РАЧНИОТ ЧАСОВНИК, КАКО И АВТОМОБИЛОТ Е СТАТУСЕН СИМБОЛ, КОЈ ГОВОРИ ЗА (НАД)МОЌТА НА НЕГОВИОТ СОПСТВЕНИК. НОВИТЕ СААТИ, КОИ ПРИПАЃААТ НА ПОЗНАТИТЕ СВЕТСКИ МАРКИ, ГО ОЛИЦЕТВОРУВААТ ЛУКСУЗОТ, НО И ЕЛЕГАНЦИЈАТА, БИДЕЈЌИ СЕ МЕЃУСЕБНО ПОВРЗАНИ. ЧАСОВНИЧАРИТЕ НЕ СЕ ШТЕДАТ КОГА Е МАЈСТОРИЈАТА ВО ПРАШАЊЕ. НАПРОТИВ ДАВААТ СÈ ОД СЕБЕ ЗА НЕГОВАТА УБАВИНА ДА БЛЕСНЕ НА РАКАТА НА ТОЈ ШТО ГО НОСИ. ВИ ГИ ПРЕТСТАВУВАМЕ НОВИТЕ ПЕТ СААТИ КОИ ИЗОБИЛУВААТ СО РАСКОШ, ОТМЕНОСТ, ПРЕФИНЕТОСТ.
Новиот саат претставува своевидна еволуција на Cosmos – моделот лансиран минатата година. Темата е астрономија, која ги комбинира куќиштето од титан и елементите од црн оникс, вклучително и рачно нанесените акценти од розово злато. Употребата на црниот оникс ја симболизира длабочината на универзумот и неговата бесконечна мистерија. Приказот на времето се наоѓа на дванаесеттата позиција, а граничи со два глобуса од двете страни, на третата и деветтата позиција, изработени од црн оникс и насликани со розово злато, кои можат да бидат и персонализирани. На шестата позиција се наоѓа Neo Bridge, кој подржува турбин, а целиот часовник го придвижува Caliber GP09320-1440, кој, пак, како и сѐ останато е рачно изработен. За бројчаникот и глобусите да добијат тридимензионален изглед, саатот е опремен со сафирен кристал, во форма на купола. Исто така, има и иновативен систем на подесување и навивање, кој ја заменува традиционалната корона. Рачниот часовник чини 274.000 швајцарски франци, а ќе се произведаат само осум.
Два вида рачни часовници опточени со дијаманти, кои наликуваат на гривни, се лансираа неодамна. Механизмите со лилипутански пропорции не се новина во часовничарството, но т.н. 101 механизам е толку мал што неговите делови изгледаат како честички од прав. Првпат е произведен во 1929 година, со должина од 14 мм и ширина од 5 мм. Истите димензии ги има и денес, но, сепак, јавноста дозна за него во 1953 год. кога францускиот претседател ѝ подари таков часовник на кралицата Елизабета II, која го носеше на своето крунисување. Неодамна се произведоа два вида, во облик на Snowflake гривни. Едниот е инспириран од ѕвонесто цвеќе, опточен со 904 дијаманти, со 20.9 карати. Дијамантите се поставуваат со линеарна техника, која вклучува мали златни куглици што се извлекуваат од површината на металот, за потоа секој дијамант да се става посебно, рачно, за да може максимална светлина да поминува низ нив. Моделот е подинамичен, благодарение на инспирацијата од арт деко ерата. Другиот модел е поедноставен, тркалезен.
Richard Mille неодамна се збогати со уште еден часовник од најпродаваната линија – RM 011…, а првпат излезе на пазарот во 2007 година, кој го карактеризираа необични, лесни материјали. RM 11-05 Automatic Flyback Chronograph GMT ги помести границите кога се спортските часовници во прашање. Главниот акцент е ставен на куќиштето, кое изгледа перфектно. Ја комбинира леснотијата на титанот и цврстината на дијамантите, направен од керамика и синтеруван метал. Исклучително е издржлив и отпорен на гребаници. Средишниот дел е направен од TPT карбон, додека заднината е произведен од титан. Работи благодарение на RMAC3 механизмот, кој е дело на брендот Vaucher. Покрај тоа, моделот поседува и годишен календар. Механизмот има резерва на енергија од 55 часа. Неговото сиво куќиште како совршен контраст доби светлосини и портокалови акценти на бројчаникот, короната, копчињата и ремчето. Ќе бидат произведени само 140 парчиња, по цена од 215.000 долари.
По повод лансирањето на хиперавтомобилот Lamborghini Essenza SCV12, кој е наменет исклучиво за тркачки патеки, Roger Dubuis го претстави часовникот во ограничено издание, инспириран од него. Excalibur Essenza SCV12 е дизајниран во соработка со екипата на Lamborghini. Базиран на часовникот Excalibur Aventador S, новиот модел доби преработена верзија на Roger Dubuis Duotor механизмот. Како хиперавтомобилот, кој е наменет исклучиво за трки, ексклузивниот Roger Dubuis механизам е оголен до својата суштина, а доби и дизајнерски елементи што се директно инспирирани од Essenza SCV12 моделот, вклучувајќи го и скелетинизираниот мод. Часовникот, исто така, доби и лимета зелени акценти, кои се совршен контраст на карбонската конструкција. Сега за сега датумот на официјалното лансирање и цената на часовникот сé уште не се познати, но сосем сигурно е дека нема да биде поевтин од 185.000 долари, колку што всушност чинеше Excalibur Aventador S.
Кога Bulgari го купи Gérald Genta пред дваесетина години, идејата беше овој „haute horlogerie“ бренд да придонесе за кредибилитетот во светот на луксузните часовници. Инаку, Gérald Genta е основан во 1969 година од страна на истоимениот дизајнер, кој е одговорен за 1972 Audemars Piguet Royal Oak и 1976 Patek Philippe Nautilus. Неодамна Bulgari го претстави новото поглавје во Gérald Genta сагата – моделот Arena Bi-Retro Sport, кој доби куќиште со пречник од 43 мм, од брусен титан, со широка, заоблена база. Саатот е прикажан во прозорчето што се наоѓа на дванаесеттата позиција, додека минутите се прикажани во сводеста форма на горната половина од црниот атрацитен бројчаник. На секои шеесет минути стрелката се враќа на нула. Истото се случува и со датумот, кој е прикажан во малиот лак, на шестата позиција. Саатот има самонавивачки механизам, со резерва на енергија во траење од 42 часа. Акцентиран со црно алигаторско ремче, овој модел се продава по цена од 14.800 долари.