РАЗВИЕН ОД ОДДЕЛОТ ЗА МОТОСПОРТ НА PORSCHE НОВИОТ 718 CAYMAN GT4 НУДИ СПОЈ НА СИРОВО НЕФИЛТРИРАНО ВОЗАЧКО ЗАДОВОЛСТВО И ПЕРФОРМАНСИ ПРИМЕРНИ ЗА ТРКАЧКА ПАТЕКА, ВО ДО СЕГА НАЈМОЌНАТА ИЗВЕДБА ВО ИСТОРИЈАТА НА МОДЕЛОТ.
Задачата на одделот за мотоспорт на Porsche, или како што гласи оригиналното име Porsche Motorsport GmbH, e да се грижи за успесите на престижната марка на тркачка патека, но и да создава сериски модели кои се примерни да бидат тркачи хомологирани за редовен сообраќај. Еден таков тркач од најновата генерација чистокрвни грла кои доаѓаат од одгледувачницата на Porsche Motorsport е 718 Cayman GT4. Чичка нова играчка за возрасни деца која нуди досега невиден спој на ултра високи перформанси примерни за соборување рекорди на тркачка патека и сирово нефилтрирано возачко задоволство кое мами насмевки со секој одвозен метар. Филигрански дотерана шасија спремна да вози во GT шампионат, во комбинација со високо ефикасната аеродинамика, моќни сопирачки и високо-туражен атмосферски мотор го претвораат Cayman GT4 во предмет на страст гладен за секој свијок.
ВОЗБУДА ОД ВИСОКИ ВРТЕЖИ
Срцето на 718 Cayman GT4 e високо-туражен 4.0 литарски шест цилиндричен боксер. Доаѓа од истата фамилија на мотори кои ја красат и 911 Carrera S, но за разлика од нов во Porsche Motorsport одлучиле турбо-полначот да го стават на страна. 4.0 литарецот на Cayman GT4 дише слободно како птица во лет. Нуди линеарно ослободување на моќноста и е способен да се врти до високи 8000 min-1 што е прилично невообичаено за еден сериски мотор, доколку една енергана од ваков ков може да се нарече сериска. Благодарение на хоризонтално поставените цилиндри вибрациите се сведени на минимум, моторот работи мазно со одзив на миг на секое притискање на педалот за гас и музицира со специфично крешендо кое наежува посебно кога се врти во горно работно подрачје. За ова е задолжен спортскиот издув дизајниран во лабораторија и тестиран на патека. Опремен со предимензионирано коленесто вратило, картер од композит и пиецо инјектори 4.0 литарецот ослободува 420 КС при 7600 min-1 и максимален вртежен момент од 420 Nm меѓу 5000 и 6800 min-1, доволни за спринт 0-100 km/h за 4,4 сек., 0-160 km/h за 9,0 сек., и 0-200 km/h за 13,8 сек. Максимумот застанува на 304 km/h. Покрај ултрависоките перформанси „боксерот” е способен и да штеди со исклучување на инјекторите на еден цилиндерски блок при констатнтно оптоварување меѓу 1600 и 3000 min-1. Исклучувањето на цилиндерски блок се менува на секои 20 секунди за да се обезбеди еднобразно оптоварување и проток на издувни гасови низ катализаторите. Исклучувањето е скоро незабележливо за возачот, а постои и опција за деактивирање.
ИНСПИРИРАН ОД МОТОСПОРТОТ
Фино дотераниот мотор е само една компонента од равенството кое резултира со врвно возачко доживување. Моќната коњица кон подлогата ја испраќа шестстепен рачен менувач со двоен замаец, преку механички диференцијал со огра- ничено пролизгување опремен со систем за рамномерна распределба на вртежниот момент меѓу погонски- те тркала. На овој начин се подобрува тракцијата во свијок, посебно при напуштање на свијокот. Погонот секако е одзади, а моторот поставен ниско во центар на шасијата значително ја подобрува возната динамика заради ниското тежиште. Одот на рачката од менувачот е за 20 mm покус во однос на стандардниот 718 Cayman со што се постигнува подиректно и поостро чувство при менување. Воедно менувачот има функција т.н. „Auto Blip” која додава меѓугас секогаш кога се префрла во понизок степен на пренос со што се зголемува чувството дека се седи зад волан на вистински тркач.
