MERCEDES-AMG ПОСТАВУВА НОВ РЕКОРД ВО „ЗЕЛЕНИОТ ПЕКОЛ”, КАКО ШТО ЉУБИТЕЛИТЕ ГО НАРЕКУВААТ СЕВЕРНИОТ КРУГ НА ПАТЕКАТА НИРБУРГРИНГ. СЕГА ТОЈ СЕ ОДНЕСУВА НА НОВИОТ ЧЕТИРИСЕД GT 63 S 4MATIC+ СО ПЕРФОРМАНСИ НА СПОРТСКИ АВТОМОБИЛ И КОМФОР НА ЛУКСУЗНА ЛИМУЗИНА.
Ретко кој производител се впушта во предизвикот да создаде модел кој нуди комфор и луксузно уредување на една престижна лимузина со перформанси кои се еквивалент на еден спортски автомобил. Mercedes зaедно со својот спортски оддел AMG е еден од ретките. Таму под кровот на одгледувачницата на змееви во Афалтербах никна ново чистокрвно грло под чија хауба бревтаат 639 галопирaчки коњи способни за исклучителни достигнувања. Едно од нив е и поставувањето на нов рекорд на северниот круг на патеката Нирбугринг која се смета за најтешката патека на светот. Воден од сигурната рака на поранешниот тркач и сегашен инженер и експерт за развој на возна динамика Демијан Шаферт, четириседот, поточно купето со четири врати Mercedes-AMG GT 63 S 4MATIC+ ја сврте патеката за време од 7:25:41. Покрај 639 КС овој куршум на тркала стандардно носи бисери на возната динамика како што е комплетно варијабилен погон на четири тркала AMG Performance 4MATIC+, активно управување на задна оска, електронски управуван заклучувачки диференцијал на задна оска и AMG Dynamics програма за агилност. Единствена опција која Mercedes-AMG GT 63 S 4MATIC+ ја имаше на Нирбургринг беа гумите Michelin Pilot Sport Cup2, последното зрнце во мозаикот за оптимална тракција и совршено забрзување при излез од свијоците на „Зелениот Пекол”.
V8 БИТУРБО ЗА СПОРТСКИ ПЕРФОРМАНСИ
Под хауба на Mercedes-AMG GT 63 S 4MATIC+ поставен на активни носачи стои биковски моќниот 4.0 литарски V8 битурбо каде двата турбо полначи се поставени од внатрешна страна на цилиндрите, или во средина на врелото V. На овој начин заради покусиот пат на издувните гасови се добива поголем проток и побрз одзив на турбо полначот. Полнењето на цилиндрите е моментално, заради што лесно од моторот се извлекуваат 639 КС кои стојат на располагање меѓу 5500 и 6500 min-1. Максималниот вртежен момент од камионски 900 Nm е искористлив меѓу 2500 и 4500min-1и силно го турка автомобилот дури и при најмало допирање на педалот за гас. Затоа Mercedes-AMG GT 63 S 4MATIC+ е способен да се катапултира од место до 100 km/h во само 3,2 секунди и да улови максимални 315 km/hи покрај тежината од 2045 kg. Но, не е сè во моќноста. Овој моќник знае да биде штедлив. При делумна оптовареност и кога е избран модусот Comfort системот за контрола на моторот ги деактивира цилиндрите 2, 3, 5 и 8 со што значително се намалува потрошувачката. Просекот е 11,2 l/100 км. Деактивирањето функционира во широк дијапазон на вртежи од 1000 до 3250 min-1. Целиот процес оди меко, воопшто не се чувствува во кабината и не влијае на комфорот.
ИНТЕЛИГЕНТЕН ПОГОН НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА
Деветстепениот автоматик AMG SPEEDSHIFT MCT 9Gе задолжен за пренос на импресивната моќност кон сите четири тркала. Посебно скроениот софтвер нуди екстремно куси менувања и брз одзив. Функцијата со две спојки дозволува брзи повеќекратни менувања кога се префрла во понизок степен на пренос, а тука е и можноста за Race Start која обезбедува максимално забрзување без губитоци на моќност. Погонот на четири тркала преку повеќеламелна електро-механичка спојка варијабилно ја спојува предната оска кон задната која има постојан погон. Така вртежниот момент континуирано за пренесува до оската со подобра тракција. За сладокусците AMG измислил Drift модус кој комплетно ја исклучува предната оска и нуди само погон назад за незаборавни доживувања. Електронски управуван заклучувачки диференцијал на задна оска дополнително ја подобрува тракцијата при излегување од свијок. Тогаш возачот може силно да додаде гас без бојазливост дека задникот ќе го претрка носот.
ШАСИЈА СПРЕМНА ЗА ТРКА
Извонредната агилност и возна динамика која е спремна за на трка се долг на посебната суспензија на AMG. Станува збор за воздушна суспензија AMG RIDE CONTROL+ која зависно од избраниот модус нуди благороден комфор на пат и врвни перформанси на патека. Во симбиоза со широката трага и големите тркала нуди високи странични забрзувања кои се неопходни за совладување на патека во манир на тркач. Дополнителна помош на суспензијата е управувањето на четири тркала кое при брзини до 100 km/h со помош на електрични актуатори – мотори ги свртува задните тркала спротивно од насоката на предните. Така се скусува аголот на свртување и AMG GT добива на агилност влегувајќи во куси свијоци со жестина на картинг. При брзини над 100 km/h задните тркала се вртат во иста насока со предните со што се подобрува стабилноста при високи брзини и при брзо менување на насока. Едноставно задникот делува како залепен за подлога, а одзивот на шасијата на секоја команда на воланот се случува на миг. Преносниот однос на електро-механичкото управување е варијабилен и импресионира со прецизност и повратни информации. Асистенцијата на сервото е различна зависно од избраниот модус Comfort, Sport, или Sport+.
НОВИ ТРКАЛА AMG И МОЌНИ СОПИРАЧКИ
AMG GT 63S стои на нови леснометални бандажи кои се дело на инженерите и дизајнерите од Афалтербах и произведени се по нова технологија на високо квалитетно ковање. Екстремно лесни ја намалуваат масата на несуспензираните делови и дополнително ја подобруваат возната динамика.
Предните мерат 9.5 Ј х 20 Н2 ЕТ 22.5 и се обуени во гуми 265/40R 20, а задните 11.0 Ј х 20 Н2 ЕТ 20 и носат гуми 295/35 R 20. Зад оваа нова генерација на бандажи од лесен метал се сокриваат вентилирачки и бушени дискови кои ги зафаќаат фиксни шест клипни сопирачки клешти напред и пливачки клешти со еден клип одзади. AMG GT 63 се препознава по сопирачките клешти обоени во жолта боја, додека како опција стојат високоперформанси карбон- керамички дискови со во бронза обоени сопирачки клешти. Тие нудат беспрекорно сопирање дури и на патека под полно оптоварување каде обичните дискови бележат знаци на замор и прегревање. Вака дотеран Mercedes-AMG GT 63 S 4MATIC+ е спремен за големи достигнувања за што говори и беспрекорниот стајлинг со умерено агресивна нота и став кој навестува што може да се очекува од него дури и кога стои. Внатрешноста е олицетворение на луксузно уредување кое без приговор може да се носи со лимузини кои имаат благороднички титули. Секако соодветно на тоа оди и цената која кај нас ја проценуваат на 219.990 европски банкноти. Примамливо зарем не?