ГАМАТА НА PORSCHE ВОЗИЛАТА СЕКОЈА ГОДИНА СТАНУВА СЀ ПОБРОЈНА И ПОРАЗНОВРСНА НУДЕЈЌИ ГИ НАЈДОБРИТЕ ТЕХНОЛОШКИ ОСТВАРУВАЊА ШТО ВО МОМЕНТОВ МОЖАТ ДА СЕ НАЈДАТ ВО АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА. ТОА ДОАЃА КАКО ОДГОВОР НА ОЧЕКУВАЊАТА НА КУПУВАЧИТЕ СО ПРЕБИРЛИВ ВКУС И СПЕЦИФИЧНИ ПОТРЕБИ КОИ БАРААТ ОСОБЕН КАРАКТЕР ПРИ ИЗБОР НА СВОЕТО ПРЕВОЗНО СРЕДСТВО.
На покана од ексклузивниот импортер за возилата на престижната германска марка Porsche за Македонија имавме можност да учествуваме на настанот кој ги опфаќа земјите од Централна и Источна Европа. Караванот по 6. пат ја посетува нашата земја, а и ова година настапува под слоганот Driving Experience. Презентацијата го сочинуваа 7 најнови изданија на моделите од гамата на компанијата. Започнувајќи со Cayman Т, преку Boxster GTS, до најновата генерација на 911 во две верзии Carrera S и Carrera 4S, луксузната Panamera Turbo Ѕ E-Hybrid, освежениот Macan во S извеба, па сè до големиот и моќен Cayenne Turbo. Патување оваа година не носи во западниот дел на нашата земја и обиколка на некои од најраскошните предели на Мавровското Езеро, Галичник и делови од поречкиот крај. Секако, за цело време под будното око на инструкторот и одговорните лица кои ги поставуваа строгите правила и начин на однесување за време настанот.
ВРАЌАЊЕ КОН ЗАДОВОЛСТВОТО ВО ВОЗЕЊЕТО – 718 CAYMAN T
Најмалиот во гамата, моделот 718 Cayman T е задвижуван од 4 цилиндерски боксер агрегат кој е поставен централно, веднаш зад седиштата, а пред задната осовина, со што е добиен идеален баланс и распределба на тежината кои се, пак, основните предуслови за одличната управливост. За погонување е задолжен доработениот 2.0 турбо мотор со 300 КС чии што перформанси се повеќе од секојдневни, од 0 до 100 км/ч стигнува за 5,3 секунди, додека стрелката на брзиномерот запира во близина на 275 км/ч. Со најмала моќност од сите автомобили во групата 718 Cayman T не се обидува да руши брзински рекорди туку да го врати она што највеќе им недостасува на модерните спортски автомобили, а тоа е уживањето во возењето и забавата која што доаѓа со него без притоа да се инсистира на големи агрегати и огромен број на коњски сили. Врвните возни својства се добиени со помош на намалената тежина и доработеното потирање на автомобилот.
МОЌЕН КАБРИОЛЕТ СО СЕРИОЗНИ МОЖНОСТИ – PORSCHE BOXSTER GTЅ
Бидејќи временските прилики ни одеа во прилог седнавме зад управувачот на 718 Boxster GTЅ. Првиот чекор што следеше беше спуштањето на платнениот кров, со неговото отворање покрај уживањето во пријатното време ав- томобилот ни овозможи потполно аудио задоволство кое го испраќа издувниот систем. Кабриолетот 718 Boxster GTЅ е придвижуван од 2.5 литарски четирицилиндричен боксер мотор кој располага со моќ од 365 КС. Агрегатот е поставен централно, веднаш зад седиштата а пред задната осовина, идентично како кај моделот Cayman. Перформансите на 718 Boxster GTЅ се за почит иако автомобилот не е од „хард кор“ сериите на производителот со постигнувања кои не се занемарливи. Од место на мирување до 100 км/ч во малиот кабриолет се стигнува за точно 4,1 секунди, а неговата крајна брзина е 290 км/ч.
