АББ Формула Е-ДРАМАТИЧЕН ФИНИШ ВО САНТИЈАГО

26/02/2020

ВТОРАТА ТРКА ОД СЕЗОНАТА НА ФОРМУЛА Е ПОВТОРНО ДОНЕСЕ ДРАМА, СО ЗАПЛЕТ КАКО ОД ФИЛМСКИТЕ ПЛАТНА, ПРИ ШТО ПОБЕДАТА НА КРАЈОТ, ПАК, ЗАВРШИ ВО РАЦЕТЕ НА ТИМОТ БМВ АНДРЕТИ.

 

Од Саудиска Арабија каде што на стартот од сезоната се возеа дуплекс Е-при трките од Формула Е, карванот во средината на јануари го посети Чиле, каде што овој спектакл ги оправда очекувањата. Главните муабети се движеа околу температурите кои достигнаа 35 степени Целзиусови на воздухот, односно 46 степени на патеката, па се очекуваше дека гумите тешко ќе се справат на долг рок со потребното континуирано одработување на својата задача со високи перформанси. Дополнителна непозната беше и новиот асфалт поставен веднаш по стартот, од свиокот 2 до свиокот 8, кој според уверуваењето на организаторите беше отпорен на топлина.

Лани оваа трка беше најжешка во сезоната и донесе рекорден број откажувања. Откако во Дирја на првите две трки како победници се етаблираа Сем Бирд и Александер Симс, од аспект на анализа беше битно да се следи формата во Сантијаго, па откако Бирд во првата тренинг сесија постави репер време под 1 минута и 5 секунди за круг, тоа остана како правило за сите сесии до крајот.

Во втората сесија беа забележани најбрзите резултати со Роуланд (Нисан), Маса (Вентури) и Еванс (Јагуар), но кога дојде време за квалификациите и за супер-пол дуелот, на два пати само Мич Еванс успеа да комплетира време под 1:05 и да се издвои пред другите. Сепак за волја на вистината, Макс Гинтер од БМВ Андрети во двата случаја беше веднаш зад него на две десетинки од секундата, најавувајќи дека сепак дуелот за прва позиција во трката нема да помине без борба. Но, тогаш се случи изненадувањето, па во трката со вонсериска брзина како најдобар се покажа тимскиот колега на Бирд, Антонио Феликс да Коста. Тој беше десетти на стартот, но успеа да ги престигне сите и во финишот да го предизвика тогаш водечкиот Гинтер во борба за првото место. Шпанецот го престигна ривалот, но тогаш пристигна пораката дека температурата во акумулаторите на неговиот автомобил е на критично ниво и тој мора да забави.

– Мислам дека не ми даваа комплетна информација или бев малку погрешно информиран за време на трката. Кога ми рекоа дека температурата е во ред, јас им кажав дека не им верувам. Но, само што го преземав водството, ми јавија дека мора да забавам. Сета драма дојде во последниот круг, а дечките од БМВ во него се снајдоа подобро,- изјави Феликс по трката.

Од перспективата на Гинтер, трката изгледаше сосема поинаку, бидејќи на стартот Еванс поведе од пол позицијата, а третопласираниот Верлаин успеа да се позиционира пред него. Вториот возач на БМВ Андрети, Симс, имаше дефект поради што беа развеани жолти знамиња, а подоцна поради контакт со Роуланд, Бирд падна на опашката од колоната. Едуардо Мортара накусо го престигна Гинтер, па овој тогаш се охрабри да го искористи потенцијалот на дополнителната енергија што овозможува напад и прво успеа да го врати третото место, а потоа да го престигне и Верлаин за второто. На 25 минути до крајот, тој го презеде водството во трката, додека на трето и четврто место дојдоа Верње и Коста, со што започна драмата која ги опфати последните 15 минути. На Верње му се случи малер и предната лева гума почна да се гребе од крилото, па на крајот тоа му се скрши, а тој отиде во бокс. Коста на седум минути пред крајот го достигна и престигна Еванс, по што почна да прави притисок и на првопласираниот. На три минути до крајот, Гунтер прешироко влезе во свиокот број 10, па Коста успеа да напредува поминувајќи го од внатгрешна страна. По еден круг, во деветтиот свиок Гунтер се врати во водство на една минута пред крајот, а Еванс несвесен за проблемите на Коста, остана на третата позиција. На крајот Верлаин заврши четврти, додека двата болиди на Мерцедес со Ник де Вријс и Стофел Ван Дорн беа на петтото и шестото место. Во трката имаше уште еден вонсериски перформанс, оној на Лукас ди Граси, кој поради технички проблеми во квалификациите стартуваше последен, но потоа стигна од 22 до 7 место.

 

– Ова се шест поени кои се надевам дека ќе бидат мошне значајни за првенството. Успеав да надополнам 15 места, ова е една од моите најдобри трки,- изјави Бразилецот.

Стофел Ван Дорн кој на првите две трки во Саудиска Арабија беше третопласиран, сега со 38 бода се искачи на врвот на табелата, пред сè бидејќи Симс не ја заврши трката, па остана на 35 поени. Малерозниот Бирд успеа да освои два бода (еден од пласманот и еден за најбрз круг во трката ) па сега е трет во генералниот поредок со 28 поени. Следува Гинтер со 25 па Лукас ди Граси со 24 бода. Турнејата на Формула Е низ Јужна Америка продолжува во Мексико на 15 февруари.

„КОРОНАВИРУС“ ЈА ОДЛОЖИ ТРКАТА ВО КИНА

Организаторите на Формула Е, задно со ФИА и владата на Провинцијата Хаинан во Кина, решија да ја откажат трката од календарот на ова првенство која беше планирана за 21 март. Околностите околу појавата на „коронавирус“ доведоа до загриженост за здравјето на сите луѓе инволвирани во организацијата на трките и подготовката на болидите, но уште поважно – и за безбедноста на гледачите на трибините кои се очекуваа во голем број. Во официјалното соопштение се наведува дека сите страни ги разгледуваат алтернативите, но првенствено мора да се подобри ситуацијата.

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.