Lamborghini Essenza SC – V12-Али Баба и 40 разбојници на Ламборџини

12/08/2020

Саемските манифестации и натаму се откажуваат, но производителите се враќаат „во игра“ со производството по првиот шокантен удар од веќе познатата ситуација во светот. Покрај тоа што фабриките за автомобили произведуваат маски и разновиден медицински материјал, но и машини за дишење, лансирањето на новитетите не изостана. Ламборџини, познатата италијанска марка која умее да прави исклучиво луксузни купе спортски автомобили, на крајот од месец јули го претстави моделот „есенца сц – V12“.

Засега „најесенцијалното“ што е излезено од халите во Санта Агата Болоњезе во себе има 6,5 литарски агрегат со 12 цилиндри во V во кој се сместени драматични 842 коњски сили кои се пренесуваат на задната оска преку шестстепена автоматска кутија. Најинтересниот детаљ од супер брзиот автомобил кој е строго наменет за употреба на тркачките патеки, e неговата менувачка кутија. Таа е структурално вткаена во монокок шасијата, што значи е нејзин основен и составен дел. А шасијата е изработена од јаглеродни влакна, материјал од кој сè уште се произведуваат супер брзите и тркачките возила. Покрај исклучиво лесната шасија, тркачкиот Ламборџини наречен „есенца цс V12“ има тркала направени од лесен метал, односно магнезиум, исто како болидите од формула 1.

Тие што ќе имаат прилика да станат сопственици на 40 есенцијални супер брзи автомобили изработени во работилницата Ламборџини, ќе уживаат во возењето и тоа не било каде туку на тркачките патеки ширум светот кои ФИА, Светската Автомобилска Федерација, ги има класифицирано како првокласни.

А за тоа како се управува супер брзиот „ламборџини есенца сц – V12“, ќе ви покаже лично Емануеле Пиро (во улога на Али Баба), некогашен возач во формула 1, тест возач во Мекларен и петкратен носител на титулата 24 часа Леман. Покрај тие 40 среќни сопственици (во улога на разбојници) ќе биде и Марко Мапели, фабричкиот возач, кој секако има што да им појасни и разјасни на идните пилоти како да се справат со 842 КС на тркачка патека. Во овие топли летни денови, брзото возење со „ламборџини есенца сц – V12“ на некоја тркачка патека ќе биде од голема помош затоа што ќе има добро проветрување.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.