Интервју со Ристо Вуков – ГОДИНАТА НА РИКО

20/07/2019

МАКЕДОНИЈА ОДАМНА СЛУШНА ЗА РИСТО ВУКОВ КОГА ТОЈ ГИ ПРАВЕШЕ ПРВИТЕ УСПЕСИ ВО НАСТАПИТЕ СО КАРТИНГ, НО ДЕНЕС 23-ГОДИШНИОТ ВОЗАЧ ИМА ПРЕД СЕБЕ ДРУГИ МОТИВИ И ЦЕЛИ.

 

Ристо Вуков веќе четири години ја гради својата кариера меѓу возрасните возачи, каде што реши најпрвин да го „испече занаетот“ на трките од Отвореното првенство на Србија. Во ова интервју открива дека првичните планови не се покажале најпрецизни, но и дека рестартирањето на македонските трки многу му помогнале. Повторно е со високи предизвици, како и визија што понатаму во овој спорт.

АМСМ КМ: Веќе неколку години настапуваш во Отвореното првенство на Србија, а од неодамна и во рестартираниот македонски шампионат. Во минатите интервјуа не ги криеше аспирациите за настап во некоја од европските тркачки серии како ТЦР Европа, па еве за почеток објасни ни какви се твоите визии во овој момент?

Вуков: Морам да бидам искрен и да кажам дека изостанаа успесите кои ги очекував, или уште подобро, сфатив дека агендата која си ја зацртав бара повеќе време и посветеност отколку што мислев. Немав намера да си отидам од Отвореното првенство на Србија додека не го остварам зацртаното, односно да го освојам шампионатот, па да си заминам достоинствено во повисок ранг на натпреварување. Големата приказна наречена ТЦР сè уште е далеку за нас, но охрабрува тоа што сè повеќе наши возачи стигаат до ова ниво, и сè повеќе мечтаат да возат на меѓународната сцена.

АМСМ КМ: Има ли некои новини во твоите подготовки за оваа сезона, било на спортски, било на технички план?

Вуков: Оваа сезона имам поминато повеќе километри во тестирања, отколку што извозев минативе три години заедно. Максимално сум посветен на тоа и резултатите почнуваат да се покажуваат. Веќе завршив со факултетот, поконцентриран сум, но во исто време и поопуштен, благодарение на искуствата од претходните сезони. Лани на три трки две водев, но имав малери – на Ушќе ми пукна клип, а во Краљево во претпоследен круг откажа разводник. Сменивме сè од корен на автомобилот, плус направивме второ возило кое е 95% идентично, за „не дај Боже“ дефекти кои на трките секогаш се можни. Екипата околу мене остана иста, одлично се познаваме и работиме во континуитет. Секој тренинг е испланиран, постојано го проверуваме автомобилот, постојано корегираме ако забележиме потреба, буквално сме посветени на оваа мисија.

АМСМ КМ: Започна да победуваш, дали имаш направено подетална анализа на што се должат успесите, дали конкуренцијата и понатаму е доволно силна или во игра се други фактори?

Вуков: „Хибридот“ е класа која на некој начин е престижна во Србија, па најсилните возачи се токму тука. На асфалтот сите се брзи, а и нема ситуација како во минатото да се одвојат двајца- тројца и да возат трка сами за себе. Сега буквално има случаи да се стартува од седмо или осмо место и да се избие во водство. Меѓутоа, мене лично многу ми помогна враќањето на македонските трки, со нив добив многу на психички план план, затоа што победите ме дигнаа, после напорните три сезони во Србија веќе почнав и да се сомневам во себе. Со двете победи на трките во Скопје нештата почнаа да се менуваат и оваа година со многу подобро чувство влегов во првенствата. Во Македонија возев и победив во Кичево и во Скопје, а во Србија веќе ги совладав сите патеки, на секоја од нив имам возено барем по три четири трки. Оваа сезона за мене почна во Кичево, па на крилјата на тој успех почнаа да се нижат победи; во Нови Сад, Бања Лука, и повторно во Кичево.

АМСМ КМ: Кои се плановите до крајот на оваа сезона?

Вуков: Следен настап е во Краљево, трета трка од Отвореното првенство на Србија. Мислам дека може да биде пресудна, во смисла на справување со конкуренцијата, тактизирање со поените. Освен Часлав Тошиќ, мислам дека солидни шанси имаат и Душан Настасијевиќ, Предраг Ламбаша и Петар Милорадовиќ, но не смее да се исклучат ни останатите. Потоа следи традиционалната трка на крајот од летото на Ушќе, а финалето ќе биде во Скопје, со трка која што се бодува и за македонското и за српското првенство.

АМСМ КМ: Тоа значи дека титулата во Србија ти е посебен предизвик?

Вуков: Титулата е еден предизвик, но имам уште еден, кој се надоврзува на ова но остава и подлабока трага, бидејќи се огледува и со квалитетот на возачите од минатото. Предизвик ми е да победам на сите трки, мислам дека такво нешто што не се случило во оваа класа откако постои. Очекувам ова да ми биде последна сезона во Србија, па така желбата да заминам „на висока нога“ , со претставителен резултат е уште поголема. Тоа ќе биде своевидно збогување со „југовците“ од моја страна, одлична школа што сметам дека секој мора да ја помине, но исто така, разликите со другите класи на тркачки автомобили стануваат многу големи и мора да се стекнуваат и други искуства и да се прошируваат знаењата.

АМСМ КМ: Дали тоа значи дека сите планови за ТЦР се поместени за идната година?

Вуков: Во моментов будно ја сле- дам ситуацијата, имаме и двајца наши возачи кои веќе се натпреваруваат таму, па секако и нивните искуства ми значат многу. Доколку се укаже шанса да се вози барем една трка до крајот на сезоната во ТЦР Европа, ќе ми значи многу за идните планови, од аспект на искуството. Но, секако, ако има трка ќе има и тестирања, бидејќи не би се натпреварувал ако не се подготвам добро.

АМСМ КМ: Доаѓаш од минато со картинг, но постојано говориш за трки во ТЦР шампиона тот?

Вуков: Едноставно ме пленат интересните трки што се возат таму, а нивото на конкуренција во европското првенство е уште потешко. Разликата е што таму, исто така, мора многу да се тренира, а тоа чини многу, многу повеќе отколку самите трки. Мора да го познаваш добро возилото, мора да се помине процесот на созревање во секоја средина, па затоа сум свесен дека иако е тоа најблиску до нашите трки, сепак е многу далеку во финансиска смисла. Секој километар на тестирањата е важен, однесувањето на возилото во дадени ситуации, а сето тоа е можно во различни временски услови. Ќе повторам, успехот лежи во напорните тестирања, па ако дојде до шанса за настап, тоа би значело и многу наменски тестирања, трошење на десетина сетови гуми, испробување различни штелувања. •

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.