Светот повторно лудува по ултра луксузните автомобили или обратно? Што и да се случи светот има уште една марка автомобили и тоа не било каква туку марка која ќе произведува ултра супер брзи автомобили. За сета „гужва“ стои Амер Наран, некогашен учесник во трки, денес сопственик на компанија која изнајмува авиони, главно од тие помалите со десетина седишта наменети за одбрано друштво. Негова најголема желба била да си направи автомобил. Очигледно сонот му се остварил, а го нарекол „наран хипер купе“. Секоја чест на „типот“ кој има само 34 години. Развојот на автомобилот е започнат некаде на почетокот од 2017 година. Купе автомобил со четири седишта, поточно 2+2, мотор V8 со двоен турбо компресор, со работна зафатнина на цилиндрите од 5,0 литри. Многуте коњски сили, а ги има 1.062 заедно со максималниот вртежен момент од 1.036 Нм. На добро „навитканиот“ мотор со неговите 1.062 КС многу му е лесно да постигне врвни брзински резултати – од 0 до 161 км/ч (100 м/ч) за 4,5 секунди, а од 0 до 322 км/ч (200 м/ч) за фантастични 16,5 секунди. Претходно спомнатото „навиткување“ на погонската единица е остварено преку соработката со германската работилница „Рејсинг динамикс“ кои како основа го имаат позајмено 4,4 литарскиот во сопственост на БМВ, односно моделот „м 8“. Тежината на купето од 1.620 килограми, кои не се така мали, сепак се губат покрај огромната силина од 1.062 коњи. Занимливо е што силината од моторот се пренесува на сите тркала преку осумстепениот автоматски менувач направен од познатата фирма ЗФ. Доколку возачот сака да нагази при совладување на свиоците, тогаш може да го исклучи погонот на сите тркала и сета силина се насочува кон задната оска.
Сепак во сета ова гужва сопственикот Амер Наран не е единствениот кој е заслужен за „наран хипер купе“. Не случајно се повикани Стив Пег, некогаш вработен во Јагуар, Ленд Ровер, БМВ, Форд, а денес во Наран Аутомотив заедно со експертот за тркачки и супер брзи автомобили Даниел Менсе кој „занаетот го печел“ во гаражите на Светскиот шампионат во рели, Светскиот шампионат за туристички автомобили, потоа, ЦТЦР, ТЦР итн. Тој е еден од најзаслужните при развојот на електро хипер брзиот автомобил „нио еп 9“.
И сега најважната информација, автомобилот „наран хипер купе“ ќе биде произведен во само 49 примероци, а цената според првичните озборувања ќе биде некаде околу еден милион евра. Тоа и не е така висока цена во споредба со крајната брзина од 370 км/ч.