По четири години продажба Ауди реши на крајов од годинава да го обнови своето најголемо електрично сув возило „е трон“. Ништо нарочно, затоа што таков е редот, секогаш по изминување на четвртата година од постоењето, производителите ги обновуваат моделите за истите да бидат присутни на пазарот уште две години, а потоа следи сосема нов модел. Тогаш го нарекоа „е рон“, а денес „ку 8 е трон“. Купувачите не знаеја што купуваат, односно во која класа е нивното возило и кој му е директна конкуренција. Сега знаат дека возат најголем сув, конкурент на „седумката“ од БМВ, „л икс“ од Лексус, Мерцедесот дизајниран од Славче Таневски итн.
Бидејќи возилото е целосно електрично, веднаш да ја спомнеме батеријата. Едната, што се вградува во „основниот“ модел има капацитет од 89 kWh, додека двете посилни изведби имаат 106 киловатна батерија. Можноста за брзо полнење претворена во минути изнесува 30, време за кое батеријата се полни до 80 отсто почнувајќи од 10 отсто. Со тоа полнење возилото може да измине најмногу 420 км.
Силината на погонските електромотори е следна, 408 КС и вртежен момент од 664 Нм со автономија од 582 км, односно 500 за изведбата спортбек. Посилните изведби поседуваат 503 КС и 973 Нм и со едно полнење на батеријата изминуваат 494, односно 513 км кај изведбата спортбек.
Покрај основната, класичната, ја спомнавме и изведбата спортбек. Тоа е изведба строго наменета за љубителите на купе линијата. „Ку 8 е трон“ располага со 4.915 мм во должина, широк е 1.937 и висок 1.633 мм со тоа што „спортбекот“ е понизок за 14 мм. Меѓуоскиното растојание од 2.928 мм кажува за удобната внатрешност, посебно на задните седишта. Истото растојание е одговорно и за 563 (528 спортбек) литри во товарниот оддел.
Од првичното појавување на пазарот до денес, најголемиот „сув“ на Ауди е продаден во над 150.000 примероци, а замената треба да ја зголеми продажбата. Дали ќе биде така ќе дознаеме неколку години подоцна, откако „ауди ку 8 е – трон ќе стаса во продажните салони. Велат тоа ќе се случи во првиот квартал од наредната година