Светско првенство во Формула 1-ШОУТО ПРОДОЛЖУВА, КАЛЕНДАРОТ НЕПОЗНАТ!

30/06/2020

ФОРМУЛА 1 ВО НЕКОЛКУ НАВРАТИ СЕ ОБИДУВАШЕ ДА СОЧИНИ КАЛЕНДАР ЗА РЕСТАРТИРАЊЕ НА СЕЗОНАТА, НО РАЗНИТЕ ПРЕЧКИ ОКОЛУ ПАТУВАЊАТА, ИЗОЛАЦИИТЕ И ДРУГИТЕ ПРОПИСИ, ЕДНОСТАВНО ДОВЕДОА ДО СИТУАЦИЈА ВО КОЈА СЕ ПОТВРДЕНИ САМО ПРВИТЕ ОСУМ ТРКИ ВО ПЕРИОД ОД ПОЧЕТОК НА ЈУЛИ ДО СРЕДИНА НА СЕПТЕМВРИ, ДОДЕКА СÈ ДРУГО Е ВО ФАЗА НА ПРЕГОВОРИ!

 

Oткако стана извесна варијантата дека некои трки ќе отпаднат од календарот поради разни причини, а бројот од најмалку 15 до 18 трки мора да биде задржан заради легитимитет на првенството, се прејде на договарање по две трки на извесни автодроми. Така, стартот на првенството е прецизиран за 5 јули во Австрија, но воедно е проследен со уште една трка на 12 јули, по што ќе следи „комшискиот“ Хунгароринг на 19 јули.

Августовската сесија започнува со првата од двете трки во Силверстоун на 2 август, за седум дена подоцна да има уште една за Големата награда на Британија. Барселона е „џокерот“ предвиден за 16 август повторно како домаќин на шпанското гран при, по што повторно има 14 дена пауза. На 30 август во својот традиционален термин доаѓа Спа Франкоршамп, односно трката за Големата награда на Белгија, а на шести септември, повторно во својот традиционален термин, трката во Монца за Големата награда на Италија.

Ако се направи анализа на овој редослед кој може уште да се нарече и прва половина од ревидираниот календар, станува јасно дека и покрај острата криза со пандемијата во Шпанија и Италија, овие две локации се назад во календарот, иако во нивна близина беа жариштата за кои се говореше како за воени полиња. Веќе беше потврдено дека од календарот отпаѓа Монако бидејќи нема да се бара нов датум за него, а подоцна се објави дека, исто така, отпаѓаат и уличните трки во Азербејџан и Сингапур. Најголемо изненадување е откажувањето на јапонското гран при во Сузука, кое традиционално се смета за еден од класиците покрај Спа, Монца и Силверстоун. Но, во услови на заткулисна комуникација, сите детали не се обелоденети. Мора да се земе предвид дека постои можноста и земјата домаќин едноставно да не сака да преземе ризик, без оглед во кој дел точно го гледа тоа, или, пак, се плаши од финансиски крах на трката без публика. Интересно е да се спомене дека и во мотоциклистичкото првенство, Јапонија го повлече своето гран при во Мотеги.

Со тоа се „апсолвирани“ десет од претходно планираните 22 дестинации, но исто така се смета дека доцното откажување на првата трка во Австралија всушност ја елиминираше од можноста да се најде повторно во календарот, што би значело дека 11 трки се во игра. Холандија требаше да се врати во календарот во мај, но поради пандемијата, исто така, објави дека ќе сочека една година. Најлоши се шансите за Мексико и Бразил, каде што избивањето на пандемијата се случи подоцна. Во тој дел од светот е и трката во Тексас, па чисто од логистички причини таа може да ја доживее судбината на другите две трки, доколку се откажуваат во пакет. Од друга страна, извесно е дека сезоната ќе заврши со трки во Бахреин и Абу Даби, при што дури се спомнува шансата Бахреин да има две трки, поради можноста да ја модификува патеката во сосема нов дизајн, двојно побрз од актуелниот и со многу мал број на свиоци. Со други зборови, несигурни се уште трките во Кина, Виетнам, Канада, Русија и Франција. Најголеми шанси од оваа група има Кина која преговара за две трки, додека Канада се чува во резерва доколку може да се спари со друга блиска во регионот. Останатите трки не се спомнуваат во медиумите, но затоа, пак, има заинтересираност и од две патеки кои не беа претходно планирани, а тоа се германскиот Хокенхајм и италијанскиот Муџело. Според извесни шпакулации, со две трки во втората половина од септември во Германија, потоа две трки во Кина со уште една во резерва (најверојатно Русија), календарот би можел да ја добие конечната физиономија, штом веќе се знае дека финишот е со дупла трка во Бахреин, како и една во Абу Даби. – Тие не прашаа пред повеќе време, дали сте отворени за повеќе од една трка ако имаме проблеми да најдеме алтернативи? Тоа е единствено нешто што го имам официјално од Формула 1. Тоа беше мошне рано, кога уште се обидуваа да го состават европскиот дел од календарот. Нашиот одговор беше дека можеме да преговараме на таа тема. Идејата за користење на другата конфигурација е на Рос Браун, особено деталите во кои тој навлезе. Интересно е, сметаме дека е возможна,- рече Шеикот Салман по прашање на трките во Бахреин, предвидени за крајот на ноември и почетокот на декември, кој како најголем проблем ја истакна трката од светската серија на трки на издржливост, чија што трка во календарот ја закажале за 21 ноември.

