МОТО ГП – РЕСТАРТОТ СИГУРЕН, КАЛЕНДАРОТ НЕ Е ДЕФИНИТИВЕН

27/06/2020

ТРКИТЕ ОД СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО НА МОТО ГП ЌЕ СЛЕДАТ ДЕЛ ОД ЛОГИКАТА УПОТРЕБЕНА И ПРИ КОНСТРУИРАЊЕТО НА КАЛЕНДАРОТ ВО ФОРМУЛА 1, КАДЕ ШТО ЌЕ СЕ ВОЗАТ ПО ДВЕ ТРКИ НА ЕДНА ПАТЕКА.

 

Додека Формула 1 ги потврди само првите осум трки за јули, август и почетокот на септември, во Мото ГП објавија календар од 13 сигурни трки и уште четири кои не се сигурни. Оттука, во официјалното соопштение се наведува дека бројот на трки ќе биде меѓу 13 и 17, но извесно е дека првите две трки се на добро познатата патека во Херез.

Рестартот на сезоната ќе се случи на 19 јули, по што ќе следи уште една трка на мотодромот „Анхел Нието“ на 26 јули. Следната група на трки најавува три викенди во низа, и тоа на 9 август во Брно, Чешка, а веднаш потоа на 16 и 23 август во Шпилберг, Австрија, на популарниот „Ред Бул ринг“. За септември по пауза од три седмици сега се резервирани три датуми, и тоа на 13 и 20 во Римини за трката која се вози како Голема награда на Сан Марино, додека на 27 септември се планира Големата награда на Каталонија во Барселона. На 11 октомври е закажана трката за Големата награда на Франција во Ле Ман, додека во следните два викенда од овој месец се планирани трките на северот од Шпанија во Арагон. Како последни во официјалниот календар фигурираат трките во Валенсија, каде што традиционално се става точка на сезоната. Овој пат на автодромот „Рикардо Тормо“ се закажани датумите 8 и 15 ноември, нешто што било пракса и во минатото гледано низ призма на датумите.

Откако се откажа трката во Катар на 8 март, на ова светско првенство му претстои мини сезона во време траење од пет календарски месеци. Сите 13 закажани трки се во Европа, додека меѓу оние кои сè уште имаат шанса да бидат дел од Мото ГП се трките во Тексас (САД), Аргентина, Малезија и Тајланд.

На овој начин се потврди дека меѓу трките за овогодинешната кампања нема да ги има редовните станици како Муџело во Италија, Заксенринг во Германија, Силверстоун во Велика Британија, како ни трките на Далечниот Исток во Јапонија и Австралија. Дополнително, стартот на Големата награда на Финска ќе биде поместен за идната сезона.

Засега нема најава за присуство на публика, но ова прашање ќе биде предмет на повторно разгледување веднаш откако сезоната ќе започне и ќе се направи пресек на она што значи здравствена ситуација во моментот, како и препораки на владата на земјата домаќин.

– Како промотори имавме тешка задача. Веднаш кога го добивме одобрувањето за протоколот, бевме во можност да го предложиме овој календар. Некои трки ќе се возат по два пати, мора да ги испланираме така заради ограничувањата на протокот на луѓе преку границите, додека други ќе се возат само еднаш. На овој начин ќе организираме 13 трки, а ќе биде мошне интересно доколку успееме да вметнеме и трки надвор од Европа. Се надеваме дека ќе успееме да го објавиме конечниот календар до крајот на јули, а во него да ги вметнеме можните четири трки кои би требало да завршат до 13 декември,- објасни Кармело Езпелета, извршен директор на промотерската компанија „Дорна“ која што стои зад Мото ГП.

– И покрај многуте пречки и ограничувања кои ќе мораме да ги прифатиме, мислам дека е позитивна вест што конечно имаме календар кој ќе ни овозможи да се тркаме во 2020 година, иако во редуцирана форма. За време на самоизолацијата ние како тим направивме сè што можевме за да бидеме подготвени за стартот на сезоната. Календарот е мошне збиен, ќе бара големи напори од секого, не само од возачите, туку и од сите инженери и механичари. Поради сето ова, сакам да се заблагодарам на сите во Дукати Корсе (тркачкиот оддел), како и на нашите партнери и спонзори за поддршката и разбирањето во овие тешки времиња, – рече Луиџи Дал Иња, првиот човек на италијанскиот тим од Борго Панигале.

Возачите воглавно се радосни што се враќаат во седлото, при што Довициозо од своја страна предупредува дека нема да има простор за грешки, а Петручи додава дека иако добро ги познаваат некои патеки, сè ќе биде мошне поразлично бидејќи на пример Херез редовно го возат во период април – мај, а сега тоа ќе биде јули кога ќе има драстична разлика во условите за возење и ќе се истакнат оние што најбрзо ќе се приспособат на новата ситуација.

Сезоната во 2020 година и без ова ќе влезе во историјата, бидејќи се претпоставува дека може да биде последна за деветкратниот првак Валентино Роси, додека во тимот на Репсол Хонда покрај Марк Маркез ќе дебитира неговиот брат Алекс Маркез.

19 јули ГН Шпанија, Херез
26 јули ГН Шпанија, Херез
09 август ГН Чешка, Брно
16 август ГН Австрија, Ред Бул ринг
23 август ГН Австрија, Ред Бул ринг
13 септември ГН Сан Марино, Римини
20 септември ГН Сан Марино, Римини
27 септември ГН Каталонија, Барселона
11 октомври ГН Франција, Ле Ман
18 октомври ГН Арагон, Арагон
25 октомври ГН Арагон, Арагон
08 ноември ГН Валенсија, Валенсија
15 ноември ГН Валенсија, Валенсија

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.