Двата електронски гиганти од земјата на кунг фу чајот и секако големиот ѕид, денес се многу повеќе присутни во автомобилската индустрија. Зошто е тоа така најверојатно се чувствуваат способни да создадат автомобил и свесни се дека имаат пари за таква „авантура“, свесни се дека можат да влезат во друга индустрија, сосема непозната за нив. Шаоми деновиве ја претстави луксузната петметарска лимузина, а неговиот најблизок електронски „роднина“ и лут противник Хуавеи (некои го читаат како „вавеи, „уавеи, копирајќи изговор од странски јазици) за годинава го најавува „м 9“, сув од високата класа. Да потсетиме Хуавеи веќе има претставено две „сув“ возила, тоа се „м 5“ и „м 7“. Хуавеи не тргна сам во автомобилската индустрија, негов најблизок и главен соработник е Серес задолжен за производство, релативно „стар волк“ во автомобилската индустрија. Хуавеи со ова компанија ја има создадено марката Аито.
„Аито (Хуавеи) м 9“ има дури 5,23 мм во должина, што го прави ист или подолг од многу луксузни лимузини од високата класа, широк е цели два метри (1.999 мм) и висок 1,8 м. Има шест седишта, 2+4, но и најмалку осум екрани, за набљудување на работата на возилото, но и за забава (во вид на четири таблети). Затоа со право го нарекуваат подвижна тв соба, а може да биде и мало кино бидејќи поседува нешто како уред кој прикажува слика со дијагонала од 2,6 м. Занимливо е тоа што возилото е преголемо, а коефициентот на отпорот на воздух изнесува само 0,264. Значи, дизајнерите повеќе од добро си ја завршиле работата.
Хуавеи заедно со Серес подготвиле две погонски единици. И едната и другата имаат по два електромотори. Првата изведба има вкупно 530 КС и батерија од 97,7 kWh со која може да измине најмногу 630 км, а втората располага со батерија од само 50 kWh (42 и 52) и за разлика од првата има 1,5 литарски бензински мотор кој служи како генератор – произведува електрична енергија и ја дополнува батеријата. Оваа изведба може најмногу да измине дури 1.400 км.
За цена од 60.000 евра добивате сѐ што е претходно спомнато, но и воздушно подвозје, внатрешност која може да ја претворите во кревет (исто како „фиат панда“ пред 40 год. и претходно „рено 4“ и „цитроен ц 2“) и да слушате квалитетна музика од 25 звучници и 2.000 вати силина. „Аито м 9“ ќе се продава само на кинескиот пазар, но велат подоцна можен е „излет“ во соседството, но и подалеку. Сега ја очекуваме салонската светска премиера која најверојатно ќе се одржи на некоја автомобилска изложба на домашен терен.