Почетокот од есента со себе донесе нов концепт изработен од Рено кој е познат по своите дизајнерски „излети“ и невообичаените облици. Најновиов концепт именуван како „рено меган е вижн“ е припадник на електромобилите, но неговиот облик сега е некако посмирен, да не речеме класичен, туку еден вид испеглана „сув“ линија без некој детаљ кој ќе го оддели од останатите од неговата класа и пошироко.
Возилово покрај „нисан арија“ е прво во Алијансата кое ја користи новата модуларна платформа „цмф – ев“. Производителот најави некој вид револуција во компактната класа нагласувајќи целосни измени во денешните сваќања за спомнатиот сегмент (класа). Се спомнува неговата пространост во одделот за патниците и товарот, а потоа се спомнува ергономијата како битен чинител во создавањето компактно возило. Сите овие нагласувања не би постоеле без супериорната батерија, односно нејзината „виткост“. Автомобилот „рено меган е вижн концепт“ поседува најтенка батерија сместена во подот и затоа ја истакнува просторноста која останатите ја немаат. Електромобил во сув издание со должина од 421 сантиметар и со просторност како возило од ц класата – врвно дизајнерско пакување. Така вели Лука Де Мео, главниот во групацијата Рено, некогаш на висока функција во Фиат.
Погонскиот склоп односно електромоторот произведува 217 КС и 300 Нм вртежен момент, силина која се пренесува на предната оска. Тие 217 КС се доволни за возилото да забрзува од 0 до 100 км/ч под 8,0 секунди. Податок кој воодушевува, но Рено не спомна колку километри може да измине концептот со едно полнење на батеријата. Кога концептот ќе влезе во производство, ќе бидат вградувани батерии со различен капацитет и погони со различни силини. Од сето тоа ќе зависи и цената – што поснажен електромотор, толку повисока цена и спротивно на тоа пониска цена.
Концептот „рено меган е вижн“, возилото кое ќе предизвика поместување на границите и целосно рушење на сфаќањата за денешните компактни комбилимузини. Како што велат челниците, концептот е сосема подготвен да влезе во производство, но фалат уште пет отсто сето тоа да биде заокружено. Според најавите возилото ќе се појави во продажните места некаде на средина од есента следната година.