ВЕРОЈАТНО НАЈЛОШО ЧУВАНАТА ТАЈНА ОВА ЛЕТО БЕШЕ ПОВТОРНОТО ДОАЃАЊЕ НА ФЕРНАНДО АЛОНСО ВО РЕНО, ОТКАКО СВЕТСКАТА ПАНДЕМИЈА СО КОВИД-19 ОСТАВИ ТРАГА ВО СВЕТОТ НА ТРКИТЕ И МОЖНОСТА ВО ТОЈ СВЕТ ДА СЕ ПРОДОЛЖИ СО НАТПРЕВАР, ЗАБАВА И ЗАРАБОТКА.
Oткако дебитираше со Минарди на почетокот од новиот милениум, Фернандо Алонсо целиот свој талент го избруси во професионална кариера за каква многумина сонуваат префрлувајќи се во Рено, каде што освои две титули светски шампион, притоа симнувајќи го од тронот тогашниот седумкратен првак, Михаел Шумахер.
Двата наслови светски шампион во 2005 и 2006 го однесоа во Мекларен за 2007 година, но два момента беа пресудни неговиот договор со тој тим да заврши истата сезона: скандалот во кој неговиот нов тим беше обвинет за поседување на недозволени информации од конкурентски тим (Ферари) по што следеше и драконска казна, како и доаѓањето на Луис Хамилтон за тимски колега. Алонсо се врати во Рено за сезоните 2008 и 2009 година, но уште еден скандал му пресуди на тогашниот менаџмент, поради аферата „Крешгејт“ (која се случи на трката за ГН Сингапур во 2008 година, а беше публикувана следното лето). Следуваа годините на посветеност на големиот сон со Ферари и двете вицешампионски титули во 2010 и 2012 година кои покажаа дека сè уште е возач кој „пали и гаси“ кога има вистинска машина. Но, Ферари ги изневери неговите очекувања со болидите кои не можеа да се носат со Ред Бул, а во турбо ерата ни со Мерцедес. Последната етапа за него во Формула 1 беше онаа со Мекларен и Хонда, од 2015 до 2018 година, но сите соништа дека славната комбинација со која Аиртон Сена некогаш владееше во светот на трките ќе се регенерира со неговото доаѓање, всушност се покажаа како преоптимистички. Токму конструкторските проблеми од страна на јапонската фабрика се покажаа како слабата алка во тој синџир, па во последната година од неговите досегашни настапи во Мекларен добија мотор од Рено.
Сите церемонии на испраќањето во Абу Даби 2018 година укажуваа дека Алонсо оди во светот на трките за да го брка предизвикот за триумф на „24 часа Ле Ман“ и „500 милји на Индијанаполис“, откако претходно има освоено победа во Монте Карло со Формула 1. Што се однесува до победата на „Ле Ман“, истата беше освоена во првиот обид во 2018 година со Тојота, а повторена и во 2019 година. Обидите за успех на трката во САД се искомпли- цираа, откако не толку добриот раскин на односите со Хонда му се испречи на патот кон добивање шанса со некој квалитетен тим. Поради поместувањето на трката од традиционалната мајска дата во август, Алонсо ќе може да атакува на „500 милји Индијанаполис“ веќе на 13 август оваа година, со болид именуван како Ероуз Мекларен, а со погон на Шевролет.
Во меѓувреме, Формула 1 ги помести новите правила за 2022 година, што значи дека истиот сет на регулативата што е на сила сега, ќе биде и во 2021 година. Тоа не ветува многу за шансите да се направи сериозен пресврт со Рено, но од оваа екипа заминува Даниел Рикиардо, кој оди во Мекларен. Тоа креираше огромна празнина во францускиот тим, поради што ангажманот на искусен возач беше приоритет, а изборот падна на Алонсо. Алонсо ќе наполни 39 години на крајот од јули, а во Рено договорот го обврзува на две сезони (две плус една опционална), но сепак му е дадено право во секое време да го раскине истиот доколку смета дека работите не одат во посакуван правец.
