Никако да стивне побарувачката за ултра луксузот и покрај буквалното бомбардирање од страна на производителите со најразновидни ограничени и посени серии. Бугати е еден од нив, од највисоката класа, затоа што неговите автомобили се мерат со по неколку милиони долари или евра.
Најновата креација е наречена „диво“ по презимето на возачот Алберт Диво кој успеал два пати да победи во ’20 години од минатиот век на легендарната трка во Италија, Тарга Флорио. Правена е на основа од моделот „чирон“, но од него останало само малку, а другото сè е ново, дури и аеродинамиката со своите спојлери и воздушни премини (тунели) го прават автомобилот да има дополнителен подпритисок зголемен за 90 кг за разлика од „чиронот“. Направен е да ја истакне уште повеќе некогашната слава стекната на тркачките патеки, а денес е носител на хипер луксузот и светски рекордер во максималните брзини – се натпреварува со неколку негови директни конкуренти и титулата неретко оди од кај едниот во рацете на другиот, или третиот и четвртиот и така во круг. Кај најновиов модел конструкторите електронски ја ограничија крајната брзина на 380 км/ч.
Моторот е тој познатиот двојно V (W) со 16 цилиндри со работна зафатнина од 8,0 литри. Кога на ова ќе се додадат и четири турбо компресори, тогаш станува јасно зошто ова купе има 1.500 коњски сили при 6.700 врт/мин. Покрај нив и вртежниот момент е запрепастувачки, 1.600 Нм, со врвно забрзување за само 2,4 секунди од 0 до 100 км/ч.
Моделот „диво“ ќе биде произведен во 40 примероци и секој сопственик ќе има прилика да каже што сака да има, а што сака да нема во неговиот автомобил. Овој податок за и околу врвниот луксуз и преголемиот интерес кој владее за него, сме го спомнале некоку пати, а го спомнуваме затоа што е вистинска реткост најлуксузните марки да бележат фрапантно високи продажни резултати и да рушат рекорди поголеми од било кога. И да го додадеме следново. Ниту една компанија претходно не продала толку автомобили како во периодот на рецесијата иако постојат и по еден век. Ем рецесија, ем поставуваат рекордни продажни резултати.
Сите сегашни модели од производителот Бугати носат имиња (Луи Чирон, Алберт Диво, Пјер Вејрон…..) на тркачите кои оставиле длабоки траги во историјата на марката.