Годинашнава трка за Големата Награда на Монако од Шампионатот во Формула 1, што се вози по улиците на Монте Карло не беше средиште само на болидите и најбрзите пилоти на денешницава, туку и на уметноста. Покрај болидите од тимот Алпина, беше изложена уште една „алпина“, не од тие тркачките, туку од туристичките – „алпина а 110 с“. Некој ќе рече ништо спектакуларно или посебно, но тие што имаа прилика да го видат единствениот примерок во боксот на Алпина, имаа што да видат – автомобилот целосно беше „прекриен“ со нешто префинето, а главен виновник за тоа е познатиот уметник Фелипе Пантоне.
Три примероци од „алпина а 110 с“ ќе бидат обоени од овој уметник, а потенцијалните купувачи ќе имаат прилика да бидат сопственици на еден од нив доколку се брзи во одликата да купат еден примерок. Само три на планетава и толку. Токму поради тоа цената на уметничките купе автомобили е двојно повисока отколку да си нарачате еден во традиционалната сина метализирана боја. Соодносот е 75.000 долари наспроти 152.000 долари. Тие што сакаат уметност ќе платат затоа што уметноста била скапа, така велат големите познавачи на овој „спорт“.
Автомобилот не претрпел никакви измени во однос на моторот, или, пак, некој друг дел. Погонската единица е таа истата, турбо V6 со 292 КС средишно поставена со истите брзински способности, но затоа школката на себе има уметност и таа треба многу високо да биде платена.
Љубомир Анастасовски