ALFA ROMEO 4C-ПОСЛЕДНИОТ „МОХИКАНЕЦ“

11/01/2021

Уште еден автомобил годинава, за жал, ја завршува својата „кариера“. Ако судиме според возните особини и според дизајнот Алфа Ромео во изминатава деценија го имаше еден од најзанимливите модели, „4 ц“. Кога пред седум години го претставуваа, челниците на компанијата очекуваа многу повеќе отколку што во стварност излегоа работите со продажбата и заработувачката. И покрај сè автомобилот и неговите особини беа на највисоко можно ниво. Сите сопственици, но и специјализирани новинари имаа позитивно мислење и беа задоволни од автомобилот.

Е сега, каде нештата останаа да „шкрипат“ и продажбата да оди послабо од таа во предвидувањата на експертите во компанијата? Основниот модел се продаваше за 54.000 евра. Моделот е двосед, типичен роудстер чија основа е правена од карбонски влакна, лесна конструкција, 895 кг, со централно сместен мотор (веднаш зад седиштата), со погон на задните тркала и мотор со зафатнина од 1,75 литри. Тоа е тој легендарниот со кој Алфа Ромео со децении наназад „сее страв и трепет“ на тркачките патеки. Турбо компресорот истиснува 240 КС доволни за забрзување од 0 до 100 км/ч за фантастични 4,5 секунди. Велат цената била малку повисока од очекуваната, барем така велат заинтересираните за купување. Како и да било, сега веќе сето тоа е минато и „алфа ромео 4ц“ излегува од производство. За крај на својот животен век, конструкторите нудат посебна серија од овој модел со ограничен број, само 33. Таа бројка „33“ се темели на моделот од 1967 година именуван како „33 страдале“. Затоа последните примероци од моделот „4ц“ наречени „алфа ромео 4ц спајдер 33 страдале трибуто едиционе“ ќе бидат произведени во само 33 примероци и секој од нив ќе чини 67.000 евра.

Штета што Алфа Ромео не нуди замена за моделот. Сигурно ќе треба да помине многу време и дури потоа да видиме нешто слично на овој пред сè успешен модел за тие што знаат што бараат од еден спортски друмски автомобил.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.