ЛУИС ХАМИЛТОН СЕ ИЗДВОИ НА ВРВОТ НА ТАБЕЛАТА СО ДВЕ ПОБЕДИ ВО НИЗА, НО И ДВЕТЕ БЕА ОПТОВАРЕНИ СО КАЗНИ НА НЕГОВИТЕ НАЈБЛИСКИ РИВАЛИ.
Враќањето на Формула 1 во Европа, по кусиот излет во Канада, најпрво ја донесе трката во Франција каде што Мерцедес имаше нова доминација, а Луис Хамилтон без вистински ривал на патеката стигна до нова победа.
Но, откако карванот се пресели во Австрија, неочекувано сликата на перформансите се смени и на површина излегоа црвените болиди на Ферари кои се наметнаа од самиот старт на гран при викендот. Откако слободните тренинзи укажаа дека Леклер е „опасен“, во квалификациите се разви интересна борба, каде што со мошне мали разлики меѓу водечките, младиот Моначанец зад воланот на Ферари успеа по втор пат во кариерата да стигне до пол позиција. Леклер најдобриот круг на патеката го извози за 1:03.003 минути, односно постави нов рекорд на патеката. Луис Хамилтон се најде на второто место, но за жал беше казнет со три позиции на стартот поради блокирање на Раиконен.
– Направив грешка, иако таа беше ненамерна. Преземам одговорност, казната е заслужена, но утре е нов ден и се надевам дека ќе можам да се борам за врвот, истакна возачот на Мерцедес.
На тој начин, Ферстапен од третото место беше промовиран во првиот ред, со што беше креирана историја, односно најмладиот возачки пар некогаш виден на старт од една Ф1 трки, со Леклер и Ферстапен. Следуваа Ботас и Магнусен, но данецот, исто така, заработи казна заради промена на менувачот, па Хамилтон наместо на петто, се најде на четврто место на стартот. Фетел не успеа да извозе круг во последнат трета сесија, а неговите механичари мораа да интервенираат на болидот детектирајќи можен дефект пред истиот да се случи.
На стартот од трката најголем губитник беше Ферстапен, кој слабо појде, за разлика од Хамилтон кој веднаш „го прелета“, а исто така и Фетел брзо напредуваше. Ферари беше единствениот тим со возачи кои користеа „меки“ пневматици, додека нивните ривали се обидоа со поиздржливите „медиум“, но тоа не им помогна. Леклер се одвои и без проблеми се одржуваше на врвот, а двајцата возачи на Мерцедес не создадоа шанса за напад.
Откако во првите пит стоп сите се одлучија за „тврди“ гуми со кои возеа до крајот, до израз дојде тајмингот на менувањето. Ферстапен влезе последен во боксот, десет круга подоцна од другите и во финишот на трката имаше посвежи пневматици, па со вонсериска брзина почна да ги престигнува ривалите, за на крај да дојде и до Леклер. Возачот на Ферари успешно се одбрани во неколку наврати, за на крајот Ферстапен да преземе маневар со влез од внатрешната страна на свиокот, по што не му д озволи на Леклер д а се врати на патеката.
Меѓу нив имаше контакт, па стјуардите го испитуваа целиот случај иако дозволија Ферстапен да го добие пехарот, за разлика од ситуацијата со Фетел во Канада, кога имплементираа казна од пет секунди во текот на трката.
Кристијан Хорнер очекувано беше меѓу најеуфоричните по победата на Макс Ферстапен и правеше медиумски притисок пред одлуката да биде донесена.
– Мислам дека Макс му остави доволно простор на Леклер, тој влезе агресивно, што можеше Макс да направи? Ова се момци на иднината и ако му ја одземат победата на Ферстапен, тоа ќе биде кражба за цела Формула 1, потребно ни е в озачите да одат тркало на тркало и да се борат, вели тимскиот шеф на Ред Бул.
На крајот, стјуардите решија да не го казнат возачот на Ред Бул за претекнувањето на Шарл Леклер во завршницата на натпреварот. Официјалното објаснување е дека не може да се лоцира одлучувачка вина кај еден од двајцата возачи и ситуацијата се смета за возачки инцидент. Одлуката не им се допадна во таборот на Скудерија, но тимскиот шеф Матија Биното истакна дека ќе биде прифатена без многу драматизирање.
– Мислам дека Леклер беше истуркан од патеката, но не е важно бидејќи фановите сакаат спектакуларна Формула 1, каква што видовме денеска. Одиме понатаму, во Канада сметав дека победата треба да биде наша, денешната одлука е погрешна, но ќе ја прифатиме. Му честитам на Ферстапен, а ние ќе се концентрираме на следната трка. Постои можност за жалба на оваа одлука, но ние нема да ја поднесеме бидејќи сметаме дека оваа одлука ќе има позитивно влијание за иднината на овој спорт, потенцирал Биното.
Со овие тројца го имаме најмладиот подиум во историјата на Ф1, поточно годишната возраст е 24 години и 156 денови. Четвртата место го зазема Себастијан Фетел од Ферари, а пак како петти заврши бранителот на титулата Луис Хамилтон (првпат сезонава без пиедестал).