Производителот на супер брзи автомобили Кенигсег повторно руши рекорди. Претходно тоа се случи во пустината Невада во САД кога „кенигсег агера рс“ постави светски рекорд во класата од 0 до 400 км/ч и повторно до 0 км/ч. Дотогашниот рекорд беше срушен за преголеми 1,8 секунди, односно временски изразено целата „операција“ траела 33,29. По две години, Кенигсег повторно го собори рекордот, овој пат сопствениот. Сега операцијата „0 – 400 км/ч – 0“ траела 31,49 секунди. Според производителот на автомобилот му биле потребни 22,87 секунди да постигне 400 км/ч, а потоа уште дополнителни 8,62 до 0 км/ч.
Сега да видиме каков автомобил е „кенигсег регера“. Погонската единица има осум цилиндри поставени во V со работна зафатнина од 5,0 литри. Во комбинација со двоен турбо компресор и електромотор напојуван од 4,5 kW водено ладена литиум јонска батерија, супер автомобилот развива 1120 КС и огромен вртежен момент 2000 Нм. Заедничката силина од двете погонски единици се пренесува на задната оска преку автоматски менувач со една брзина од домашно производство. Многумина експерти и познавачи на автомобилите биле скептици во врска со директниот пренос на си- лината направен од конструкторите на Кенигсег. Затоа по соборување на сопствениот рекорд, основачот на компанијата и воедно директор, Кристијан фон Кенигсег, се огласи со следнава изјава: „Ова беше добра можност да се докаже вистинската способност на директниот пренос“. И за крај им порача на скептиците дека моделот „регера“ може да постигне подобри резултати доколку успее да ги усогласи сите услови, мислејќи на метеоролошките, влажност на воздухот, мирно време без ветар, температура на воздухот која е најповолна за аеродинамиката на автомобилот, температурата на асфалтот итн. Рекордот е соборен на 23 септември на домашен, шведски терен, на воениот аеродром „Рада“.