Претставуваме LAMBORGHINI SC20-УНИКАТ ДОСТОЕН ДА ГО СЛАВИ РАЗБЕСНЕТИОТ БИК

22/01/2021

Создаден од тркачкото одделение на Lamborghini, Squadra Corse, отворениот тркач хомологиран за на улица е уникатен примерок кој плени со својот стас, глас и беснотилак од перформанси.

 

Горделиво да се носи славата на една одгледувачница на змееви е тешко бреме кое не простува грешки. Во светот на автомобилите тоа е јасно како бел ден. Затоа во Lamborghini внимателно го негуваат своето наследство и задираат во иднината, начнувајќи ги прашањата што би требало да се очекува од марка која носи слава на спортска легенда. Затоа, од време на време, екскурзиите во непознатото кои боцкаат во љубопитноста на октанските зависници, љубителите на марката и се разбира на клиентите, ја креваат марката на пиедестал кого секако го заслужува. Сведоци сме на проект создаден од Lamborghini Squadra Corse, спортското одделение на Lambogrhini, кое покрај тоа што го води сервисот за мотоспорт е задолжено и да создава уникатни примероци својствени само за марката од Сент`Агата Болоњезе.

 

ТРКАЧ ХОМОЛОГИРАН ЗА НА УЛИЦА

Пред нас е Lamborghini SC20, отворен тркач хомологиран за на улица и втор по ред уникатен примерок создаден од Lamborghini Squadra Corse. Како и неговиот претходник, уникатниот SC18 Alston кој беше претставен пред две години, така и SC20 e целосно дизајниран во стилистичкиот центар на Lamborghini, Centro Stile. SC20 е создаден следејќи ги желбите на клиентот кој бил инволвиран во проектот од првите скици направени на хартија од дизајнерите на Lamborghini, па сè до неговата изработка.

Желбата на клиентот била да се создаде уникатен автомобил екстремен како со дизајн, така и со перформанси. Затоа во него се компонирани најнапредните аеродинамички решенија кои Lamborghini ги користи кај своите тркачки модели. Инспирација за SC20 биле славни модели како: Diablo VT Roadster, Veneno Roadster, Concept S и Aventador J. А, резултатот е драматична комбинација од креативност и став на бескомпромисен тркач.

 

ИСПОЛИРАН ДО СОВРШЕНСТВО

Целосно изработено од јаглеродни влакна телото на Lamborghini SC20 е извајано и исполирано од рацете на инженерите за аеродинамика на Lamborghini. Тесно соработувајќи со дизајнерите тие ја споиле убавината со аеродинамиката. Добиен е оптимален проток на воздух потребен за постигнување вртоглави перформанси, но и за да се обезбеди комфор на патниците во отворената кабина при високи брзини. Издадениот преден сплитер врамен со две перки и масивни отвори за воздух е инспириран од Huracan GT3 EVO, додека страниците извајани како скулптура наликуваат на решенијата применети кај Essenza SCV12. Мускулестиот задник е украсен со масивно антикрило од јаглеродни влакна кое се мести во три позиции: Ниско, Средно и Високо оптеретување. Зависно од брзината.

 

УБАВИНАТА Е  ВО ДЕТАЛИ

Lamborghini SC20 е опточен со ексклузивни детали кои повеќе одат на рака со бесценет накит, отколку со автомобил. Почнувајќи од основното лакирање на каросеријата во „Bianco Fu” бела боја измешана специјално за клиентот, преку која совршено прилегаат акцентите во, исто така, уникатната „Blu Cepheus” сина боја. Истите нијанси се повторуваат и во ентериерот каде совршено се надополнети со детали во „Nero Cosmus” црна боја и „Bianco Leda” бела боја. Највпечатливиот елемент од кабината е јасно воочливиот елемент од јаглеродни влакна кој ја покрива арматурата. Текстурата на јаглеродните влакна покрај на целиот монокок се забележува и на задниот ѕид од кабината, панелите на вратите, централната конзола и воланот. Јаглеродните влакна се забележуваат и на седиштата кои се преслечени во кожа и алкантара, а рачките на вратите се изглодани од полн алуминиум. И на крај, за ексклузивноста да биде поголема отворите за вентилација се создадени со користење на технологија на 3D печатење која дозволува креирање на уникатни елементи.

 

МОЌЕН И ПРОДОРЕН

Перјаницата на моторите на Lamborghini, атмосферскиот 6.5 литарски V12 беснее централно во шасијата на SC20. Фино избрусен од инженерите на Squadra Corse овој биковски моќен дванаесетцилиндарец испорачува 770 КС при 8.500 min-1 и мрсен вртежен момент од 720 Nm при 6.750 min-1. Овој моќник со продорен звук кој наежува ги задвижува сите четири тркала преку седум-степен менувач IRS со независни лостови за менување и електронски управуван централен диференцијал. Контактот со подлогата го обезбедуваат гумите Pirelli PZero Corsa поставени на бандажи од 20 инчи напред и 21 инч назад.

На овој начин е исполнета комбинацијата на софистициран инженеринг, напреден дизајн, единствено спортско доживување, со италијанскиот истенчен вкус и филигранската изработка. Lamborghini SC20 е уште една техничка и стилска вежба која тесно ги врзува спортскиот оддел Squadra Corse со центарот за дизајн Centro Stile овозможувајќи му на Lamborghini да исполнува желби на клиенти и да создава уникатни проекти на комплетни автомобили од развој, преку процес на конструирање, до завршна изработка. Секако во Lamborghini ја чуваат интимноста на клиентите, па затоа нема информација колку чини и за кого е изработен уникатниот Lamborghini SC20. Затоа останува само да уживаме во убавината која ние е предочена.

 

Љубомир Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.