СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ФОРМУЛА E-МАРАТОНСКО ФИНАЛЕ СО ШЕСТ ТРКИ

29/09/2020

СЕЗОНАТА НА ФОРМУЛА Е ЗАПОЧНА ВО ДЕКЕМВРИ СО ДВЕТЕ ТРКИ ВО РИЈАД, А ПОТОА СЛЕДЕА ОНИЕ НИЗ МЕКСИКО СИТИ, САНТИЈАГО И МАРАКЕШ, ПО ШТО УСЛЕДИ ПРЕКИНОТ ЗАРАДИ ПАНДЕМИЈАТА, НО СЕЗОНАТА СЕПАК ИМАШЕ ДОСТОИНСТВЕН КРАЈ СО ГОЛЕМ НАСТАН ВО БЕРЛИН, КАДЕ ШТО ВО ТЕК НА 9 ДЕНА СЕ ИЗВОЗЕА ДУРИ ШЕСТ ТРКИ!

 

За вака осмисленото финале беше користен аеродромот Темплхоф крај Берлин, а всушност беа симулирани 3 гран при викенда во само осум дена! Тоа значи дека беше задржан духот да се возат две трки во еден гран при викенд, со почитување на правилата кои ja диктираат стартната листа во втората трка да биде според пласманот на првата трка (а не според квалификациите како во настанот број 1).

Но, за да се стекне комплетен впечаток дека всушност има три различни гран при викенди, беа направени и три варијанти на патеката, па така за секој чифт на трки – имаше нова конфигурација! Првиот гран при викенд се возеше на познатата традиционална патека која е присутна во Формула Е од 2015 година, но во обратна насока! Втората трка беше враќање во нормалата, додека на третата трка беа направени интервенции на дел од средишниот дел на патеката. Водечкиот во генералниот пласман, Антонио Феликс да Коста, зад воланот на ДС Течита кој имаше само 11 поени пред Мич Еванс од Јагуар, започна со пол позиција и две победи во низа на првите две трки – покажувајќи доминација и посветеност како ништо да не се случило од неговиот последен триумф во Маракеш.

Максимилијан Гинтер со БМВ Андрети успеа да ја прекине неговата серија со победа во третата трка (кога Антонио беше четврти), но веќе на следната трка возачката двојка на Течита имаше еден-два победа, но овој пат со Жан Ерик Верње пред Антонио Феликс да Коста. Имајќи предвид дека ривалите во борбата за тронот немаа соодветен одговор, Португалецот во последните две трки возени во Берлин влезе како шампион, па другите возачи како да добија поттик да покажат колку вредат.

Оливер Роуланд го предводеше Нисан до победа во претпоследната трка, додека на последната рунда со 1-2 победа се закити тимот на Мерцедес, Стофел Вандорн и Ник Де Вријс, додека третопласиран беше Себастијан Буеми од Нисан. На овој начин, Антонио Феликс да Коста со 158 бода беше крунисан како нов шампион на Формула Е, додека Стофел Вандорн со последниот триумф му го „украде“ второто место на табелата на Верње за само еден поен: 87:86! Буеми и Роуланд со 84 и 83 бода го вратија Нисан на пиедесталот кај конструкторите, додека Лукас ди Граси со Ауди, исто така, се врати меѓу водечките со вкупно 77 бода, за разлика од индиспонираниот Мич Еванс кој од конкурент за титулата, по берлинскиот „маратон“ заврши седми во генералниот пласман со 71 бод.

Тимот на ДС Течита со 244 бода ја освои титулата кај конструкторите, пред Нисан со 167 и Мерцедес со 147 бода. Зад нив се повеќе изедначени тимови, при што Вирџин е најдобар со 121 бод, пред БМВ Андрети со 118 бода и Ауди со 114 бода. Идната седма сезона на Формула Е, која првпат ќе биде насловена како Светско првенство под закрила на ФИА, планирана е да започне на 16 јануари во Сантијаго, Чиле, и да има 14 трки во текот на 2021 година.

ЛУДА СТАТИСТИКА

На шесте трки во Берлин беа извозени вкупно 218 круга, а половина од возачите – дури 12, ги извозеа сите предвидени километри! Единствено екипата на Махиндра ги имаше двата болида во оваа група. Сепак, ниту еден возач не успеа да освои бодови на сите шест трки, а само четири пилоти освоија поени на пет трки: Антонио Феликс да Коста, Себастијан Буеми, Андре Лотерер и Лукас ди Граси. Нисан и Ауди беа два тима кои беа во бодови на секоја трка во Берлин.

Бразилецот Лукас ди Граси стана првиот возач на Формула Е кој направил 2.500 кругови во трка. Оваа сезона дури 10 возачи направија најбрзи кругови во 11 трки од Формула Е, што е рекорд во една сезона. Само на шампионот Антонио Феликс да Коста му успеа да биде два пати најбрз во трките (трка број 2 во Саудиска Арабија и во првата трка од маратонското финале во Берлин) за што си освои по еден поен.

ЛУКАС ДИ ГРАСИ – ЈУНАК НА „КОРОНА ПАУЗАТА“

Бразилскиот автомобилист Лукас ди Граси, кој е поранешен шампион во Формула Е со Ауди, беше истакнат како еден од јунаците што несебично се залагаше за подобри услови во Бразил за време на пролетната пауза предизвикана од пандемијата на Ковид-19. За потфатите на Лукас ди Граси за првпат се проговори во видео-блоговите подготвени од поранешниот Ф1 шампион Нико Розберг. Тогаш светот дозна дека Лукас ди Граси по разни канали собрал донации за помош на ризичните групи од населението во Бразил, при што свотата е опишана како „150 минимални плати“. Со овие средства биле помогнати неколку проекти, при што во фавелите каде што се најсиромашните жители и најчесто нема вода, биле однесени средства за дезинфекција, како би можела да се запази хигиената и да се спречи ширењето на вирусот. Потоа, со помош на фабрика од 3-Д печатари биле изготвени заштитни визири, а последниот потфат е околу дезинфекција на возилата во јавниот транспорт.

Имено, технологија за дезинфекција со УВ-зраци која се користи во болници и слични средини, е приспособена за употреба во големите превозни средства, а идејата наводно потекнала од кинеските авио компании, при што буткајќи своевидна „супермаркет количка“ на која е монтирана потребната опрема, еден авион се дезинфецира за десетина минути наместо да се трошат неколку часа мануелен труд, бидејќи тие зраци убиваат широк спектар на бактерии и вируси. Оваа идеја Лукас ди Граси ја пренел во Бразил, ги набавил потребните елементи и заедно со надлежните служби започнале со тестирање на стерилноста на така дезинфицираните возила!

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.