АГИЛНОСТ ПО МЕРКА НА СПОРТИСТ
За да се обезбеди агилност по мерка на тркач 718 Cayman GT4 носи конструкција на предна и задна оска заедно со носечкиот рам од 911 GT3. Ова сознание, само по себе, ветува врвна возна динамика. Зајакнатата задна оска од лесна легура носи амортизери и пружини поставени по принципот „upside-down” кој обезбедува поголема стабилност и по- голема прецизност при водењето. Истото важи и за предната оска која нуди директен и остар одзив дури и на најмало свртување на волан. Оваа прецизност се должи и на конекцијата на водилките со шасијата. Имено, Cayman GT4 користи топчести лежишта кои обезбедуваат цврста врска со шасијата без можност таа да игра при големи напрегања во свијок. Активното потпирање на Porsche, или Porsche Active Suspension Management го поставува GT4, 30 mm пониско до обичниот Cayman. Пониското тежиште ја подобрува способноста за странично забрзување што е пресудно на патека каде се користи целиот потенцијал на подвозјето.
НЕГАТИВЕН ПОТИСОК ЗА ПОГОЛЕМА СТАБИЛНОСТ
Внимателно дотераната аеродинамика му дозволува на Cayman GT4 да генерира висок негативен потисок кој буквално го лепи за подлогата при повисоки брзини. Инженерите на Porsche Motorsport уверуваат дека новакот има 50% поголем негативен потисок отколку претходникот. Ова најмногу се должи на посебно конструираниот издув кој дозволува поставување на вентуриева цевка под задниот дел на автомобилот која при максимална брзина генерира не- гативен потисок од 120 kg. Ова комбинирано со задното фиксно крило и предниот сплитер му дозволуваат на GT4 да ги поместува границите прилично високо.
Соодветно скроената аеродинамика овозможува и соодветен проток на воздух за ладење на моторот и на сопирачките, но и на довод на свеж воздух за хранење на моторот. Затоа дури и при најголеми напрегања сопирачките не покажуваат знаци на прегревање и бледнеење на силата на сопирање. Секако ништо помалку не може да се очекува од вентилираните дискови од 380 mm поставени и напред и назад. Нив ги зафаќаат фиксни сопирачки клешти со по шест клипа напред и четири клипа одзади. Кој сака ултимативен сопирачки пакет тогаш на располагање му е опцијата за карбон-керамички дискови. Тие на предната оска мерат 410 mm во дијаметар, а одзади 390 mm. Покрај подобрите сопирачки карактеристики тие се и 50% полесни, помалку ги оптоваруваат оските и затоа нудат подобра возна динамика. Во истовреме за да се знае како сопира GT4 фиксните сопирачки клешти се обоени во жолта боја која остава посебен печат на автомобилот.
ТРКАЧ СО СЕРИОЗЕН ПОТЕНЦИЈАЛ
Дека Cayman GT4 е прилично потентен автомобил докажува времето на обиколка на северниот круг на патеката во Нирбургринг. Имено, опремен со гуми со ултра високи перформанси со димензии 245/35 напред и 295/30 назад поставени на бандажи од лесен метал од 20 инчи Cayman GT4 успева да го сврти „зелениот пекол” за 7 минути и 28 секудни. Време подобро од претходникот за 12 секунди. Всушност, Cayman GT4 има подобро време и од една 911 Carrera GT податок кој говори за сериозниот потенцијал на ова чистокрвно тркачко грло спремно да освојува.
Тука влегува и внатрешното уредување во стил на тркач. Кабина преслечена во црна алкантара проткаена со конец во контрастна боја. Истата комбинација е пренесена и на воланот, а за око запнува и централно поставениот бројач на вртежи во титаниум изведба заедно со жолти акценти на инструментите и соодветно жолти игли. Седиштата носат алкантара на седечката површина и на потпирачот, додека страниците и потпирачот за глава се преслечени во бордо црвена кожа. Секако сето ова има и своја цена. Porsche 718 Caymаn GT4 како што гласи полното име на автомобилот чини убава сума од 99.200 долари.