Alfa Romeo Giulia GTA-УБАВИНАТА И СПОРТСКИОТ ДУХ НА „ГТА“

07/05/2020

И ДОЛГА ТРКАЧКА ИСТОРИЈА, И ТРАДИЦИЈА, И УМЕШНОСТ И УШТЕ ЕДНО НЕШТО КОЕ ОСТАНАТИТЕ ГО НЕМААТ, А ШТО Е ТО А? ТОА Е НЕПОЗНАТАТА ВЕЛИЧИНА ВО „ЦРВЕНАТА РАВЕНКА“. МНОГУМИНА СЕ НАФАТИЛЕ ДА ЈА РЕШАТ РАВЕНКАТА, НО НЕ ИМ УСПЕАЛО И НЕМА НИ ДА УСПЕАТ, ЗАТОА ШТО…

 

Не така одамна марката од која многумина од конкуренцијата и го имаат стравот, ја претстави својата лимузина „џулија“ во издание со четирилисна детелина, односно „ку в“ кратенка од „квадривољо“. Кај Алфа Ромео детелината со четири листа значи врвот во гамата, но кога кон кратенката „ку в“ ќе се додаде друга кратенка од три букви, „гта“, тогаш нештата добиваат друга димензија и го надминуваат врвот.

Сето ова спомнатово оди во прилог на брзината, на изоштрениот спортски дух и секако на лесните материјали за намалување на тежината. Тука „играл“ карбонфиберот и сега лимузината со ознака „гта“ е полесна од таа со ознака „ку в“. Сепак, конструкторите сакале да направат нешто повеќе кога ја подготвувале најспортската изведба во семејството Алфа Ромео. Покрај изведбата „гта“, подготвиле уште една наречена „ГТАм“. Ова малово „м“ заедно со големото „А“, тоа е нешто како класата „гте ам“ наменета исклучиво за возачите кои не се професионалци, но сакаат да учествуваат на 24 часовната трка на издржливост на патеката Сарт во Леман.

Затоа оваа брутално импресивна изведба „гтам“ ги има сите особини на натпреварувачко возило. Како доказ за претходно напишаното сведочат: намалената тежина за 100 кг во однос на изведбата „ку в“ или вкупно 1520 кг, потоа дополнително засилување на патничкиот оддел за поголема безбедност на возачот и останатите, место за одлагање на кацигата, поинакво подесување и засилување на подвозјето заедно со новите амортизери, сигурносни ремени во пет точки, тркачки седишта и уште мал милион други детали кои значат многу за тие што умеат да ја разберат тркачката филозофија на Алфа Ромео. Ако имате среќа да купите примерок од „гтам“, да си знаете кацигата, тркачкиот костим, патиките и ракавиците, сето тоа е подарок за долго сеќавање и со љубов од Алфа Ромео. И сега каде застанавме?

Кај спортските особини на лимузината „гта“ и „гтам“, ако не се лажам. Тука главна „фаца“ е моторот, 2,9 литри, шест цилиндри во V и двоен турбо полнач. Од него „излегуваат“ 503 за „гта“, односно 540 коњски сили за „гтам“, а финалето се 3,6 секунди од 0 до 100 км/ч. Молскавичното забрзување е пропратено и со благопријатен звук кој посебно е створен од конструкторите во соработка со компанијата „Акраповиќ“, надалеку позната во светот по врвните издувни системи. Колку ќе чини ова богатство, засега производителот официјално не се изјаснил, но добрите познавачи на приликите во автомобилската индустрија велат цената ќе биде шестоцифрена, за почеток 100.000 фунти стерлинзи и нагоре. Цената мора да биде таа за која се „шушка“, сепак имајте на ум дека тука замешале прсти и конструкторите од тимот Алфа Ромео Формула 1 заедно со Заубер. Нивна е аеродинамиката, поточно спојлерите напред заедно со крилцата и тој спојлерот одзади.

Ознаката „гта“ својствена исклучиво за врвот во гамата значи „гран туризмо алеџерита“, односно гран туризмо автомобил со олеснета каросерија и за првпат е испишана во 1965 година на лимузината „џулиа спринт гта“. Засега ќе бидат произведени само 500 примероци од изведбата „гта“.

Не си играјте со Алфа Ромео затоа што оваа марка има зад себе спортска историја колку сите други марки заедно и таа традиција крајно љубоморно се чува и се негува веќе 11 децении, односно 110 години. Ако некому не му е јасно за што говориме во текстов, му препрачуваме да ја земе папката во која се наоѓаат историјата на Алфа Ромео, на Ферари и на Формула 1 и убаво да ја прочита за да запомни еднаш и засекогаш со кого си има работа.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.