Но, ако еден предизвик беше да се состави календарот, сосема поинаков предизвик е да се направи протокол за „новата реалност“. Трките без гледачи (барем на почетокот) ќе значат помалку атмосфера, но во исто време треба да бидат соодветно шоу за ТВ преносот. Сепак, традиционалната „Парада на возачите“ ќе биде укината бидејќи беше наменета за публиката на трибините.

Традиционално пред почетокот на трката, кога сите болиди се на стартните позиции, во најголем дел ќе има само механичари и мошне ретко некој гостин, кој ќе мора да го запазува правилото за дистанцирање. Промени ќе има и во процедурата на прогласување на победниците: засега плановите се во насока првите три болида да бидат паркирани пред главната трибина, а возачите да стојат на нив. Нема да има физичко доделување на трофеи, туку тие ќе бидат прикажани само на ТВ.

Според насоките за организација, доколку се случи во некоја екипа повторно да се појави заболен како што беше случај тоа со Мекларен во Австралија, сезоната нема да се прекине и натпреварите ќе продолжат. За вакви ситуации изработен е Правилник на 80 страници и ќе биде своевидна „Библија“ за организаторите.

Надежите се големи дека во сезоната кога се прославува 70. роденден од одржувањето на првата трка, сепак ќе има шампионат. Постојат некои недоумици, бидејќи беа планирани 22 трки, па евентуалниот шампион кој би бил прогласен по мал број одржани трки, би можел да нема легитимитет каков што се посакува. Очекувањата се дека организаторите ќе успеат да создадат сезона во која ќе има најмалку две третини од планираниот број на трки, односно најмалку 15 со цел да се добие таквиот легитимитет. Ова е важно и заради ТВ преносите кои мора да ги има во извесен минимален број, за договорите за ТВ правата да бидат валидни. Може да се претпостави дека доколку првиот дел од сезоната не биде повлијаен од некакви случувања, сè би можело да оди според планот, а обратно, ако ни првите осум трки не се целосни, хипотеката се зголемува.

Ситуацијата сега претставува борба со горе доле „познат“ непријател, за разлика од она во март 2020, кога паниката беше голема. Среќата ги следи храбрите, па во овој случај тоа е единственото нешто кое навистина им е потребно на организаторите и учесниците. Среќа, и тоа во континуитет.

ПЕРФОРМАНСИ И ШАНСИ

Бидејќи помина многу време од зимските тестирања, тогаш супериорниот Мерцедес сè уште е фаворит број еден за титулата. Луис Хамилтон има шанса да изедначи или собори повеќе рекорди на Михаел Шумахер, но со оглед на неизвесноста поради капацитетот на сезоната, неблагодарно е да се зборува однапред. Се верува дека првите три трки ќе дадат добар вовед во тркачките перформанси на тимот, бидејќи Австрија како патека бара болид со конфигурација во која има потентен мотор, добар систем за ладење, а не толку сензитивна аеродинамика. Влијанието на моторот е големо, па 10 коњски сили можат да направат разлика и од 19 стотинки, велат предвидувањата, додека за Унгарија тој износ е 12 стотинки. Обратно, во Унгарија како патека со големи аеродинамички барања може да се очекуваат сосема спротивни резултати. За потсетување е дека лани на овие две патеки Ред Бул беше најдобро подготвен. Натаму, Силверстоун, Спа и Монца ќе ги форсираат брзите болиди, како што тоа беше Ферари лани. Ваквиот микс ветува жежок старт, така што првите три трки навистина можат да бидат своевиден лакмус за остатокот од сезоната, но исто така и сите осум сами по себе можат да значат дека во вториот дел од сезоната се оние на кои што нема вакви екстреми и можеби одат во прилог на Мерцедес. Како и во секоја друга ситуација, времето ќе покаже кои прогнози биле точни!

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.