КОЛУМНА СВОЕРАЧНО-ДА СЕ ПОЧНЕ ИЛИ НЕ?

31/07/2020

НАЈГОЛЕМИТЕ СВЕТСКИ НАТПРЕВАРУВАЊА КАКО ФОРМУЛА 1 И МОТО ГП ГИ РЕСТАРТИРАА СВОИТЕ ПРВЕНСТВА И ДАДОА ЈАСЕН ПРИМЕР ВО КОЈА НАСОКА ЌЕ СЕ ДВИЖИ СПОРТОТ ЗА ВРЕМЕ НА СВЕТСКАТА ПАНДЕМИЈА СО КОРОНАВИРУСОТ.

 

Протоколите и прописите кои се на сила предвидуваат да се направи сè што е можно во насока на спречување на ширење на заразата, при што трибините остануваат без навивачи до некоја подобра ситуација во иднина. Колку се строги законите, веројатно може да се заклучи и од изјавите дадени од Хамилтон и Хорнер за време на унгарското гран при, каде што се цитираат затворски казни за нив доколку е прекршен строгиот режим.

Истовремено, во пониските категории се прават обиди да бидат рестартирани трките, но во различни форми, проблемите сè уште се присутни. Најголемиот и најизразениот проблем се патувањата и минувањето на границите бидејќи повеќе земји воведуваат сопствен режим согласно бројките на заболени во една држава. Тоа се рефлектира и на логистиката и транспортот на возилата, а не само на луѓето. Парадокс е дека оние кои се натпреваруваат во повисоки форми на првенства, светски или европски, поради тоа што мораат да минат повеќе граници и да се соочат со повеќе тестови, имаат потешка задача. Притоа, надлежните служби го ценат еден клуб или тркач согласно државата која го издала пасошот, а не каде бил и каде престојувал извесен тим до тој момент. На овој начин, се става сопка на сите оние кои сакаат да возат во европски натпреварувања и да патуваат на трките согласно новите ревидирани календари.

Но, од друга страна, има и чесни исклучоци: оние натпреварувања кои се одржуваат во една земја, како што е тоа случај со Италија и Порше Карера Куп трките каде што настапува Ристо Вуков, не се оптоварени со истите транс- портнологистички проблеми како оние кои настапуваат во ТЦР Европа. Вуков се чини дека е предодреден да има најмалку вакви проблеми, па потенцијално ќе може најмногу да се фокусира на своето возење.

Овој проблем е парадоксален и мора да има извесна интервенција од ФИА за сметка на другите натпреварувања како што се континенталните собири. Конкретно, календарот на ТЦР Европа почнува со првата трка во втората половина на август и со „редовно темпо“ тера сè до ноември низ различни земји, а исто е и со календарот на ТЦР за Источна Европа. Дури и македонското првенство кое има трки што се бодуваат во околните земји е оптоварено од ваквиот проблем. Д а не се залажуваме: спортските настани знаат да бидат големи собири на луѓе и со тоа претставуваат потенцијална опасност. Примерот со фудбалскиот натпревар меѓу Интер и Валенсија често се цитира дека бил вистинска „бомба“ за ширењето на коронавирусот во Италија: десетици илјади луѓе кои го користеле јавниот превоз за да допатуваат на стадионот во еден ден ја пренесоа кобната зараза низ регионот, а дури и гостинскиот тим по враќањето во својата земја посочи дека десетици фудбалери биле заразени за време на гостувањето. Мерките на претпазливост мора да се сфатат сериозно, па секој пропис во нивна заштита е во ред. Тркачите сами по себе одамна имаат расчистено со стравовите, но сега се во улога и да се борат за заштита на туѓото здравје, како и да ги спасат своите кариери, бидејќи за многумина трките се професионална определба, а дури за механичарите и инженерите основен извор на приходи за преживување. Поради тоа и на ова поле, мора да се научиме да се справуваме со новата реалност и на таков начин да им се вратиме на трките како на возбуда која ретко се гледа.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.