НОВ БЛЕСОК НА ЛЕГЕНДАТА – 911 CARRERA S И CARRERA 4Ѕ
Од оваа година компанијата ја стартуваше новата генерација (992) на автомобилската икона наречена 911 која е нешто подолга и поширока од претходната. Новитетот доаѓа само во еден каросериски облик кој е проширен на задниот дел, детаљ што обично беше резервиран за помоќните изведби на „девестоединаесет“ во минатото. Моделот 911 Carrera е основата на целата марка, затоа на него секогаш се посветува посебно внимание. Познат по својата одлична управ- ливост и беспрекорна избалансираност, новиот модел повторно ја поместува границата и го поставува 911 на ново, повисоко ниво од кога и да е досега. Боксер агрегатот со 6 цилиндри и зафатнина од три литри е основа, а кај верзијата Carrera S и 4Ѕ пр оизведува 450 КС. Силата во зависност од верзијата се пренесува само на задната осовина или на сите 4 тркала. преку нова 8 степена PDK менувачка кутија која се карактеризира со исклучителна брзина при промена на степените. Во зависност од верзијата забрзувањето до 100 км/ч трае 3,5 секунди, а максималната брзина оди на 308 км/ч. кај моделот со заден погон, додека изведбата со погон на сите тркала забрзува до 100 км/ч за 3,4 секунди и има за 2 километри пониска крајна брзина. Со своите перформанси новата 911-ка уште во (засега) стандардната Ѕ конфигурација сериозно се доближува до можностите кои ги поседуваат автомобилите од класта над.
ДВЕ СРЦА, ДВА КАРАКТЕРИ – PANAMERA S E-HYBRID
Првиот модел на компанијата кој го доби новиот хибриден систем развиен да работи во спрега со, исто така, новиот 4 литарски V8 турбо агрегат е токму Panamera S E-Hybrid. Комбинацијата од двата двигатели произведува вкупна моќност од 680 КС кои обезбедуваат перформанси на забрзување достојни на крстосувачка ракета. Стрелката на брзиномерот запира на 310 км/ч, од 0 до 100 км/ч се катапултира за 3,4 секунди, а за цело време со себе ја носи и тежината од минимални 2.385 кг. Покрај атлетските моќи Panamera S E-Hybrid може да го покаже и своето второ јас, со притискање на едно копче магично да се претвори во автомобил кој на најдобар можен начин се грижи за околината и по урбаните средини да се движи исклучително тивко и смирено. Тоа се должи на електричниот склоп со моќ 136 КС кој со помош на батерискиот систем од 14 Kwh обезбедува автономија од 40 км само на електричен погон и тоа сe додека стрелката на брзиномерот не стигне до 130 км/ч.
СПОРТИСТ СО ПРАКТИЧНИ МАНИРИ-MACAN Ѕ
Моделот Macan во Скопје пристигна во својата најмоќна изведба за сега. Најмалиот SUV од гамата на возила го движи моторот во V6 твин – турбо конфигурација со зафатнина од 3 литри кој произведува 354 КС. Моќниот агрегат се грижи Macan Ѕ да го однесе до 100 км/ч за 5,1 секунди и преку 250км/ч максимална брзина. Осмислен како возило за млади семејства, кое во себе идеално го комбинира дизајнот, практичноста и спортските афинитети, овој модел секогаш е подготвен за авантури и акција како во секојдневниот сообраќај, така и на отворен пат, но и на терен каде што може да ги покаже своите теренски способности.
ФАСЦИНАНТНИ ПЕРФОРМАНСИ – CAYENNE TURBO
Знаменосецот на компанијата, кога се во прашање SUV возилата на марката не остава ништо на случајноста, и затоа Cayenne во понудата го има моделот Turbo. По проверен рецепт Porsche во него вградува 4 литарски V8 мотор со моќ од 550 КС, тоа е истиот двигател од Panamera сo идентична додавка. Како што ни е веќе познато оваа моторна опција се одликува со исклучителни перформанси, затоа сметаме дека постигнувањата на 2.250 г тешкото возило се фасци- нантни, големиот SUV забрзува до 100 км/ч за 3.9 секунди, а стрелката за забрзување оди до крајните 286 км/ч. Силата се испорачува преку Tiptronic S менувачот со 8 брзини кој работи исклучително мазно и секогаш е во вистински степен на пренос.