ALFA ROMEO TONALE-АЛФА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД СВОИТЕ ПЛАНОВИ

16/10/2021

 

Пред неколку недели главните во новоформираната компанија Стелантис (Фиат и Пежо СА) ги објавија плановите за развој на нивните автомобили, но во плановите не беа спомнати неколку марки, а меѓу нив Алфа Ромео и Ланча. За овие две марки Стелантис даде рок од пет години за консолидирање на редовите, а под тоа се подразбира издржан план за развој и профит, во спротивно марките ќе бидат згаснати. Ваквиот ултиматум беше примен со негодување од љубителите на автомобили, но кој ги прашува нив кога профитот е во прашање.

Најново е тоа што Алфа Ромео секоја година ќе претставува по еден нов модел до 2026, а од 2027 ќе произведува исклучиво електрични возила. Прв модел за претставување е долгонајавуваниот „тонале“ возило од „сув“ класата кое дели платформа со „џип компас“. Премиерата требаше да биде на крајов од годинава, но е одложена за 2022 во март. Потоа ќе следи уште еден „сув“, но со помали димензии, така што во семејството ќе се соберат три такви возила. Откако ќе завршат со „сув“ класата на ред ќе бидат „џулиета“ и „џулија“, а можно е и некое купе да биде претставено („спајдер“, исто така, чека многу години на ред за обновување).

Пининфарина даде убав предлог со концептот „дуетотанта“, а потоа беше на голема врата најавено дека Фиат со Мазда заедно ќе развиваат основа за нов спајдер. Кај Мазда работата е завршена со појавувањето на четвртата генерација на моделот  „м икс 5“, а Алфа Ромео сè уште чека за „спајдерот“, додека Фиат на таа основа го направи (обнови) купето „124“, модел кој издржа во производство до минатата година, а потоа моделот беше тргнат од гамата заедно со „500 л“. Јавноста очекуваше кабриолет двосед од Алфа Ромео, но досега ништо не се случи.
Во сета оваа работа има и една добра страна, а тоа е идните модели на Алфа Ромео ќе бидат правени во духот на марката, возилата да бидат стабилни и да имаат ниско тежиште, да имаат директно управување, да бидат автомобили во кои ќе се ужива при возењето, односно да имаат нота од тркачките автомобили, додека најсовремената технологија ќе биде малку запоставена со цел да се нагласат возните својства на Алфа Ромео – модели кои ќе потсетуваат на легендите од тркачките патеки и нивните сурови брзински способности.

 

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.