ИАКО Е ПОЗНАТО ДЕКА ЌЕ ОДИ ВО ФАБРИЧКИОТ ТИМ НА ЈАМАХА ДУРИ СЛЕДНАТА ГОДИНА, ФАБИО КВАРТАРАРО ВЕЌЕ ВО ПРВАТА ТРКА ОД НОВАТА СЕЗОНА СО САТЕЛИТСКИОТ ТИМ СПОНЗОРИРАН ОД ПЕТРОНАС, УСПЕА ДА СТИГНЕ ДО ТРИУМФ КОЈ БЕШЕ ИЗРАЗЕН СО ПОЛ ПОЗИЦИЈА И ПОБЕДА ВО ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ШПАНИЈА.
По долго чекање, во Шпанија стартуваа возбудувањата од светското првенство во Мото ГП, при што ревидираниот календар за оваа сезона предвидува седум трки во оваа земја во текот на 2020 година.
На добро познатата патека во Херез насловена во чест на поранешниот светски првак Анхел Нието, а која вообичаено е старт на европскиот дел од сезоната во текот на пролетта, квалификациите донесоа фантастичен спектакл при што младиот Фабио Квартараро уште еднаш го демонстрираше неверојатниот потенцијал. Доминирајќи во квалификациите, тој постави апсолутен рекорд на патеката (1:36.705) за да стигне до втората пол позиција во кариерата. Тоа беше вовед во неговиот прв триумф и во трка од „кралската класа“, откако минатата сезона во неколку наврати заврши „во опашот“ на Марк Маркез.
Иако стартуваше прв, Квартараро имаше лош почеток и падна на четвртото место, но сепак успеа да се стабилизира и да дојде до првото место. Французинот самостојно ги мина Милер и Вињалес, додека немаше потреба да го прави тоа со Маркез кој приреди спектакл, но залудно, бидејќи имаше страшен пад по неверојатниот камбек. Имено, Маркез најпрво излета кога беше прв и падна на 16-то место, но потоа следеше неверојатно возење од негова страна, кое го доведе на третото место. На четири круга пред крајот, Маркез сакаше да го мине и Вињалес, но сепак префорсира во еден свиок и претрпе страшен пад, поради кој беше брзо испратен во болница.
Од таборот на „Репсол Хонда“ потврдија дека актуелниот светски шампион заработил фрактура на горниот дел на раката, нешто што било утврдено со првите снимања во болницата каде беше префрлен Маркез, а тоа може да се одрази на неговите амбиции за нова шампионска титула. Операцијата е закажана два дена по одржувањето на трката, но камбекот е неизвесен.
– Докторите утврдија фрактура на раката и тоа во нејзиниот горен дел. Сè останато ќе биде детално проверено во болницата. Засега не можеме да кажеме ништо за периодот на рехабилитација, – изјави Алберто Пуч, директор на Репсол Хонда.
– Понекогаш работите не изглегуваат според очекувањата, но најважно е да се вратиш и продолжиш. Се надевам дека уживавте во враќањето на трките, сега ме очекува операција за да ја санирам фрактурата на десната надлактица. Ви ветувам дека ќе се вратам најбрзо што можам и ќе бидат уште посилен, – напиша Маркез на социјалните мрежи. Се очекува операцијата да биде изведена во вторник, со што Маркез нема да биде во можност да вози на втората трка во Херез, закажана по само седум дена.
Втор на крајот заврши Маверик Вињалес, а подиумот го комплетираше Андреа Довициозо за кого ова е голем успех ако се знае дека пред неполн месец направи операција на клучната коска. Валентино Роси го комплетираше лошиот викенд со откажување, а во првите 10 завршија уште Милер, Морбидели, Еспаргаро, Бањаја, Оливеира, Петручи и Накагами. Поредокот во трката воедно е поредок и во генералниот пласман бидејќи со ова гран при се отвори сезоната.
УШТЕ НЕИСПРОБАН, А ЗАМЕНЕТ!
По крајот на минатата натпреварувачка сезона, Хонда испорача „бомба“ во јавноста и ги спои браќата Маркез во ист тим, но во ситуација кога новата сезона беше одлoжена поради коронавирусот, Јапонците подготвија нов план за 2021-ва година.
Сега Хонда соопшти дека Пол Еспаргаро ќе биде тимски колега на светскиот првак Марк во 2021-ва година, додека Алекс Маркез од Репсол Хонда, ќе се префрли во сателитскиот тим, ЛЦР Хонда. Двата договори се во времетраење од две години, што значи дека Пол Еспаргаро по крајот на оваа година го напушта КТМ и се сели во Репсол Хонда, тим со кој на секоја трка ќе има највисоки цели.
– Во 2021-ва година ќе ја претставувам Репсол Хонда и ќе се обидам да докажам дека сум подготвен да се жртвувам за тимот. Знам дека ќе биде уште поинтензивно. Имам уште цела сезона во КТМ и ќе се обидам да бидам на нивото на кое фабриката заслужува, – порача Пол Еспаргаро.
– Горд сум што продолжувам во Хонда и што ја продолжуваме соработката. По крајот на оваа сезона, ќе му се приклучам на ЛЦР Хонда тимот и тоа ќе биде одлично искуство за мене. Благодарен сум за довербата која ја има Хонда во мене, – порача Алекс Маркез кој очигледно не е разочаран што своето место во фабричката Хонда мора брзо да го отстапи.
ДУКАТИ СЕ ОБИДЕЛ ДА ГО КУПИ МАРКЕЗ!
Долгорочните договори се вистинска реткост во МОТО ГП зошто во спорт во кој секоја година има многу модификации не може да се даде никаква гаранција, но за нешто сосема спротивно на стартот на годината се одлучи Марк Маркез кој потпиша четиригодишен договор со Хонда. Оваа зделка изненади многумина во мото спортот, но од друга страна, пак, ни откри дека двете страни имаат огромна меѓусебна доверба која на Јапонците им го осигура светскиот шампион до 2024-та година.
Договорот на Маркез пристигна во ситуација и кога се зборуваше за негова можна бомбастична преселба во Дукати, тимот кој во изминатите три сезони не дојде до светската титула токму поради извонредниот шпански возач кој доминира со својата Хонда.
– Не е вистина дека не го контактиравме Маркез. Реалноста е дека ние го исконтактиравме, а тој брзо ни порача дека негов приоритет е да остане во Хонда, – вели директорот на Дукати, Паоло Чиабати.
– Јапонците го блиндираа со цифра, која ако не е 20 милиони евра, тогаш е 15 милиони евра годишно. Не може да се направи против оваа економска понуда ништо од наша страна, – додаде Чиабати.