Кога електричната изведба од легендарната „рено петка“ премина во таборот на Алпине, оттаму излезе „а 290“, исто така електричен автомобил. Некогаш турбо, а денес електричен погон со 180 и 220 КС. Побрзата изведба забрзува од 0 до 100 км/ч за 6,4 с. и со 52 kWh батерија изминува 380 км. Батеријата се полни од 15 до 80 отсто за време од 30 мин. приклучена на брзо полнење.
Алпине тоа е спортско тркачката дивизија на Рено. Некогаш оваа компанија беше самостојна и главно ги приспособуваше автомобилите од Рено за трки и ги бојосуваше во сина боја, која воедно беше и нешто како заштитен знак. Подоцна поради финансиски проблеми, работилницата беше купена од Рено. И кога некој модел од Рено ќе излезе од одделот Алпине, тогаш бидете сигурни дека добивате расен спортски автомобил.
„Aлпине а 290“ располага со 3.990 мм должина, 1.820 мм ширина и 1.520 мм висина, со 2.530 мм растојание меѓу оските. Моделот е класика од комбилимузина, така што зад третата врата се наоѓа товарниот простор со зафатнина од 326 л.
Цената сѐ уште не ни е позната, но затоа знаеме што значат бројките. Ако втората и третата бројка го формираат бројот 90 тогаш тоа во таборот на Алпине значи туристички спортски автомобил, но ако е „10“, на пример „210“, тогаш моделот е од тие подготвените и за трка.
Жарко Атанасоски