Чешкот производител на автомобили размислува во поинаков правец, се чини носталгијата си го прави своето. Моделот „1203“ за првпат беше претставен пред домашната и светската јавност во 1968 година за време на трговската саемска манифестација во Брно.
Зборуваме за класично комбе кое во тие години било повеќе од неопходно, како за секојдневен превоз на материјални добра, така и за превоз на патници, но и како медицинско возило за прва помош. Оттогаш, Шкода во своите редови немала таков тип возило и засега не се познати причините за застојот во развојот на еднопросторните. Состојбата не беше поинаква ниту со влегувањето во групацијата ВАГ – Шкода и натаму беше без стопанско возило. Денес нештата се менуваат благодарение на првичните нацрти во сопственост на младиот дизајнер Даниел Хајек кој е дел од дизајнерскиот Шкодин тим уште од 2016 год. Според него возилото може да ја користи основата од „т6 транспортер“, или ако биде електрично да ја користи „меб“ основата на која се направени „ид. 3“ и „ид. 4“ модели на Фолксваген.
Идејата за конструирање комби возило со знакот на Шкода можеби не е нова, но досега никако да биде остварена. Хајековиот ретро концепт „1203“ засега е само на хартија, но авторот планира да ја турка идејата до сериско производство и ќе видиме до каде ќе стаса. Шкода треба да има вакво возило затоа што стариот модел „1203“ беше толку многу популарен не само во Чехословачка, туку и надвор од неа.
Жарко Атанасоски