– Рено тимот е презадоволен што може да потврди дека Фернандо Алонсо заедно со Естебан Окон ќе го сочинува нашиот стартен двоец за сезоната во 2021-ва година. Набрзо по потврдувањето на зделката, Алонсо излезе и со прва изјава како нов член на тимот, порачувајќи дека неверојатните спомени од Рено го натерале да се одлучи за ваков чекор во кариерата.
– Рено е мое семејство, најдобрите спомени од Формула 1 се од тука. Добро знаете што направив тука, двете шампионски титули ги освоив со Рено и едвај чекам да влезам во болидот. Горд сум и почестен што се враќам во тимот, – рече Шпанецот, кој минатава зима за првпат настапуваше на легендарното рели „Дакар“ со тимот на Тојота.
На хартија, неговото учество на Дакар ќе биде „замрзнато“ иако беше речиси сигурен дека ќе вози и оваа зима на трката која овој пат се организира во Саудиска Арабија.
– Ќе се обидам со моето искуство да им помогнам на младите таленти. Ќе се обидам да бидам важен дел во конструкцијата на шампионски тим. Навистина сум подготвен. Ќе почнам со подготовките за Формула 1 од септември, ќе имам специфични тренинзи. Многу сум мотивиран и подобар од било кога, – додава Алонсо.
Од друга страна, тимскиот шеф на Рено, Сирил Абитебо, изјави дека влогот на Алонсо всушност е да биде во совршена форма за 2022 година. Правилата за 2021 имаат само мали разлики во извесни рестрикции кај аеродинамиката, додека сетот на правила за новите болиди треба да значи мошне поголеми промени, а со тоа надеж и во нов распоред на силите.
– Тој има голема мотивација, имајќи предвид дека отсуствуваше две сезони од спортот што го сака. Во спортот има многу примери за камбек, се надевам дека ќе биде позитивен. Разговаравме чесно, и знам со сигурност дека нема погрешни очекувања за следната година, туку дека проектот за 2022 година е она што е интересно за спортот, за тимот и за него.
Абитебо смета дека нема потреба да се плаши од нарушување на атмосферата во тимот, бидејќи Алонсо го следи таков глас, туку повеќе е насочен кон да ја набљудува неговата мотивација. Сепак, прецизен е по прашање на тоа дека Шпанецот заслужува болид за победи и тоа е она што ги спојува.
– Фернандо ја знае Формула 1 како од внатре на патеката, така и надвор од неа. Само како идеја, тој има капацитет на градење план, на градење стратегија. Не само за тркачкиот тим, туку и за целиот програм фокусиран на Формула од страна на фабриката. За него, сè се движи околу 2022 година. Тој речиси нема интерес за 2021 година, но ќе се трка за нас и така што ќе има интерес да не натера да бидеме конкурентни колку што е тоа возможно. Но, во пракса, тој ни вели „заборавете на 2021“. Не дека нема да бидеме пристојни, туку затоа што сè е во знакот на 2022 година. Таа филозофија ја носи тој, а за мене како менаџер на тимот тоа е од огромна помош. Исто така, тоа ќе ги смири и луѓето во екипата,- вели тимскиот шеф на Рено.
КОЈ Е ПОДОБАР, ШУМАХЕР ИЛИ АЛОНСО?
Флавио Бриаторе е човекот кој ги „откри“ Михаел Шумахер и Фернандо Алонсо како млади возачи, им даде шанса во неговиот тим и стигна со обајцата до шампионски титули. Одговарајќи во интервју за официјалната веб страна на првенството, на Бриаторе му беше поставено прашањето кој од овие двајца возачи е подобар?
– Тоа е како да прашате дали е подобар Меси или Роналдо! За мене, Фернандо иако е Шпанец, е помалку емотивен отколку Михаел. Додека Михаел беше можеби подобар во мотивирањето на тимот, Алонсо е оној што никогаш не се откажува. Ми текнува на трката во Имола 2005 година, буквално 15 круга Михаел беше залепен до болидот на Фернандо. Ни едниот ни другиот не направија ни најмала грешка. Фернандо во последната година од Формула 1 беше несреќен, а сега е среќен бидејќи е слободен. Тој е тркач, сака да се трка во сè што се движи! Тој е подготвен за следната година, 100%. Опасен возач!