBoost мотор на Ford кој доаѓа во издание што располага со капацитет од 125 КС и се смета за еден од најдобрите агрегати на денешницата. Скептиците кои ќе ја оспорат моторната конфигурација со троцилиндарски мотор најпрво треба да го испробаат моделот со горенаведената моторизација за да се уверат дека модерната конструкција е нешто сосема спротивно од она што било во минатото. Агрегатот работи без вибрации и сосема смирено, одзивот на педалот за забрзување е моментално и делува прилично убедливо во секојдневна употреба. Економичноста на горивото и ниската емисија се подобрени со помош на систем за деактивирање на еден од цилиндрите. Податоците кои ни доаѓаат од производителот велат дека за секои 100 изминати километри ќе ни бидат потребни 5 литри гориво, ние не успеавме да го постигнеме декларираниот резултат, но и 1,5 литри повеќе е постигнување кое е вредно за почит. Што се однесува до перформансите, оваа мала но потентна изведба докажува дека агрегатот достигнува посакувани вредности без никаков проблем, забрзувањето од место на мирување до 100 км/ч трае точно 10 секунди, додека максималната брзина изнесува 200 км/ч. Во константна спрега со моторната единица работи и мануелната менувачка кутија со 6 брзини која се одликува со прецизност и одлично пресметан од помеѓу степените на пренос. Ford Focus отсекогаш се сметал за најуправлив автомобил во класата што во новиот модел е дополнително подобрено и нагласено, затоа и понатаму Focus ќе се зема како „бенчмарк“ компактната класа на автомобили.

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

МОТОР: Трицилиндричен, бензински
ЗАФАТНИНА: 999 СМ3
МОЌНОСТ: 125 КС при 6.000 врт / мин
МЕНУВАЧ: 6 Степен Мануелен
ПОГОН: На предните тркала
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: НАПРЕД: McPherson НАЗАД: Мултилинк, спирални пружини
СОПИРАЧКИ: Напред: Дискови Назад: Дискови
ГУМИ: напред 205/60 R16 , позади 205/60 R16
МАСА НА ВОЗИЛОТО: Кг 1.322 кг
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: 4378 X1979X 1452ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: 10.0 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: 5.0 лит/100 км
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: 200 КМ/Ч
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ: 23.900 €

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.